Европејците сметаат дека американските субвенции за автомобили, чиста енергија и полупроводници се опасност за нивните економии
Економската политика на Бајден се заканува да предизвика поделби во Европа
По двегодишен меден месец од доаѓањето на власт на американскиот претседател Џо Бајден, се отвораат големи несогласувања меѓу Вашингтон и неговите европски сојузници за економската политика. Доколку со овие несогласувања не се постапува вешто, визијата на администрацијата на Бајден за нов глобален економски поредок, во кој САД соработуваат со сојузниците и партнерите во Европа и во Азија за да ги ограничат кинеските и руските амбиции, може да прерасне во свет на конкурентни економски блокови.
Реакции од преку Атлантикот
Меѓутоа, по повеќемесечно тлеење, се чини дека пукна тиквата кај Европејците. Тиери Бретон, еврокомесарот за внатрешен пазар, рече дека агендата „повеќе не им дава доволен простор на прашањата што ги интересираат многу европски министри и бизниси“, укажувајќи на поплаките на Европската Унија (ЕУ) за новите американски субвенции за електрични возила и чиста енергија што им нанесуваат штета на европските производители на автомобили и другите компании. Наместо тоа, тој ќе се фокусира на „итната потреба да се зачува конкурентноста на европската индустриска база“. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека американските субвенции „се многу добри за американската економија, но тие не се соодветно координирани со европските економии“. Бруно Ле Мер, францускиот министер за економија и финансии, ги обвини САД дека водат индустриска политика во кинески стил.
Предметните субвенции се дел од двата обемни предлог-закони усвоени од Конгресот на САД претходно оваа година, а тоа се Законот за намалување на инфлацијата (ИРА) и Законот за чипови и наука. Првиот нуди дури 370 милијарди долари субвенции за побрзо усвојување чиста енергија во САД. Тој вклучува даночни кредити за американските купувачи на електрични возила, но само ако возилата се составени во Северна Америка и нивните компоненти се направени во САД или други избрани „партнери за слободна трговија“, што ќе им наштети на европските автомобилски компании, како што се „Фолксваген“ и „БМВ“. Со вториот закон се нудат 52 милијарди долари за поддршка на полупроводничките компании да изградат нови фабрики за производство во САД. Европските лидери ги гледаат двете мерки како неправедно субвенционирање на американските компании, влошување на предизвиците за конкурентност на континентот и потенцијално принудување на Европа во скапа трка за вооружување за субвенционирање со САД и Кина.
Холандската влада, исто така, јавно го возврати притисокот на САД врз нејзините главни производители на опрема за производство на чипови „АСМЛ“ и „АСМ интернешенел“ да ги прекинат врските со Кина. САД започнаа опсежна кампања за блокирање на продажбата на полупроводници и опрема за производство на чипови од Кина, но допрва треба да ги убедат сојузниците како Јапонија и Холандија да го сторат тоа. Холандската министерка за економија Мики Адријансенс изјави за „Фајненшел тајмс“ дека нејзината земја е „многу позитивна“ за односите со Кина и дека Европа и Холандија „треба да имаат своја стратегија“ за контрола на извозот во Кина.
Конфликтот во Украина како една од причините за поделбите
Растечките поделби се делумно последица на конфликтот во Украина. Додека САД и Европа одржуваат обединет фронт за санкции против Русија и воена помош за Украина, Европа плати многу повисока економска цена за конфликтот. Цените на природниот гас во повеќето европски земји се искачија до 10 пати повеќе од американското ниво, ставајќи ја европската индустрија во огромна конкурентна неповолна положба. Иако САД ѝ помогнаа на Европа да ја пополни загубата на рускиот гас со извоз на течен природен гас (ЛНГ), тој се продава по моментално напумпани пазарни цени.
САД сакаат да произведуваат домашно
Подолгорочно, споровите се фокусираат на спротивставените цели на индустриската политика на администрацијата на Бајден. Од една страна, САД сакаат да изградат силен синџир на снабдување што ќе ја намали улогата на Кина во снабдувањето со критични технологии и ресурси за индустриите во иднината. За тоа е потребна тесна соработка со сојузниците за да се спречи расипничкото дуплирање и да се обезбеди поголема отпорност на снабдувањето. Од друга страна, администрацијата е желна да види заживување на производството во САД, верувајќи дека загубата на производството, делумно поради кинеската конкуренција, ја ослаби безбедноста на САД и ѝ наштети на економијата. Изгубените работни места во производството, исто така, ја намалија поддршката на гласачите за демократите во индустриските држави како што се Мичиген, Пенсилванија и Висконсин. Секоја од новите мерки на САД е во корист на компаниите што инвестираат во САД, а не во Европа или други блиски партнери.
Не е изненадувачки што ова не им одговара на американските сојузници и другите трговски партнери, кои се соочуваат со шанси да ги загубат пазарите во Кина, бидејќи САД инсистираат да прифатат нови ограничувања, само за да видат преселување на мултинационални компании или проширување на производството во САД за да се искористат предностите од поевтината енергија и дарежливите субвенции.
Европејците не се сами во своите грижи. Генералната директорка на Светската трговска организација, Нгоци Оконџо-Ивеала, се обидува да ја заштити нормата за недискриминација, односно барањето трговските партнери да се третира еднакво, што е во срцето на трговскиот мултилатерализам веќе 75 години. Принудувањето на такви избори може да го наруши напредокот во прашањата каде што САД, Кина и другите земји немаат друг избор освен да работат заедно.
Дали САД и Европа ќе најдат заеднички јазик?
Имено, Бајден е многу свесен за европските грижи и подготвен да се обиде да ги подобри. Тој рече дека со францускиот претседател „се договориле да разговараат за практични чекори за координирање и усогласување на нивните пристапи“ и да се осигурат дека производството и иновациите се зајакнати „на двете страни на Атлантикот“. Макрон нагласил дека двете страни се согласиле да ги „ускладат повторно своите пристапи“.
Сепак, нема да биде лесно да се решат деталите. Бајден искрено призна дека има „пропусти“ во законодавството што треба да се поправат. Но нејасно е дали јазикот во ИРА за проширување на субвенциите за стоки произведени од партнери за слободна трговија може да се прошири и да ја вклучи ЕУ. И има многумина во Конгресот и администрацијата, како и во индустриите за челик и соларна енергија, кои се посветени на принципот „Америка на прво место“ во законодавството, верувајќи дека САД одамна требаше да го заживеат домашното производството.
Бајден и европските лидери се свесни дека не можат да дозволат да се отвори фундаментален трансатлантски јаз. Повеќе од кога било од екот на Студената војна, двојната закана на Русија и Кина ги принудува САД и Европа да соработуваат и да ги надминат економските спорови, кои можеби постепено се влошуваа долги години во помалку стресни времиња. Високите влогови сугерираат дека двете страни ќе најдат начин. Макрон рече дека околностите наложуваат дека Европа нема друга алтернатива освен да работи заедно со САД.