Планот за трансформација на Хајнан во пристаниште за слободна трговија, објавен од кинеската влада во јуни 2020 година, има цел да ги либерализира инвестициите, да ги намали тарифите и да ги унапреди царинските процедури. А до крајот на годинава е предвидено забрзување на подготовките за независно царинско работење на Хајнан. Токму амбициите за воспоставување на едно од најголемите светски пристаништа за слободна трговија беа меѓу главните теми на годишната конференција на форумот „Боао“ за Азија насловенa „Азија во свет што се менува: Кон заедничка иднина“, кој неделава се одржа во Хајнан, со учество на голем број политички и бизнис-лидери
Јужната кинеска покраина станува клучен центар за слободна трговија
Морскиот ветер што деновиве дува на тропскиот остров Хајнан, веројатно може низ светот да ја пренесе силната порака за трансформација на најјужната и најмала по површина кинеска покраина во едно од најголемите светски пристаништа за слободна трговија. Тој возбудлив процес веќе забрзано се одвива благодарение на политиките за економско отворање со високи стандарди на Кина, кои се темелат на определбата за соработка. А се чини дека ветерот на позитивни промени во Хајнан не може да го сопре ниту неизвесноста предизвикана од протекционистичките политики, кои стануваат сѐ поактуелни со засилувањето на конкуренцијата во глобалната економија.
Отворањето на Кина има глобално значење
Хајнан се позиционира како клучна платформа што ја поттикнува новата ера на економско отворање на Кина, станувајќи првата кинеска покраина што претвора цел остров со површина од 34 илјади квадратни километри во пристаниште за слободна трговија, што ќе служи за тестирање на практиката на неограничен проток на стоки, услуги, капитал и податоци. Значењето на амбициозните планови за Хајнан беше посочено од страна на голем број политички лидери, економски експерти и истакнати претставници од бизнис-заедницата што учествуваа на годишната конференција на форумот „Боао“ за Азија одржана деновиве на островот, во ситуација кога забрзано се одвиваат подготовките за независните царински операции на Хајнан, чие воведување е планирано кон крајот на годинава. Во рамките на форумот насловен „Азија во свет што се менува: Кон заедничка иднина“ беше нагласена и определбата за мултилатерализам, соработка и слободна трговија наспроти зголемената економска фрагментација и геополитички тензии присутни во глобални рамки.
Кинескиот вицепремиер Динг Ксуексианг се обрати на церемонијата на отворање на форумот „Боао“ за Азија, повикувајќи на зајакнување на меѓусебната доверба и заемно корисната соработка, промовирање на економската глобализација и заштита на системот за слободна трговија. Кинескиот вицепремиер го опиша отворањето како посебен белег на кинеската модернизација, притоа најавувајќи дека Кина ќе се отвори пошироко кон светот, без разлика како се менува надворешното опкружување.
– Ние срдечно ги поздравуваме бизнисите од сите земји да инвестираат и да работат во Кина, да се приклучат во процесот на кинеската модернизација и да ги споделат можностите за развој на Кина – истакна кинескиот вицепремиер Динг Ксуексианг.
Годинашното издание на конференцијата почна со потфорумот „Глобален развој на пристаништата за слободна трговија“. Претседавачот, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, во таа пригода ги посочи пристаништата за слободна трговија како инкубатори за трговска либерализација, притоа истакнувајќи ги Дубаи, Сингапур и Хонгконг, заедно со планираниот проект на Хајнан.
– Отворањето на Кина на високо ниво е значајно за Азија и за светот – рече Бан Ки-мун, кој го отвори потфорумот за пристаништа за слободна трговија, додавајќи оти трансформацијата на Хајнан е „храбар потег за кој е потребна визија“.
Преобразбата на Хајнан претставува пример и за цврстата посветеност на Кина за понатамошно отворање што треба дополнително да ја зајакне меѓународната соработка. Со промовирање на отворањето на високо ниво, се смета оти Кина може да создаде стабилно надворешно опкружување за висококвалитетен развој, како и подобро поврзување на домашните и меѓународните пазари и ресурси.
Веќе се чувствуваат позитивните ефекти од економските политики на Хајнан
Клучниот план за трансформација на Хајнан во пристаниште за слободна трговија, објавен од кинеската влада во јуни 2020 година, има цел да ги либерализира инвестициите, да ги намали тарифите и да ги унапреди царинските процедури. А до крајот на годинава е предвидено забрзување на подготовките за независно царинско работење на кинеската покраина.
Веќе се забележуваат и резултати од промените, како на пример според вкупниот обем на надворешнотрговскиот промет на Хајнан, кој минатата година достигна 39,1 милијарди долари, што е за 20 отсто повеќе во однос на 2023 година.
Многубројни технолошки компании во Хајнан исто така веќе ги чувствуваат позитивните ефекти од политиките поврзани со трансформацијата во специјална економска зона и со отворањето на Кина. Индустриската база за одржување авиони во Хајнан има обезбедени договори со водечки светски авиокомпании и 23 меѓународни сертификации, а благодарение на политиките на „нула царини“ успеала да заштеди над 10 милиони евра во даноци.
– Тука во Хајнан ги имаме политиките на „нула царини“, па сите материјали што се употребуваат се ослободени од даноци, а користиме и двојно даночно олеснување за компанијата и за вработените. И бидејќи уживаме во највисокото ниво на отворање, тоа ја поттикна и ефикасноста – истакна Ванг Хаје, директорка и генерална менаџерка на базата за одржување авиони.
Локалниот центар за тестирање возила истакна амбиции да стане водечка светска институција за проверка на перформансите на возила во тропски услови. Благодарение на поволните економски политики на Хајнан, центарот може на домашните автомобилски компании со кои соработува да им овозможи пониски трошоци и заштеда во време за тестирањата, во однос на странските тест-центри.
Вселенскиот центар „Венчанг“, пак, ги користи придобивките од економските политики за постигнување на брз технолошки развој, со што има голема побарувачка на кинескиот пазар.
Преобразбата на Хајнан претставува пример и за цврстата посветеност на Кина
за понатамошно отворање што треба дополнително да ја зајакне меѓународната
соработка. Со промовирање на отворањето на високо ниво, се смета оти Кина може
да создаде стабилно надворешно опкружување за висококвалитетен развој, како и подобро поврзување на домашните и меѓународните пазари и ресурси
Пристаништето за слободна трговија Хајнан досега ги прошири своите врски со 38 слободни трговски зони и пристаништа, ангажирајќи се во соработка што опфаќа инвестиции и трговија, индустриска интеграција, технолошки иновации, дигитална економија и зелен развој. До 2024 година, Хајнан привлече инвестиции од речиси 150 земји и региони, со повеќе од 100 мултинационални корпорации што формираа регионални седишта. Дополнително, 77 најголеми компании од листата „Форчун 500“ имаат воспоставено операции во Хајнан. А бројот на новорегистрирани странски трговски компании во покраината надмина 70.000 од јуни 2020 година, што значително придонесува за растот на надворешната трговија.
Минатата година, во однос на надворешнотрговската размена, увозот и извозот на стоки одржаа стабилен раст, а структурата на надворешнотрговската размена продолжи да се подобрува. Во текот на изминатата година, вкупната увозна и извозна трговија на Кина порасна за пет отсто на годишно ниво. Трговијата со земјите и регионите вклучени во иницијативата „Појас и пат“, пак, пораснала за 6,4 проценти.
Азија, а особено Кина се сметаат за клучни двигатели на глобалниот раст. Втората по големина економија во светот моментно се реструктурира, давајќи приоритет на висококвалитетното производство, дигиталниот развој и на зелените индустрии. А отвореноста на Кина e од големо значење, не само за нејзиниот сопствен економски развој туку се очекува да има и големо влијание и врз глобалните трговски процеси. Стратегијата за отворање на Кина исто така претставува доказ и за нејзината долгорочна визија и посветеност на глобална економска соработка.
Милко Живковиќ, наш известувач од Кина