Планот има цел брзо пронаоѓање алтернативни извори на енергија, како и зголемување на заштедите во енергија и обновливи извори на енергија, пишуваат Зосија Ванат и Америка Хернандез за „Политико“

Долгорочни амбиции за постигнување климатска неутралност во Европа

Европската комисија неодамна го претстави својот план тежок 300.000 милијарди евра за тоа како „и пред 2030 година“ да се одвикне од руските фосилни горива. Ова е последица на специјалната воена операција на Кремљ во Украина, која ги нагласи политичките и економските ризици од потпирањето врз руската нафта и гас. Планот има цел веднаш да се побараат алтернативни извори на фосилни горива, со истовремено поттикнување на развојот на зелената енергија и намалување на употребата на енергија, со тоа што втората цел ќе има влијание врз долгорочната амбиција на Европската Унија (ЕУ) за постигнување климатска неутралност до 2050 година. Планот насловен како „РИПауерЕУ“ во основа е пакет од документи, вклучувајќи и правни акти, препораки, насоки и стратегии, кои претставуваат дополнување и комплетирање на соопштенијата објавувани во текот на март. Тој се потпира на четири темели: заштеда на енергија, замена на рускиот гас со други фосилни горива, зајакнување на зелената енергија и инвестиции во нови инфраструктури, како гасоводи и терминали за пренос на течен природен гас.
Брзото укинување на руската енергија би можело да ги погоди економиите на Унијата, па затоа Европската комисија соопшти дека членките, со цел да ги заштитат потрошувачите и компаниите, можат привремено да ја прошират контролата на цената на електричната енергија, како и заеднички да набавуваат природен гас. Во споредба со нејзината актуелна проектирана цел од ЕУ енергетска мешавина од 40 отсто, комисијата има намера до 2030 година да постигне зелена енергија во енергетска мешавина од 45 отсто. Тоа планира да го стори со поедноставување на процесот за издавање дозволи за проекти што се однесуваат на обновлива енергија, кој е еден од главните предизвици со кои се соочува индустријата, и воведување законска обврска за поставување соларни панели на сите нови станбени згради до 2029 година.

Алтернативи на рускиот гас

Годинава Брисел изјави дека Унијата има капацитет да замени 60 милијарди кубни метри руски гас додека лани беа увезени 155 милијарди кубни метри. Ова ќе се постигне со купување природен гас од други снабдувачи, како САД, Израел, Египет и земјите од Персискиот Залив. Зависноста од рускиот гас може дополнително да биде намалена со поголемо производство на биометан произведен од животинско ѓубриво, земјоделски посеви и отпад и со продолжена работа на централите за јаглен и на нуклеарните централи. Надежта е дека до 2030 година на пазарот за европска употреба ќе бидат достапни 35 милијарди кубни метри биометан и 20 милиони тони водород. Наедно, комисијата сака да ја зајакне целта на Унијата за заштеда на енергија од девет на 13 отсто до 2030 година, како и да ја намали побарувачката за нафта и гас за пет отсто, со тоа што ќе го натера населението да користи помалку енергија. Симоне Таљапјетра, виш стручен соработник во институтот „Брејгел“, рече дека од септември 2021 досега, земји како Германија, Франција, Италија и Шпанија потрошиле по 20-30 милијарди евра за вештачки да ги намалат сметките за гас и струја, исто како и цените на бензинот и дизелот.

Средства од европскиот Фонд за обнова по пандемијата

Средствата за „РИПауерЕУ“ главно ќе бидат обезбедени од Фондот за обнова по пандемијата. Комисијата соопшти дека државите може да имаат пристап до неискористените заеми, кои вкупно изнесуваат 225 милијарди евра. Дополнителни 20 милијарди во грантови би дошле од продажбата на 250 милиони дозволи за јаглеродна емисија на ЕУ преку системот за тргување со јаглеродни емисии. Наедно, доколку сакаат да учествуваат во проектите на „РИПауерЕУ“, земјите ќе имаат право да префрлат таму до 12,5 отсто од своите средства за кохезивна политика и 7,5 отсто од земјоделските фондови. Сите членки ќе треба да извршат ажурирање на своите програми за обнова, на тој начин што ќе додадат посебно поглавје за отфрлање на руската енергија. Парите ќе се трошат повеќенаменски, од зголемување на енергетската ефикасност, преку изградба на прекугранични приклучоци за електрична енергија и гас, па сè до обуки за работници во зелената технологија.
Овој проект доби различни оцени од страна на активистите што се дел од климатските кампањи. Ајлид Роб, активистка во кампањата за борба против фосилни горива „Европски пријатели на Земјата“, смета дека „РИПауерЕУ“ содржи корисни и неопходни чекори кон решавање на проблемот со обновливи извори на енергија, но тој истовремено овозможува и речиси 50 проекти за инфраструктура и експанзија на фосилните горива.