Состојбата се должи на недостигот од персонал кај авиопревозниците и екипите за безбедност на аеродромот, кои треба да го скенираат целиот пријавен багаж, како и фирмите за теренски услуги, кои обично имаат задача да ги носат куферите и торбите во авионите, а потоа назад до транспортните ленти, пишува Натали Лисбона за „Би-би-си“
Иновативни решенија за справување со аеродромскиот хаос
Насловите во весниците и објавите на социјалните мрежи низ светот во последните месеци во фокусот го ставија проблемот со губењето багаж при авионските патувања, со тоа што некои патници не успеаја да си го повратат трајно. Некои коментатори дури го нарекоа „лето на изгубениот багаж“. Состојбата се должи на недостигот од персонал кај авиопревозниците и екипите за безбедност на аеродромот, кои треба да го скенираат целиот пријавен багаж, како и фирмите за теренски услуги, кои обично имаат задача да ги носат куферите и торбите во авионите, а потоа назад до транспортните ленти. Со оглед на тоа што многу од овие тимови забележаа технолошки вишок за време на пандемијата, тие сега не можат да се справат со зголемената побарувачка за повторни патувања во странство. Поради тоа, магацините се натрупани со стотици исчезнати куфери.
Една осигурителна компанија рече дека бројот на патници што пријавиле исчезнат багаж ова лето бил за 30 отсто поголем отколку во 2019 година, последната година на нормално патување пред пандемијата. Иако сè уште не се достапни светски процени за обемот на задоцнет или изгубен багаж досега оваа година, податоците за 2019 година покажуваат дека проблемот отсекогаш постоел. Таа година 19 милиони торби и куфери доцнеле низ светот, а 1,3 милион никогаш повеќе не биле вратени, според годишниот извештај на „Сита“, софтверската фирма за управување со багаж.
Употреба на апликации за следење на багажот
За да се обидат да го следат својот багаж, сè поголем број патници се свртуваат кон технологијата. „Епл“ наводно забележал пораст во продажбата на својот уред за следење „ер-таг“. Со други зборови, корисникот преку паметен телефон или компјутер точно може да види каде се наоѓа куферот што недостасува. Другите патници прикачуваат следачи што користат џи-пи-ес на нивниот багаж. Сепак, иако таквите уреди за означување можат да им дадат мир на патниците, експертот за туристичка индустрија Ерик Леополд вели дека тие не го решаваат суштинскиот проблем, а тоа е неможноста за справување со заостанатата работа на аеродромите, поради што торбите не завршуваат на истите летови како и нивните сопственици.
Софтверски решенија
„Си-тру“ е една компанија што се надева дека на прво место ќе им помогне на аеродромите и авиокомпаниите поефикасно да го носат багажот во авионите. Израелската фирма произведува софтвер што може да ги направи безбедносните скенирања на чекирањето на багажот многу побрзо од персоналот за човекова безбедност.
За британската технолошка компанија „Ер портр“, нејзиниот пристап за справување со проблемот е да се отстрани потребата патниците да мора да чекаат редици на аеродромот за да го чекираат својот багаж пред нивниот лет. Наместо тоа, патниците можат да ги користат нејзината апликација и веб-страница за да организираат носење на нивниот багаж од врата до врата. Моментално достапни за летовите на „Бритиш ервејс“ и „Свис интернешенел ерлајнс“ меѓу Лондон и Женева, работник на „Ер портр“ го зема багажот на патникот од неговиот дом. Овој возач потоа го носи до просторот за багаж на аеродромот за поаѓање, каде што се наоѓа терминалот за пријавување. Потоа, на аеродромот каде што слетува патникот, еден од транспортните партнери на „Ер портр“ ќе ги земе куферите и ќе ги достави до адресата на престој на патникот.
Давачките за ваквата услуга започнуваат од околу 40 фунти за еден багаж, во еден правец, ако патникот сака куферот да биде подигнат ден пред летот. Но цените може да бидат повеќе од двојно повисоки ако патникот сака багажот да се подигне за време на одреден едночасовен термин во денот. Цената исто така се зголемува колку што патникот е подалеку од аеродромот. Фирмата има цел да ја прошири услугата низ целиот свет и наместо да биде наменета само за деловни патници, се надева дека ќе можат да ја користат сите видови туристи.
Сепак, и покрај ваквите технички решенија, патниците исто така сакаат авиокомпаниите да вработат уште неколку работници за грижа за клиентите.