Во издание на „Арс ламина“ неодамна излезе од печат новата книга на Димовски, „За секоја буква приказна“, со илустрации на Игор Јовчевски, која во продолжение излегуваше и на страниците на „Колибри“. На ова дело му претходеа книгите: „Приказни за буквите“, „Приказни за голем одмор“ и „Испревртени приказни“

Неодамна излезе од печат книгата „За секоја буква приказна“ на писателот за деца и за возрасни Владо Димовски, илустрирана од Игор Јовчевски, во издание на „Арс ламина“, како дел од проектот „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“. Големо задоволство беше на страниците на „Колибри“, единствен додаток за деца во македонскиот дневен печат, да се објавуваат сите 31 приказна, во 31-от број на весникот, на што искрено се заблагодаруваме и се надеваме дека со почитуваниот Димовски ќе соработуваме и во иднина, на обострано задоволство.
Поводот да поразговараме со овој плоден наградуван автор, секако, беше новата книга, но проговоривме и за инспирацијата, за литературата за деца, за новите планови…

Ќе ни ја раскажете ли вашата приказна за тоа како и каде се роди идејата да ја напишете книгата „За секоја буква приказна“? Дали лесно и брзо ја реализиравте замислата и дали сте задоволни од крајниот резултат?
– Обично оставам спонтано да се случуваат работите. Првин излезе книгата „Приказни за буквите“ (1999 год.), потоа „Приказни за голем одмор“ (2003), во 2007 година „Испревртени приказни“ и, еве, сега, „За секоја буква приказна“. Инаку, од идеја до реализација ми треба малку време, едноставно се истурам и толку. Дали сум задоволен од крајниот резултат?!.. Секако дека сум задоволен, но треба да бидат задоволни и тие што ќе го купат производот.

Секој најмногу ги памети приказните што ги доживеал, особено оние од детството. Колку го употребувате вие она што е забележано во вашите сеќавања, животните лекции што ги научивте како дете, а колку украдовте од доживувањата на вашите деца, внуци?
– Пишувањето е момент на инспирација. И во мигот кога ќе се одважите да ја ставите приказната на хартија, вие, всушност, сте украле од сѐ по малку. И од некоја случка од детството, некоја секвенца од приказна што сум ја чул од блиските, од доживувањата со моите внуки. Сето тоа несвесно го внесуваш во приказните за потоа да откриваш од каде и што си дрпнал за да заокружиш некоја тема. Ти се враќаат многу подзаборавени слики и убаво ти е на душичката.

Секогаш, што и да пишувате, вашиот роден крај, селото Долно Дупени, покрај Преспанско Езеро има почесно место. Се чини како да нема тревка и камче што не се опишани во вашите дела. Веројатно вашиот книжевен опус би бил сосема поинаков да го нема во него вашиот роден крај?
– Да, без мојот роден крај нема приказни, нема книги, нема спомени, ме нема мене. Таму ми поминале најубавите години од животот, мислам на младоста. Таму секоја педа земја има некаква смисла. Секое патче, ѕитче, ливада, река, куќа, сѐ има мирис, боја, вкус… Долно Дупени е мојата планета што има сѐ. Планина, реки, ливади, ниви, езеро, сретсело, кооперација, убави луѓе. Наутро го пијам кафето на балконот и слушам како птиците си бараат партнери, како мрдаат трските во езерото, како се мрестат белвиците. Таму ми се замрзнати првиот бакнеж, првиот валцер, првиот фудбалски натпревар… Дел од мене се песот Мурго, воловите Сивче и Калешко, кравата Мајанка, црвениот петел. Тука почнува и тука завршува мојот филм.

Кој ги прочита прв приказните од книгата, чие мислење, добронамерна критика, ви се најважни?
– Фала богу, имам умни и образовани ќерки. Тие се дел од моето творештво во секоја смисла. Нивниот суд за напишаното ми е најважен. Дури понекогаш ги замолувам да ми напишат рецензија, но ги терам и да бидат критични без пардон.

Секако, за убавиот визуелен впечаток многу придонесуваат и убавите илустрации на Игор Јовчевски. Дали, според вас, тој на вистински начин ги оживеа главните јунаци во вашите приказни?
– Игор го познавам од поодамна. Тој е сериозен и талентиран илустратор, но и добар човек. Јас секогаш се врзувам со добри луѓе. Сигурен сум дека илустрациите на Игор се исто толку важни колку што е и мојот текст.

А тие, вашите херои се многу интересни, некогаш смешни, несмасни, другпат итри и снаодливи, некогаш имаат среќа и визија, некогаш не толку… Дали некои од нив се инспирирани од вистински личности што сте ги познавале?
– Секогаш настојувам моите херои да имаат смисла за хумор, да се живи, да можеш да им го откриеш табиетот. Многупати во некој лик од приказните се препознавам и јас, препознавам мои блиски, другари, пријатели… Види го оној ист Петре наш. Има среќа, знае што прави, снаодлив е како него. Понекогаш и јас сум збунет од некои ситуации, кои се толку блиски до она што ми се случило вчера, завчера, пред неколку недели. Всушност, во тоа е убавината на пишувањето.

Бидејќи во овој период, поради пандемијата на коронавирусот, сите јавни настани се стопирани, како ќе им ја претставите новата книга на децата, дали можеби виртуелно?
– Не знам. Оставам на издавачот да го осмисли тоа. Таму има многу млади, образовани и способни луѓе, кои одлично си ја знаат работата.
Доказ дека се грижите за зачувувањето на македонскиот јазик се вашиот ангажман на тој план низ годините и новата книга за изговорот на гласовите во македонскиот јазик.

За што конкретно станува збор?
– Ви благодарам за ова прашање. Многумина не знаат дека сум бил автор на најдолгата серија емисии за јазикот на Македонското радио и на Македонската телевизија. Не сум ги броел, но бројката е импресивна. Емисиите одеа како „Зборуваме македонски“. Всушност, најмногу писма од слушатели сум добивал токму за оваа емисија. Емисии за јазикот сум правел и со сега покојниот Јордан Јорданоски. Наша беше радиоемисијата „Јазична работилница“. И некако од таа соработка се родија големо пријателство и книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“. Книгата излезе во далечната 1995 година. Тиражот брзо се продаде и, еве, сега, по толку години „Арс ламина“ повторно ја издаде. Оваа книга е за сите деца, но најмногу за оние што имаат проблем со изговор на некој глас (С, Р, Ш, Ч…). Можат да вежбаат дома со помош на дедо, баба, родители. Во пакет со оваа книга оди мојата книга „За секоја буква приказна“, како подарок за успешно надминатиот проблем со изговорот на гласовите. Секое дете ќе си ја најде својата приказна. Сега убаво го изговорам гласот С, ќе си ја прочитам приказната за Сима од Самоков.

Речиси целиот ваш професионален ангажман им го посветивте на децата и резултат на тоа се многу книги, радио и ТВ-емисии, серии, меѓу кои беше и популарната „Умни глави“ на МРТ. Дали, според вас, возрасните можат да научат многу од децата и што е тоа?
– Да, сработив многу ТВ-серии и за деца и за возрасни. Некои поуспешни, некои помалку успешни. Но горд сум што ги направив најдолгите серии, со најмногу епизоди. Да речеме „Умни глави“ има 120 епизоди. Околу оваа серија има една интересна приказна. Кога им спомнав дека сакам возрасните да ги играат деца, уредниците ги фати паника. Потоа се виде дека тоа беше вистинскиот потег. Децата играјќи возрасни секоја вечер ни кажуваа дека сме прочитани. Па многумина ми велеа, од кај знаат децата што ми се случи пред некој ден. Ако сакаме вистински да учиме, тогаш треба да учиме од децата.

Колку, според вас, авторите кај нас ги следат светските трендови и дали, со оглед на околностите, своето творештво и традицијата ги приспособуваат на новото време?
– По ова прашање многу сум директен и лош. Не знам за кои автори зборуваме. Видете, јас полнам 69 години. Кажете ми некој млад автор што издал нешто за деца за кое зборува критиката, нешто што прави тиражи, нешто… Далеку сме од некакви светски трендови. Јас тоа што читам од автори што се преведени или им го разбирам јазикот… Понекогаш ми доаѓа да баталам сѐ и да си ја гледам староста. Погледнете какви римувани песнички или прозни состави има во учебниците. Од кој нафталин ги извлекуваат, од кои фиоки ги тегнат со специјални јадици. Значи, новото време кај нас баеги доцни.

Како ги минувате деновите во изолација и дали можеби добивте инспирација за некоја нова книга, а зошто да не и ТВ-серија за деца?
– Ова вирусот почна да ме нервира. Нормално, уплашен сум како и сите други и единствено што ме крепи е правењето скици за некои други проекти. За крај, ќе откријам нешто што би било моја нова преокупација. Се думам да почнам да пишувам роман за тинејџери. Дали ќе ме фати почетниот ентузијазам, не знам.