Кој доминира во светот во производството на електрични возила
Со речиси 900 гигават-часа производствен капацитет или 77 отсто од светскиот, во Кина се наоѓаат шест од десетте најголеми светски произведувачи на батерии. Но таа доминација не е единствена и осамена. Таа е само мал дел од севкупната доминација на Кина во областа на една интегрална индустриска репроцелина за производство на електрични возила: од базичното ископување метали за потребите на таа индустрија, до производи со највисок степен на финализација, имено, производство на електрични возила
Светот се подготвува за ерата на електричните возила. Производството на батерии стана приоритет за многу држави. Сепак, некој е веќе далеку напред во ерата на електричните возила.
Кина визионерски рано влезе во трката за батерии и сега е далеку напред во светското водство. Со помош на податоците и прогнозите од рангирањето на „Блумберг НЕФ“ за синџирот на испорака на литум-јонски батерии, анализирани се производствените капацитети на државите што се вклучени во оваа индустрија за периодот од 2022 до 2027 година, при што очигледен е фактот за доминацијата на Кина.
Производствени капацитети на државите во 2022 година
Во 2022 година, Кина имаше поголем производствен капацитет на батерии отколку остатокот од светот заедно. Со речиси 900 гигават-часа производствен капацитет или 77 отсто од светскиот, во Кина се наоѓаат шест од десетте најголеми светски произведувачи на батерии. Таа доминира низ остатокот од светот во областа на ископување метали за потребите на индустријата за производство на електрични возила, во производството на електрични возила, како и синџирот на испорака на електрични возила.
Исто така, Кина е најголемиот пазар на електрични возила, со тоа што учествува со 52 отсто вкупната продажба на светско ниво во 2021 година.
Полска е на второто место со помалку од една десетина од капацитетот на Кина. Покрај тоа, токму во Вроцлав, Полска, се наоѓа огромната фабрика на „Ел-џи енерџи солушн“, која е најголема од овој тип во Европа и една од најголемите во светот. Генерално, европските земји (вклучувајќи ги и оние што не се членки на Европската Унија) сочинуваа околу 14 отсто од светските капацитети за производство на батерии.
Иако се во сенка на Кина кога станува збор за производство на батерии, САД исто така се меѓу најголемите центри за производство на литум-јонски батерии. Заклучно од 2022 година, таму се наоѓаат осум големи фабрики, концентрирани на средниот запад и на југот од државата.
Доминацијата на Кина со сигурност ќе продолжи до 2027 година
Се предвидува глобалниот производствен капацитет на литиум-јонски батерии да се зголеми за осум пати во следните пет години. Добро воспоставената предност на Кина ќе продолжи до 2027 година, со 69 отсто од светскиот капацитет за производство на батерии.
Без оглед на растот во Северна Америка и во Европа, доминацијата на Кина е неспоредлива. Производството на батерии е само еден дел од сложувалката, иако главен. Повеќето делови и метали што ја сочинуваат батеријата, како што се литиум, електролити, сепаратори, катоди и аноди, првенствено се направени – во Кина.
Затоа, борбата на оние што се противници на доминацијата на Кина ќе биде скапа. Според „Блумберг“, САД ќе треба да инвестираат по 87 милијарди, а Европа по 102 милијарди долари, за да ја задоволат домашната побарувачка на батерии со целосно локални синџири на снабдување до 2030 година.