Во своите амбиции за технолошки суверенитет, Европската Унија не смее да ја изгуби од вид важноста на меѓународните партнерства, како што неодамна се повикаа засегнатите страни во дискусијата за дигиталните амбиции на Стариот Континент

Дигиталната иднина на европа и трансатлантската соработка

Во сè покомплицираното геополитичко опкружување, меѓународните сојузи ќе бидат од клучно значење за постигнување на дигиталните цели, забележаа говорниците на скорашниот настан за дигиталната иднина на Европската Унија (ЕУ) и трансатлантската агенда, повикувајќи ги европските политичари да ја зајакнат соработката со партнерите што размислуваат слично.
– Унијата мора да признае дека да се биде првенствено пазар, а не економска сила, не е доволно, со оглед на денешниот геополитички фокус – тврди Тиболт Клајнер, директор за стратегија за политика и достапност во одделот за дигитализација на Европската комисија.
Клајнер истакна дека „новата геополитичка средина значи дека ЕУ и САД треба да ги обноват капацитетите да работат заедно, не како конкуренти, туку како сојузници, бидејќи двете страни се соочуваат со предизвици не само во однос на геополитиката“. Тој додаде дека тоа ќе бара нова визија за дигитална трансформација заснована на меѓународно партнерство.
Дискусијата дојде во пресрет на третиот министерски состанок на Советот за трговија и технологија меѓу ЕУ и САД (TTC), закажан за почетокот на декември, на кој на дневен ред ќе бидат вештачката интелигенција, полупроводниците и глобалното поврзување, меѓу другите прашања.

Пресвртница

Важноста на дигиталниот суверенитет и стратегиската автономија се зголемија во очите на европските политичари во последниве години поради губењето на довербата во претходната американска администрација, но украинскиот конфликт ги докажа единството и конкретните резултати на трансатлантската соработка, како што рече Дита Чаранзова, заменик-претседателка на Европскиот парламент. Овој став го повтори и Милена Јабуркова, потпретседателка на Конфедерацијата на чешката индустрија за дигитална економија и образование, која истакна дека „руската инвазија на Украина, каде што дигиталниот бизнис стана дел од бојното поле, дава единствена можност да се преиспитаат аспирациите, целите и задачите на ЕУ“. Таа додаде дека конфликтот испорача три клучни лекции што можат да ѝ помогнат на Европа да ги приспособи своите политики напред: опасностите од зависноста од одредени земји за критични производи и инфраструктура, земјите што би можеле да бидат потенцијални партнери за бизнис и трговија и важноста да се работи со демократските сојузници во услови на криза.

Стратегиска автономија и партнерство

Како таква, важноста од заедничко следење на дигиталните амбиции на глобално ниво беше истакната од повеќе говорници на настанот. Марек Хаврда, заменик-министер за европски прашања на чешката влада, рече дека ако Унијата сака да обезбеди безбедност и просперитет, треба да фрли нов поглед на трансатлантските односи. Според него, треба да се создаде заеднички простор, каде што иновациите и инвестициите ќе напредуваат со почитување на европските вредности. Хаврда истакна дека тоа е особено важно доколку ЕУ сака технолошкиот развој да биде поткрепен со демократски принципи. Работата во оваа област, исто така, треба да се протега подалеку од САД, додаде тој тврдејќи дека ЕУ треба да се стреми и да работи заедно со демократиите како Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд.

Можни предизвици

Сепак, говорниците на настанот идентификуваа низа прашања со идејата за стратегиска автономија, но и пречки за можни пошироки меѓународни партнерства. Јабуркова порача дека посакува да се избегне сценарио во кое некои засегнати страни во ЕУ може да го искористат ова за да ја олеснат транзицијата од интернационализам во национализам.
– Домашната политика во партнерските земји, исто така, може да го попречи напредокот во меѓународната соработка – истакна Хозе Игнасио Торебланка, шеф на Европскиот совет за надворешни односи во Мадрид.

Клучни фактори за успех

Учесниците исто така тврдеа дека фокусирањето на истражување и развој, особено преку зајакнување на програмата „Европски хоризонт“ на ЕУ, може да се покаже како клучен фактор во одредувањето на успехот на дигиталните амбиции на Брисел, со оглед на довербата и културната размена што меѓународната истражувачка соработка може да ја обезбеди.
– Заштитата на традиционалните медиуми и јавната дебата, исто така, ќе биде од клучно значење, особено со оглед на деструктивниот потенцијал на дезинформациите што ги покажа украинскиот конфликт – рече Клајнер од одделот за дигитализација на Европската комисија.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска