Реакции по купувањето на познатата социјална мрежа од страна на Илон Маск
Републиканците сега имаат порозов поглед на „Твитер“ и на „Тесла“
Илон Маск предизвика хаос кај обожаватели на Твитер во изминатите неколку недели. Демократите сѐ повеќе гледаат на платформата со антипатија и недоверба, додека републиканците се движат во спротивна насока. Податоците од „Морнинг консалт“, исто така, сугерираат дека треба да се постави прашањето дали раководството на Маск со гигантот од социјалните мрежи има ризик да им нанесе колатерална штета на неговите други добропознати бизниси.
Промени во перцепцијата на социјалната мрежа
Купувањето на „Твитер“ од страна на Маск со месеци беше во центарот на вниманието на светските медиуми, при што секое ново откритие ја доведуваше во прашање судбината на компанијата. Откако преземањето стана официјално, на 27 октомври, Маск отпушти илјадници вработени и соработници во „Твитер“, им даде отказ на многу од врвните директори или сами поднесоа оставка, потоа објави несреќно обновување на системот за верификација на платформата и се закани со „јавно прозивање на ѕидот на срамот“ на компании што ги повлекуваат своите реклами од социјалната мрежа.
Ова предизвика Твитер да ја доживее најзначајната промена на мислењето меѓу демократите од месец на месец. Анализирајќи ја само 2022 година, поволниот став кон Твитер кај демократите падна за 23,6 процентни поени од +20,4 процентни поени во јануари на -3,2 овој месец, а се зголеми кај републиканците. Слично и можеби најмногу забележливо за огласувачите, довербата во Твитер кај демократите падна за 29,3 процентни поени, од +12,6 на -16,7 процентни поени.
Ненадејните и огромни промени во перцепцијата го зголемуваат ризикот од рекламирање на Твитер, бидејќи се чини дека правилата околу умереноста на содржината постојано се менуваат или се целосно отсутни. Ова само ја зголемува несигурноста создадена од отпуштањата и тензиите во „Твитер“, кои ги загрозија развојот на неговиот производ и безбедноста на податоците, заедно со неисправното пуштање во употреба на новиот систем за верификација на компанијата „Твитер блу“, што доведе до мноштво „проверени“ сметки што имитираат познати личности, политичари, владини организации и брендови.
Ефектот на поларизирање
Во податоците на „Морнинг консалт“ веќе имаше навестувања за ефектот на поларизирање што може да го предизвика Маск. Неодамнешниот извештај за очекувањата на корпоративните лидери испитуваше кои се обожавателите и неистомислениците на Маск. Истражувањето на крајот на септември покажа дека 64 отсто од републиканците имаат позитивно мислење за Маск, во споредба со само 37 отсто од демократите. Досега, поларизирачкиот личен бренд на Маск имаше ограничено влијание врз „Тесла“ и „Спејс-икс“, но 27 октомври дејствуваше како земјотрес. Додека впечатоците од „Твитер“ отсекогаш биле длабоко поделени меѓу демократите и републиканците, „Тесла“ и „Спејс-икс“ беа главно непартиски поделени со слични впечатоци на двете страни.
Каква е партиската поддршка за другите бизниси на Маск?
Споделувањето дезинформации од страна на Маск за нападот на сопругот на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во објава на Твитер, која подоцна беше избришана, заедно со многуте негови јавни и експлицитни поддржувања на републиканските позиции и кандидати, како што е неодамнешното охрабрувањето на луѓето да гласаат за републиканците за време на конгресните избори, влијае на другите бизниси со кои управува. Позитивниот став кон „Тесла“ е намален за околу 20 процентни поени кај демократите од минатиот месец и зголемен за околу четири процентни поени кај републиканците. Позитивниот став кон „Спејс-икс“ е исто така намален кај демократите, но падот во рејтингот засега не е толку истакнат.
За „Тесла“ и „Спејс-икс“, партиските ефекти на прелевање на поддршката може да имаат длабоки импликации. Ако брендот „Тесла“ станува сè подесно ориентиран, тоа би можело да го стави надвор од усогласеноста со основните профили за купување електрични возила, кои се полиберални. Што се однесува до „Спејс-икс“, кавгите на Маск со владини претставници и неодамнешните закани дека ќе ја повлече сателитската интернет-услуга на компанијата „Старлинк“ од Украина може да создадат впечаток дека тој и неговите компании се премногу несигурни кога станува збор за владините договори.
Реклами на Твитер
За Твитер, одлуката за брендовите дали да се рекламираат на платформата во моментов е многу јасна. Со милионски суми во буџетот за рекламирање во прашање, неизвесноста за иднината на платформата и значителниот ризик за брендот создаден од нејзиниот дебакл со верификацијата се разбирливо премногу за огласувачите. Со исклучок на она што би можело да го направи потенцијалната промена во раководството, иднината укажува на понатамошна поларизација на платформата и продолжување на умереноста на содржината – елементи што само ќе придонесат за овие ризици.