Фото: Игор Бансколиев

Европската Унија и нејзините членки имаат клучна улога во реформирањето на НАТО и подобрувањето на кохерентноста меѓу земјите-членки, која е клучен фактор за трансатлантската безбедност, истакнува Марта Дасу за ЕЦФР

Најави за реформи на воената Алијанса

Како што се менува природата на глобалната безбедност, како што расте подемот на Кина и тоа што Џо Бајден влезе во Белата куќа, време е Европејците да размислат како најдобро можат да ја играат својата улога во модернизацијата на НАТО.
Првото нешто што Европејците можат да го сторат е да се обидат да ја задржат американската поддршка за Алијансата, со што јасно ќе стават до знаење дека ги препознаваат и ќе одговорат на денешните променети стратегиски приоритети. Сега се враќаме на состојбата во која, од гледна точка на САД, нивниот сојуз со Европа им дава компаративна предност во глобалниот натпревар за моќта. Но дури и претседателот на САД да е најголем поборник за Атлантската алијанса, ќе побара од Европа да го одржи својот дел од трансатлантскиот договор што одговара на сегашноста, а не на минатото. Бидејќи приоритетите на Америка се домашната обнова и конкуренција со Кина, таквиот договор треба да ја содржи следната рамка: НАТО, со американска поддршка, ќе се фокусира главно на Европа и на колективната одбрана, а во исто време, Европејците ќе го поддржат Вашингтон во ограничувањето на подемот на Кина, во дипломатска и во економска смисла. Затоа, кога ќе се соочиме со „екстремната конкуренција“ меѓу САД и Кина, ако ја искористиме формулацијата на Бајден, Европа нема да може да остане неутрална без да плати висока цена на трансатлантскиот фронт.

Две димензии за посилна врска

За да се направи овој договор функционален, мора да се појави пополитичко НАТО и поглобално НАТО, а двете димензии бараат посилна врска меѓу Алијансата и Унијата. Ова е така затоа што некои од решенијата за заедничките безбедносни предизвици, особено оние што се однесуваат на хибридни закани, ќе произлезат од одлуките на членките на Европската Унија (ЕУ) координирани на ниво на блокот. Затоа, клучна варијабла во трансатлантските односи станува како ќе се одговори на однесувањето на Кина. Сепак, иако ова е исклучително важно во стратегиска смисла, тоа не е случај во чисто воена смисла. Вашингтон не бара од Европејците да го поддржат воено во Азија. Некои одделни европски сојузници ја нудат својата (ограничена) помош, но НАТО, како целина, е обврзан да остане регионален одбранбен сојуз. Како резултат на тоа, а наедно ова е и втор приоритет, предизвик за НАТО е како да прифати глобална перспектива додека, притоа, ја зачувува својата основна мисија. Доколку не усвои ваква глобална перспектива, НАТО не би имал централна улога, а со тоа што би се создал растечки јаз меѓу перцепциите за безбедноста во Европа и во САД. Ако НАТО стане поглобално, додека не се вклучува воено во Азиско-пацифичкиот Регион, ќе мора да се соочи со импликациите од подемот на Кина за евроатлантската безбедност. Тоа би значело намалување на ранливоста на Европа во синџирите на вредности во стратегиските сектори, следење на стратегиските странски инвестиции, зачувување на технолошката моќ, спротивставување на сајбер-нападите и градење на отпорноста на демократските општества. Ова проширување на самиот концепт на безбедност нужно ја вклучува и ЕУ, со нејзината економска моќ повеќе од кога и да било порано. Така, по дефиниција, подобрувањето на кохерентноста меѓу НАТО и ЕУ станува клучен фактор за трансатлантската безбедност.

Поголема одговорност за ЕУ

Како трета причина, европските сојузници на НАТО ќе мора да преземат повеќе одбранбени одговорности во Европа и особено околу Европа, со оглед на делумното проценување на САД на сопствената директна улога на Медитеранот и на Балканот. Според овој нов договор, НАТО би водел на источниот фронт, со европска поддршка, додека ЕУ ќе ги зголеми своите проекции во Медитеранот. Во продолжение на ова, на ЕУ сè уште ќе ѝ треба, барем засега, да се држи со селективно оперативно распоредување, бидејќи нејзините капацитети не се доволно развиени. Поради тоа ќе треба да се решат тензиите меѓу Турција, Кипар и Грција, кои во моментов спречуваат ефективна координација меѓу НАТО и ЕУ на јужното крило. Надвор од оваа строго географска дефиниција на нејзините основни интереси, ЕУ веќе треба да биде подготвена и способна да развие заедничка сајбер-стратегија и индустриска политика што исклучиво ќе им служи на овие цели. Но членките на ЕУ остануваат поделени во однос на надворешната политика и безбедноста, но исто така се силно хендикепирани од недостатоците во капацитетите.
Европските капацитети во моментот се недоволни за преземање автономни мисии, кои би им служеле на интересите на ЕУ. Но нивните капацитети се исто така недоволни да го исполнат придонесот во НАТО, кој сите сојузници се веќе обврзани да го направат, а токму ова не е здраво за иднината на Алијансата.

Поголем влог од европска страна

Можеби е време да се направи промена во дебатата. Според гледиштето на Вашингтон, единствениот начин да се реши европскиот недостиг од одбрана е европските нации да трошат повеќе. Сепак, овој фокус на нивоата на трошење, кој се пресликува во посветеноста на членките на НАТО од 2014 година да потрошат два отсто од БДП за одбраната, едноставно не успеа да роди плод. Европската одбрана денес останува анемична и покрај забележителното зголемување на трошоците. Повеќе интеграции на ниво на ЕУ би помогнале во таа насока. За да се справат со дуплирање, на пример, членките на ЕУ треба да договорат интегрирани планови од процена на ризик преку набавки, па сè до оперативно планирање. Ова значи дека секоја форма на интеграција е подобра од немањето интеграција, вклучувајќи и интеграцијата во ЕУ, што само по себе не претставува закана за кохезијата на НАТО.
Можен чекор напред би бил фокусирање на напорите на ЕУ во области каде што блокот веќе има клучна улога, како што се борбата со дезинформациите, отпорноста и управувањето со кризи. Европските членки исто така треба да се обидат да ги зајакнат веќе постојните капацитети, како што се поморските капацитети и „технологиите за овозможување“ со потенцијал за двојна употреба, кои се поврзуваат со хибридните и сајбер-заканите.

„Стратегиска автономија“

Четвртата и последна точка е дека успешната врска меѓу НАТО и ЕУ бара поголема јасност во однос на тоа што Унијата подразбира со потрагата по „стратегиска автономија“. Ова започна како дебата за тоа како да се зајакне европската способност да дејствува сама кога е потребно, како и преку свеста за потенцијалните трошоци и ризици поврзани со зависноста од другите. Но оваа концептуална промена не се претвора во поамбициозни безбедносни политики на ЕУ и подобри можности, туку тоа е самата комбинација на политички амбиции и можности што би претставувале сериозна промена во курсот. Ниту една декларативна политика не може да ги замени воените и другите оперативни капацитети. Важната иницијатива за градење на стратегиската автономија потекнува од намалената доверба во безбедносните гаранции на САД. Со Бајден во Белата куќа, денес може да се појави спротивен ризик, од преголема амбиција до самозадоволство. Единствениот излез од оваа тешкотија е да се признае дека, надвор од НАТО, европската одбрана не е веродостојна. Асиметријата во одбраната ќе остане структурна карактеристика на трансатлантските односи, но за да се зачува работниот сојуз, европскиот придонес кон НАТО мора постојано да расте. Токму оваа промена, која подразбира значително зголемување на европскиот придонес кон Алијансата, во комбинација со мисиите предводени од ЕУ во соседните региони, исто така, постепено ќе му овозможи на блокот да стане поверодостоен безбедносен и одбранбен актер во иднина. Накратко, ќе биде многу полесно да се изгради посилна европска димензија во безбедноста преку соработка со НАТО отколку во конкуренција со него. Таквиот пристап има големи шанси да ја добие поддршката од европските членки, додека тие го разгледуваат патот напред, а ќе помогне и во зацврстување на довербата меѓу двете организации.