Глобалната економија е во фаза на транзиција, со спротивставени сигнали што укажуваат на постојани инфлациски притисоци и потенцијал за претстојна рецесија / Фото: ЕПА

Не постои универзален лек и начин за финансиските институции да се изолираат од крупните макроекономски и геополитички непредвидливи настани

Очекувања на финансискиот сектор во иднина

Облаци од песимизам надвиснуваат над САД речиси една деценија. Политички, економски и културолошки и независно од социоекономската класа, полот, расата или географијата, мнозинството од населението нема позитивен поглед на животот воопшто. Дополнително на овој неспокој, на 16 март 2022 година, Федералниот комитет за отворен пазар го донесе првото од она што би било осум зголемувања на каматните стапки. Резултатот беше болен и за американската бизнис-клима, а најновиот значаен пример е колапсот на „Силикон вали банк“ (СВБ) и на „Сигначр банк“.
Што се однесува до актуелната банкарска криза, таа не се случи прекуноќ, туку се создаваше со години. Земјотресот во источна Турција, војната во Украина и пандемијата на ковид-19 беа исходи на долгорочни процеси. Овие настани беа само причините што ги извадија постојните тензии на површина. Научените лекции од големите настани со разорни ефекти овозможија да се намали повторувањето на таквите настани или барем значително да се намали нивното влијание. Меѓутоа, воведувањето нови правила за спречување одредени видови кризи може да го содржи семето на другите форми на криза.
Превирањата во 2008 година предизвикаа кредитна криза, големи банкроти и глобална рецесија. Потребни беа огромни и координирани инјекции на ликвидност и големо преструктурирање на банкарскиот сектор за да се извлече светот од овој хаос. Системските ризици беа контролирани со распоредување на сите форми на привремен застој во системот и зајакнување на билансот на банките.

Што се случи во неодамнешната банкарска криза?

Резимирајќи ги неодамнешните настани, СВБ, банка чиј биланс изгледаше добро, имаше висока концентрација во државните обврзници, што беше усогласено со базата на клиенти што доаѓа главно од технолошката индустрија. Како што се повлекуваше пандемијата така побарувачката за технологија опадна, предизвикувајќи отпуштања од големи размери и предизвикувајќи клиентите да се повлечат повеќе од вообичаено. Во исто време, престанаа да се отвораат нови сметки, принудувајќи ја банката да ги продаде своите обврзници со големи загуби. Следуваше паника, што предизвика класично повлекување парични средства од клиентите, што наложи потреба од интервенција на Владата за да се избегне поширок ефект.
Како резултат на тоа, неколку други помали банки пропаднаа, како што е „Сигначр банк“, но вистинскиот шок дојде со долготрајните проблеми во „Кредит свис“, банката со 167-годишна историја и за која никој не веруваше дека може да се најде на листата за пропаѓање. Стравот и паниката достигнаа кулминација, принудувајќи ја швајцарската влада да интервенира за да спречи да се оствари кризата со огромни глобални финансиски реперкусии. Настаните открија некои очигледни недостатоци во системот и загриженост дека дури и добро финансираните банки, кои се премногу големи за да пропаднат, не беа имуни од ефектите на деструктивноста.

Каква е состојбата во глобалната економија?

Се чини дека глобалната економија е во фаза на транзиција, со спротивставени сигнали, кои укажуваат на постојани инфлациски притисоци и потенцијал за претстојна рецесија. Банката на американските Федерални резерви, која беше фокусирана на борбата против инфлацијата, сега мора да се справи со последиците од нејзиното агресивно затегнување, што предизвикува стравувања од рецесија да се појават на пазарите на обврзници и валути. САД се соочуваат со неколку предизвици, вклучувајќи и забавување на економијата, рекордни дефицити што доведуваат до политички пресметки и претседателски избори во 2024 година. Растечкиот јаз со Кина и со Русија најверојатно ќе создаде економски проблеми, а процесот на делумно раздвојување на нивните економии се чини неизбежен.
Европа, исто така, се соочува со предизвици, вклучувајќи и конфликт за трошење ресурси, проширување на општествените пресврти и тековна банкарска криза. На подолг рок, Европа мора да ги обезбеди своите енергетски потреби и да се движи низ идеолошките јазови меѓу Истокот и Западот. Напорот на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ја намали зависноста од Кина преку субвенции предизвикува судир на интереси со Европа.

Какви се прогнозите?

Нестабилноста се очекува да се задржи во втората половина од годината, бидејќи светот преминува од фазата на закрепнување и инфлација по пандемијата на ковид-19 во потенцијална рецесија. Неодамнешните добивки во злато и биткоин укажуваат на недостиг од доверба во монетарните власти за да го насочат глобалното закрепнување надвор од немирните води. Пазарите на обврзници може да имаат корист со намалувањето на приносите, но исходот ќе зависи од развојот на банкарската криза.
Што се однесува до пазарите на акции, тие се соочуваат со спротивставени ветрови, особено ако економското забавување се претвори во голема рецесија, предизвикувајќи отпуштања и намалување на побарувачката на потрошувачите, дополнително намалување на профитните маржи. Ова е средина што гарантира висок степен на диверзификација со конзервативна пристрасност.
Природно е да се постави прашањето: која треба да биде улогата на Владата за да ги ублажи банкарските кризи и да ги спречи идните? Некои тврдат дека е потребна поголема регулација, додека други тврдат „да дозволи пазарот да ги реши работите“. Препознатливо е дека нема универзален лек и начин за финансиските институции да се изолираат од главните макроекономски и геополитички непредвидливи настани. Единствениот начин што финансиските институции го имаат под нивна контрола е да обезбедат дека се добро капитализирани, има разновидност во нивните портфолија, вешти се за управување со ризик, технолошки се софистицирани и екипирани со најдобрите луѓе, а тоа го вклучува и нивниот извршен директор.

Фото: ЕПА