Иако француско-германското стратегиско партнерство се соочува со предизвици, сега се појави неверојатен кандидат да го преземе водството во решавање на безбедносните прашања во Европа

Иднината на безбедносниот чадор на Стариот Континент

Кога на 24 јануари се појави вест дека германскиот канцелар Олаф Шолц попуштил на барањата на Украина и нејзините најблиски европски сојузници да испратат тенкови „леопард“ во Украина, шефовите на европските држави не поитаа да му честитаат на Шолц за неговото одлучувачко лидерство. Наместо тоа, многу луѓе стравуваат дека одлуката дошла предоцна и поради притисок однадвор, а не поради германската решеност да покаже обединет фронт против Русија.
Во чест на шеесетгодишнината од Елисејскиот договор, Шолц неодамна се состана со францускиот претседател Емануел Макрон за да наздрави и да разговара за европската безбедност, енергијата и економската политика, во обид да ги задуши критиките дека француско-германското партнерство паѓа.
Во меѓувреме, поранешниот британски премиер Борис Џонсон доби херојски пречек во Киев, како никогаш да не ја напуштил премиерската функција. Заедничките експедициски сили предводени од Велика Британија, кои ги поврзуваат скандинавските и балтичките земји преку британски безбедносни гаранции, исто така во последно време се гледаат како остварлива алтернатива за полноправно членство во НАТО за Финска и за Шведска, со оглед на противењето на Турција на проширувањето на НАТО за спорните тврдења дека Шведска поддржува курдски терористички групи.

Велика Британија стана омилена во источното крило на ЕУ

Иако француско-германското стратегиско партнерство се соочува со предизвици, сега се појави неверојатен кандидат да го преземе водството во европските безбедносни прашања, а тоа е Велика Британија. Како првата голема европска сила што испрати тенкови во Украина, Британија повторно стана лидер во европската безбедносна политика, и покрај тоа што политички ја напушти Европската Унија (ЕУ). Внатрешните политички предизвици на Велика Британија по брегзит се чини дека не ја намалија амбициозната надворешна политика на неколку последователни британски влади, а секоја од нив се позиционираше како цврст поддржувач на Украина. Ова ја доби поддршката од источните членки на ЕУ, од кои сите се загрижени дека ќе станат следните жртви на Русија, доколку Украина падне.

Разлики во политиките на Франција и на Германија

Иако Велика Британија ги освои срцата на европските земји што најмногу ја поддржуваат Украина, Германија добива зголемени критики дека не придонесува доволно за украинската кауза. Сепак, критичарите беа помалку остри кон Франција, чија предвоена економија не беше толку поврзана со Русија како што беше германската.
Всушност, суштинските разлики ги делат Франција и Германија. Во однос на геостратегиските прашања и значењето на она што и двете ја нарекуваат „суверена“ Европа, Германија е повеќе приврзана кон НАТО и САД, додека Франција се придржува до традиција на Европа во духот на Шарл де Гол како посредник што ја одржува рамнотежата меѓу големите светски сили. Разликите изобилуваат и во енергетската политика. Франција продолжува да ја поддржува нуклеарната енергија, додека Германија е во последната фаза на денуклеаризација.

Кој ќе ја гарантира безбедноста на Стариот Континент?

Дебатата за испраќањето германски тенкови во Украина го нагласува позначајното прашање за иднината на европското лидерство, симболизирано со познатиот погрешен цитат што често му се припишува на поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер: „Кому да му се јавам ако сакам да зборувам со Европа?“ Прашањето што се наѕира во главите на сите е иднината на посветеноста на САД кон европската безбедност. Без нуклеарниот чадор на Вашингтон, дали Германија ќе се обиде да развие свои нуклеарни капацитети, што ќе доведе до полоши француско-германски односи? Германците не можат да бидат сигурни дека САД ќе продолжат безусловно да го прошируваат својот нуклеарен чадор над Германија. Ниту еден американски претседател нема да ризикува нуклеарна војна во име на Берлин под никакви околности. Имањето на друга нуклеарна сила, како Велика Британија, цврсто посветена на европската одбрана може да ја намали германската загриженост и да ги намали изгледите за ескалација на ривалството меѓу Париз и Берлин.

Ќе се случи ли чудо во ова време?

Пред шеесет години, Шарл де Гол го окарактеризира повоеното француско-германско помирување како „чудо на времето“, по националистичките ексцеси од деветнаесеттиот и дваесеттиот век. Во ретроспектива, оптимизмот на Де Гол не беше наивен, бидејќи Елисејскиот договор што го потпиша со Конрад Аденауер во 1963 година ја преживеа дури и ерата на „новата источна политика“ на „примерните, но неексклузивни“ односи на поранешниот француски претседател Жорж Помпиду и германскиот канцелар Вили Брант.
Со тоа што новинарите и политичките експерти се фокусираа на германските тенкови „леопард“ и на посетата на Борис Џонсон на Киев, вистинското прашање што треба да се постави е дали она што се гледа е всушност првиот чин на Британците, кои се враќаат во кругот на ЕУ, но овој пат како херои што ќе ги предводат европските напори за спас на Украина. Ова секако, според зборовите на Де Гол, би било вистинско чудо на ова време.