Одговор на топлинските бранови во урбаните средини
Истражување открива дека топлината што се испушта како резултат на работењето на клима-уредите во градовите за време на топлинските бранови може да ја зголеми температурата на воздухот за повеќе од 2 Целзиусови степени, пишува Софија Каценкова за „Еуроњуз“
Бидејќи Европа се соочува со почести и поинтензивни топлински бранови, сè повеќе луѓе се одлучуваат да купат клима-уред. Но, иако задачата на клима-уредот е да го разлади воздухот во просториите, всушност го прави токму спротивното, односно ја загрева температурата на надворешниот воздух. Во Франција, употребата на климатизација стана предмет на дебата откако левичарската пратеничка Матилде Пано за време на интервју рече дека температурата во градот може да се зголеми до 2 Целзиусови степени поради употребата на климатизација. Дали таа беше во право?
Од каде потекнуваат по датоците на француската пратеничка?
Податоците потекнуваат од студија објавена во 2020 година, која се заснова на сценарио во кое климатизери се користат во сите згради на град како Париз за одржување на внатрешната температура од 23 Целзиусови степени за време на топлински бран. Според студијата, зголемувањето на температурата поради користењето на клима-уредот зависи од времето на денот и карактеристиките на топлинскиот бран, главно неговиот интензитет.
Научниците го искористија смртоносниот топлински бран од 2003 година, во кој како негова последица животот го загубија повеќе од 14.000 луѓе во Франција за да ги моделираат нивните предвидувања. Тие открија дека, по девет дена топлински бран сличен на оној од 2003 година, систематската употреба на клима-уреди во тоа време ќе ја зголеми температурата на воздухот до 2,4 Целзиусови степени.
Зошто климатизерите ја зголемуваат температурата?
Климатизерите ја зголемуваат температурата бидејќи работат како топлинска пумпа, а ладат просторија со ослободување топол воздух надвор. Клима-уредите трошат повеќе електрична енергија од кој било друг апарат во домот. Тие трошат десет отсто од глобалната електрична енергија и испуштаат штетни гасови што ја загреваат атмосферата.
Според истражувањето објавено во 2014 година во „Списанието за геофизички истражувања: атмосфери“, вишокот топлина создадена од клима-уредите во градот може да ја зголеми надворешната температура за еден до 1,5 Целзиусов степен ноќе. И бидејќи градовите ќе станат само потопли како резултат на климатските промени, тоа значи дека граѓаните веројатно ќе бараат повеќе клима-уреди во затворен простор. Покрај тоа, топлинските бранови сега се поинтензивни и се случуваат речиси трипати почесто, според најновиот извештај на ИПЦЦ.
Употребата на клима-уредите тројно ќе се зголеми во светот до 2050 година
Во 2019 година, 20 отсто од домаќинствата во Европската Унија поседуваа клима-уред, според Европската агенција за животна средина. Се предвидува дека бројот на климатизери низ светот ќе се зголеми од 1,6 милијарда уреди денес на 5,6 милијарди уреди до средината на овој век, според извештајот за 2018 година објавен од Меѓународната агенција за енергија. Според предвидувањата на извештајот, до 2050 година сите климатизери во светот би трошеле струја колку што користи Кина за сите активности денес.
Научниците што стојат зад студијата за 2020 година предлагаат други опции што ќе помогнат да се разладат градовите, вклучувајќи и создавање повеќе зелени површини, изолација на зградите и подобро советување на населението како да се лади за време на топлинскиот бран. Доколку се преземат сите овие мерки, студијата тврди дека овие дејства би можеле значително да ги намалат температурите на надворешниот воздух до 4,2 Целзиусови степени ноќе.