Фото: Пиксабеј

Холандија

Резултатите од студијата спроведена од страна на холандската агенција за претприемништво (РВО), Здружението на возачи на електрични возила и Универзитетот во Гронинген покажаа дека една третина од возачите на електрични автомобили размислуваат да се вратат на возилата на внатрешно согорување, бидејќи наскоро ќе се отфрлат даночните олеснувања за овие возила.
Речиси 60 отсто од 3.500 испитаници потврдиле дека имаат намера да престанат да користат електрични возила до 2030 година, кога целосно ќе се укинат даночните олеснувања, пренесува порталот „НЛ тајмс“.
На крајот на оваа година истекува даночното ослободување за возачите на електрични автомобили, како и попустите на дополнителните поволности, а електричниот автомобил тогаш ќе стане поскап од слични возила со мотори со внатрешно согорување. Приватните корисници на електрични автомобили ќе плаќаат и повисоки такси за патишта со образложение дека нивните возила, поради вградените батерии, се значително потешки од класичните автомобили.
Декларираната амбиција на холандската влада е дека сите нови патнички автомобили продадени до 2030 година ќе бидат без емисија на штетни гасови, што би овозможило нулта емисија на штетни гасови од моторите на автомобилите да се постигне до 2050 година.
Сепак, возачите на електрични автомобили сѐ помалку веруваат дека холандската влада навистина сака да ги охрабри возачите да користат електрични возила, а резултатите од истражувањето покажаа дека само 29 отсто од возачите на електрични автомобили веруваат дека владата навистина сака Холанѓаните да возат електрични автомобили.