Во Ахен се полни сите итни центри за сместување, вклучувајќи и осум фискултурни сали

Дали Владата во Берлин има решение за проблемот што ја мачи повеќе години

Бегајќи од конфликтот во Украина, многу луѓе се упатија кон Германија, додека сè повеќе баратели на азил доаѓаат и од други региони преку Југоисточна Европа. Локалните власти се затрупани со работа и го вклучија сигналот за аларм, истакнува Сабине Кинкарц за „Дојче веле“

Херцогенрат-Меркштајн е мало гратче на далечниот запад од Германија, во близината на Ахен. Во моментов, во локалниот спортски центар не се реализираат никакви спортски активности. Наместо тоа, салата се користи како засолниште за бегалци од Украина. На почетокот на август, одделни простории беа ставени во функција на привремено сместување за 80 луѓе. Сега целиот простор е исполнет, впрочем, како и сите други капацитети за сместување бегалци во Херцогенрат.

На околу еден километар од спортскиот центар, локалниот советодавен тим за бегалци одржува состанок во протестантската парохија на Лидија. Свештеникот Унгератен ги извести своите колеги дека наскоро ќе биде пренаменета и втората фискултурна сала. Тоа го дознал од градската канцеларија за социјална заштита, која е одговорна за прифаќање и сместување бегалци. Тој и неговиот тим се надеваа дека состојбата нема повторно да ескалира до точката што се достигна за време на бегалската криза од 2015/2016 година, кога луѓето исто така мораа да бидат сместувани во спортски сали, па дури и во шатори.

Но во малото гратче од околу 50.000 жители едноставно веќе нема слободен станбен простор. Ретки се и приватните понуди за прифаќање бегалци. Волонтерката Олга Маер вели дека високите цени на гасот и електричната енергија често ги тераат луѓето да избегнуваат да помогнат, бидејќи тоа им станува прескапо.

Помагачите се преплавени од работа

Откако започна конфликтот во Украина и првите воени бегалци пристигнаа во Германија, советодавниот центар работи постојано. Персоналот комуницира, им телефонира на властите, помага во пополнување формулари, организира јазични курсеви, бара станови и организира часови за готвење и состаноци. Тие ги охрабруваат бегалците, им даваат совети, ги тешат и, кога има потреба, дури се грижат и за нивните деца. Свештеникот процени дека порано град како Херцогенрат вообичаено примал околу 50-60 нови бегалци на годишно ниво. Тој истакна дека сега за само три месеци пристигнале 400 бегалци од Украина, а во моментов нивниот број изнесува 530. Освен тоа, во гратчето пристигнаа и околу 850 луѓе, кои избегаа од други 20 земји. Во меѓувреме, некои од нив нашле работа, но повеќето не, а потребата од интеграција не завршува тука.

Општината не може сама да се справи со овој проблем. Состојбата не е нималку подобра во Ахен, кој е на само 20 километри од Херцогенрат. На почетокот на август, градоначалничката Сибил Којпен ја „крена“ рачната сопирачка и најави дека градот засега нема да прифаќа нови бегалци или баратели на азил. Сите итни центри за сместување беа полни, вклучувајќи и осум фискултурни сали.

Повеќето од четирите илјади украински бегалци што се регистрирани во Ахен и добиваат финансиска поддршка успеаја да најдат приватно сместување. Тоа е така зашто во Ахен и пред конфликтот постоеше релативно голема украинска заедница. Претежно има луѓе од африканските држави, заедно со помал број Сиријци и еден грст Украинци, кои живеат во „контејнерско село“ направено во 2016 година од монтажни објекти, поставени на поранешен спортски терен што се наоѓа во јужниот дел на градот. Најбарани се малите соби, опремени со свои капацитети за готвење, тушеви и тоалети, бидејќи нудат приватност. Таму може да живеат до 120 луѓе, но една третина од зградите во моментов протекуваат и, со самото тоа, не се погодни за живеење. Во тек се обиди за нивна санација.

Градските власти во Ахен неуморно работат на пренамена на слободните комерцијални објекти во сместувачки капацитети. Се планира бегалците да се иселат од спортските сали за неколку месеци, односно некаде до крајот на есента.

Локалните власти се чувствуваат напуштено

Градоначалничката Којпен во однос на актуелната состојба објасни дека конечно се развива свеста дека конфликтот веројатно ќе трае уште долго време. Луѓето остануваат во Германија и потребно им е и нешто повеќе од спортска сала. Станува збор за семејства, различни етнички и возрасни групи, кои сите заедно се „судираат“ на едно место. Тоа е една експлозивна социјална сила, која мора да се контролира. Таа предупреди дека, во спротивно, тоа ќе биде многу тешко за реализација доколку не постојат повеќе опции за помали сместувачки капацитети.

Градоначалничката го поддржува барањето за одржување самит за бегалците, кое доаѓа од страна на Германската асоцијација на градови и општини, која ги застапува интересите на градските и подрачните власти. „Мајката“ на градот смета дека федералната влада мора подобро да ја контролира распределбата на луѓе на територијата на државата, но и дека треба да се вклучи со финансиска поддршка.

Којпен испрати апел дека е потребен уреден систем, кој навистина ќе им обезбеди на луѓето не само обичен покрив над главата и кревет туку многу повеќе. Тие имаат потреба од место во училиштата или дневните престои, им треба и психосоцијална поддршка, особено кога станува збор за семејства и деца што се справуваат со воени трауми. Низ Германија до сиве овие нешта се доаѓа еднакво тешко како и до празен стан, за кој бегалците се натпреваруваат заедно со остатокот од населението во земјата.