Првиот модел на млазниот авион со 164 патнички седишта официјално ѝ беше предаден на „Чајна истерн ерлајнс“ за време на церемонијата на аеродромот во Шангај, објавија државните медиуми, што означува „важна пресвртница“ во патувањата на кинеската авионска индустрија
Кина неодамна ја објави првата испорака на својот нов патнички авион од домашно производство, а авионот се очекува да го има своето комерцијално деби на почетокот на следната година. Пекинг се надева дека комерцијалниот авион „Ц919“ ќе ги предизвика странските модели како „боинг 737 макс“ и „ербас A320“, иако повеќето негови делови се набавени од странство.
Првиот модел на млазниот авион со 164 патнички седишта официјално ѝ беше предаден на „Чајна истерн ерлајнс“ за време на церемонијата на аеродромот во Шангај, објавија државните медиуми. Овој потег означи „важна пресвртница“ во патувањата на кинеската авионска индустрија, објави државната телевизија ЦЦТВ.
Државната компанија „Комерцијална авијациска корпорација на Кина“ (КОМАК) на аеромитинг минатиот месец соопшти дека обезбедила нарачки за 300 модели од новиот авион, но не појасни дали нарачките се целосно потврдени и не даде детали за вредноста на зделките или датумите на испорака. Но ако нарачките се реализираат, тие ќе го зголемат бројот на познати зделки за „C919“ на над 1.100, врз основа на бројките од претходните изјави на КОМАК.
Домашните медиуми претходно објавија дека четири авиони се очекува да ѝ бидат испорачани на „Чајна истерн“, вториот по големина авиопревозник во земјата по број на патници до крајот на годината, пред да стапат во употреба во првиот квартал од 2023 година.
Кина потпиша договор за производство на авиони „ербас“ во вредност од 17 милијарди долари претходно оваа година, а компанијата почна да го произведува својот модел „А321“ во североисточниот град Тијанџин минатиот месец.
Моделот на „боинг 737 макс“ беше приземјен во Кина од 2019 година по две фатални несреќи, иако воздушниот гигант во јули соопшти дека може да биде одобрен за испорака од кинеските регулатори оваа година. Но долготрајните трговски тензии меѓу САД и Кина и најлошата комерцијална воздушна катастрофа во Кина на почетокот на оваа година, во која беше вклучен „боинг 737-800“, го забавија напредокот.