Како ќе се одрази тековната криза врз технолошкиот развој на Арктикот
Откако изби украинскиот конфликт, Европската Унија и САД најавија низа санкции за ограничување на економската и воената моќ на Русија. Санкциите е можно да се одразат и на руската стратегија за Арктикот, која има цел да ја прошири употребата на Северниот морски пат и да произведе 20 отсто од светскиот извоз на течен природен гас (ТПГ) до 2035 година. Конкретно, петтиот пакет санкции на ЕУ против Русија го ограничуваат извозот на технолошка опрема неопходна за проширување на производството на нафта и гас во Арктичкиот Регион. Постојат голем број дебати за тоа дали Кина може да ги замени западните технологии во Русија. Технологиите од развиените земји играат клучна улога, особено на Арктикот, каде што веќе е извршена изградба на танкери за ТПГ од класата мразокршачи и истражување нафтени и гасни полиња, на копно и на море.
Клучна улога на бродоградбата
Во контекст на бродоградбата, танкерите за ТПГ од класата мразокршачи играат клучна улога во транспортот до различни дестинации во тешки временски услови. Без најнова технологија, руските компании можат да се соочат со тешкотии во технолошки капацитет за изградба на ваков вид танкери. И покрај соработката на руската компанија „Звезда“ со јужнокорејската компанија за бродоградба и поморско инженерство „Даеву“ (ДСМЕ) за подобрување на својот технолошки потенцијал за изградба на танкери на ТПГ, се чини малку веројатно дека Русија ќе може самостојно да изгради свои бродови до 2025 година. Сега, руските компании склучуваат договори и со кинески и со корејски бродоградбени компании за купување танкери на ТПГ од класата мразокршачи „арк 4“ и „арк 7“. Поради зголемените санкции кон Русија, руските компании наидуваат на пречки во плаќањето, што предизвика доцнење и откажување на нарачките од превозниците на ТПГ.
Технологијата за бродоградба на ДСМЕ е особено важна за Русија, бидејќи кинеските компании имаат капацитет само да ги градат конвенционалните танкери за ТПГ, познати под името „Худонг-Џонгхуа“, додека технолошки пософистицираните танкери „арк 7“ ги гради ДСМЕ. Иако кинеските компании се обидоа да ги подобрат своите капацитети да градат танкери за ТПГ од класата мразокршачи, тие сè уште се потпираат на странска технологија и опрема. Во овој момент, доколку се откажат испораките во Русија, ниту руските ниту кинеските компании не можат да изградат ваков вид танкери за да ги заменат моделите од странство, барем во блиска иднина.
Покрај потребата од технологија за бродоградба и технолошка опрема, проширувањето на производството на нафта и гас од копнените и на морските полиња ќе претставува уште еден предизвик за Русија. И покрај нејзината стратегија за замена на увозот за да ја развие својата технологија за гас и нафта, сè уште ѝ недостигаат понапредни технологии потребни за дупчење. Без западна технологија, Кина може само делумно да ја замени опремата на меѓународните компании.
Развој на кинеската технологија
Кина ја покажа својата способност да развива опрема за истражување и производство на нафта на Арктикот со успехот на „Јамал ТПГ“, проектот за природен гас каде што 80 отсто од опремата се произведува во кинеско бродоградилиште. Поради западните санкции, Кина ги снабди овие проекти со сопствен капитал и технологија за да ги овозможи. Со „Јамал ТПГ“, кинеските компании не само што ги диверзифицираа своите портфолија туку и го покажаа влезот на Кина на пазарот на висококвалитетна опрема за нафта и гас преку обезбедување технологија за изработка на модули, еден од основните делови на потребната опрема. По „Јамал ТПГ“, кинески компании учествуваа во проектот „Арктик ТПГ 2“, како резултат на зголеменото искуство и технолошкиот напредок.
Додека кинеските компании развиваат домашна опрема и технологии за истражување на енергетските полиња на копното, западната технологија сè уште игра клучна улога во проширувањето на производството на Арктикот. На пример, технологијата за втечнување природен гас на „Линде“ игра клучна улога во проектот „Арктик ТПГ 2“. Кинеските компании сè уште ќе се потпираат на западните компании ако сакаат да ги одржат операциите на Арктикот.
Благодарение на одредени кинески компании и нивните опсежни истражувања во Бохајско и Јужнокинеско Море, Кина ги подобри своите основни технологии за термална обработка на тешка нафта од големи размери и развој на нафтени и гасни полиња на големи морски длабочини. Сепак, Кина сè уште се потпира на западните компании за увоз на клучна опрема, како што се антикорозивни цевки со високи спецификации. Покрај тоа, поради екстремните температури и мразот на Арктикот, опремата за екстракција се разликува од онаа што се користи во операциите на големи морски длабочини, што го спречува нејзиното прераспределување на Арктикот.