Надворешната трговија на Кина порасна за 4,8 отсто на годишно ниво, на 1,44 илјади милијарди долари во првиот квартал од 2023 година, покажуваат податоците на Генералната царинска управа

И покрај глобалната економска криза, Кина бележи раст на надворешната трговија

Кина ќе ги засили напорите за стабилизирање на надворешнотрговските перформанси и истовремено ќе ја подобрува трговската структура преку низа политички мерки, изјавија владини претставници. Експертите рекоа дека се очекува земјата дополнително да ги заживее претпријатијата во секторот за надворешна трговија, а истовремено да воспостави посилна трговска соработка со напредните и со економиите во развој, во услови на негативни фактори, вклучувајќи ги и зголемениот протекционизам и слабеењето на глобалната побарувачка. Таквите напори ќе ја прошират и ќе ја надградат кинеската трговија, а исто така ќе бидат погодни за глобално економско закрепнување.
Ванг Шоувен, заменик-министер за трговија и претставник на Кина за меѓународна трговија, порача дека домашните претпријатија вклучени во надворешната трговија се соочени со предизвик од зголемувањето на трговските ризици и притисокот за подобрување на профитабилноста, иако неизвесноста на побарувачката во надворешната трговија останува најголем проблем. Ванг рече дека земјата ќе ја стабилизира надворешната трговија со клучните производи, како што се автомобилите, ќе обезбеди развој на претпријатијата, ќе ги подобри форматите и деловната средина.
Клучните мерки ќе вклучуваат помагање на автомобилските производители да ги воспостават и да ги подобрат своите глобални мрежи за маркетинг и услуги, обезбедување финансирање за големи проекти за опрема и забрзување на ревизијата на каталогот на технологии и производи за увоз. Тие, исто така, ќе вклучуваат охрабрување на банките подобро да одговорат на побарувачката за финансирање од малите и од средните надворешнотрговски претпријатија, насочувајќи ги компаниите што се занимаваат со обработка на трговијата да се преселат во централните, западните и во североисточните региони на Кина.
Ву Хајпинг, генерален директор на Одделот за општи операции на Генералната царинска управа, рече дека со цел да се решат тешкотиите и тесните грла со кои се соочуваат претпријатијата од странство, царинскиот орган ќе се фокусира на подобрување на трговското олеснување, рационализирање на логистиката за увоз и извоз, подобрување на деловната средина на пристаништата, намалување на трошоците на претпријатијата и поддршка на развојот на нови формати за надворешна трговија.
Според Џоу Маохуа, аналитичар во „Чајна евербрајт банк“, малите и средните претпријатија што се занимаваат со надворешна трговија сè уште се соочуваат со високи трошоци за суровини, тешкотии во обезбедувањето финансирање, промени на глобалниот девизен пазар и несигурности на надворешните побарувачки. Нинг Јиже, заменик-претседател на Кинескиот центар за меѓународна економска размена, смета дека Кина треба да преземе повеќе активности за да го стабилизира извозот кон главните трговски партнери, вклучувајќи ги и Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија, Европската Унија, САД, Јапонија и Јужна Кореја. Во исто време, земјата мора дополнително да го искористи новиот пазарен потенцијал во економиите што учествуваат во иницијативата „Појас и пат“ и економиите на Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка, рече тој.