Кинескиот претседател Си Џинпинг во серијата неодамнешни средби на високо ниво се сретна и со францускиот колега Емануел Макрон

Кина верува дека е важно да се искористи можноста и да се создадат услови за политичко решение, бидејќи рационалното размислување и гласовите што се залагаат за политички решенија сега се во пораст, пишува Том О’Конор за „Њузвик“

Дипломатска кампања на Пекинг за решавање на конфликтот меѓу Киев и Москва

Додека Украина го чека доаѓањето на новоименуваниот мировен пратеник од Кина, Пекинг сѐ повеќе ја зазема лидерската позиција во меѓународните напори да се запре еден од најнестабилните европски конфликти на векот. Притоа, кинескиот претседател Си Џинпинг е сериозен предизвик за долгогодишната надмоќна посредничка улога на САД, пишува Том О’Конор за „Њузвик“.
Во медиумот се истакнува и изјавата на Жерар Арно, поранешниот француски амбасадор во САД, кој е меѓу оние што тврдат дека „интересот на Западот за постигнување мир со помош на кинескиот претседател Си Џинпинг има смисла“, односно има логика и резон. Поранешниот француски амбасадор во САД, Арно, го опиша ангажманот на кинескиот претседател како позитивен, при што потврди дека „тоа би можело да го постави теренот за понатамошно движење, особено ако западните сили застанат зад Пекинг!“.

Дипломатски напори за мир на кинескиот претседател

„Њузвик“ анализира дека кинескиот претседател „ја канализира динамиката на големиот дипломатски ангажман“ и дека кинескиот лидер во својот дипломатски напор за воспоставување мир ја претстави „мировната рамка од 12 точки што ја стави неговата нација на чело на напорите за ставање крај на тековната војна“. Токму таа иницијатива дополнително се зацврсти неодамна, кога кинескиот претседател Си го одржа својот прв разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски од почетокот на конфликтот, во кој тој ја изрази својата намера да го испрати специјалниот претставник за евроазиски прашања Ли Хуи во Киев.

Матрица за разврска на украинскиот конфликт

„Њузвик“ пишува дека „и покрај неподготвеноста на Западот да ја прифати кинеската мировна иницијатива, сепак, дипломатската кампања на претседателот на Кина ги има сите услови за сериозен потфат“.
Шен Шивеи, истакнат кинески аналитичар и новинар за меѓународни прашања, за неодамнешните средби на високо ниво на кинескиот претседател Си со Макрон, Путин и другите, како и за квалификациите на специјалниот пратеник Ли во справувањето со предизвикот од украинско-рускиот воен судир, вели дека „суштинскиот став на Кина е да ги олесни разговорите за мир“. Според него, воените решенија не можат да им стават крај на конфликтите и не е лесна задача да се залага за политичко решение. Шен вели дека Кина верува дека е важно да се искористи можноста и да се создадат услови за политичко решение, бидејќи рационалното размислување и гласовите што се залагаат за политички решенија сега се во пораст. Тој додаде Кина е добро позиционирана да помогне во притисокот за политичко решение, бидејќи таа е единствената постојана членка на Советот за безбедност на ОН што одржува пријателски односи со Русија и со Украина. Тој верува дека кинескиот претседател има висок рејтинг и авторитет кај двете завојувани страни, па и пошироко. Имено, тој ја потврдува „блиската врска на Си со Путин“, но исто така вели и дека украинскиот претседател „Зеленски отсекогаш се обидувал да одржи работни односи со Кина, нација со економски потенцијал да игра значајна улога во повоената обнова на Украина опустошена од конфликтот. Како што е случајот со повеќето земји низ светот, Пекинг е исто така главен трговски партнер на Киев, а Украина е потписник на иницијативата ’Појас и пат’, фокусирана на инфраструктурата“. Затоа истакнатиот аналитичар и новинар за меѓународни прашања Шен Шивеи верува дека Кина би одиграла мошне значајна улога во делот од воспоставувањето мировно решение.

Како гледа Европа на подемот на Кина на дипломатската сцена

За разлика од САД, во Европа се појавија поделби за тоа како да се одговори на искачувањето на Пекинг на светската сцена. Посетите на Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц покажуваат подготвеност да се ангажираат и координираат со Кина на највисоко ниво. Зголемениот интерес во Европа за ангажирање со Кина за потенцијални решенија за војната, според западните медиуми, се заканува да ги стави САД на маргините на идните преговори.