Франција станува „позелена“ според најавените еколошки политики. Во земјата се претставени низа мерки, кои имаат цел да ја направат економијата поповолна за животната средина, како што е забраната за греење на отворено во баровите и рестораните, поефикасни системи за греење на домаќинствата, како и изградба на два регионални паркови. Што е најважно, земјата има поставено цел да го намали уделот на нуклеарно производство на електрична енергија од сегашните 70 проценти на 50 проценти до 2035 година.

Промената доаѓа во услови на контроверзната изградба на нуклеарниот реактор „Фламанвил ЕПР“ од страна на државната компанија ЕДФ со повеќе од една деценија задоцнување и со 12,4 милијарди евра повеќе во однос на првичниот буџет од 3,5 милијарди евра. Реакторот конечно се очекува да започне со работа во 2023 година. Неодамна, Франција ја назначи критичарката на нуклеарната енергија, Барбара Помпили, за министерка за животна средина.

Како што покажува графиконот, заснован на Извештајот за статусот на светската нуклеарна индустрија за 2019 година, ниту една земја не е толку зависна од нуклеарната енергија како Франција. Земјата лани имаше 58 оперативни реактори, кои учествуваа со 71,7 процент во вкупното производство на електрична енергија. Франција е само зад САД и нивните 97 реактори учествуваа со 19,3 отсто во вкупното производство на електрична енергија.По Франција, земјите што се потпираат на нуклеарна енергија се главно лоцирани во Централна и во Источна Европа. Реакторите произведуваат помеѓу 50 и 55 проценти од целата електрична енергија во Словачка, Украина и во Унгарија. Шведска е исто така високо на листата со над 40 проценти, а зад неа се Белгија (39 отсто) и Швајцарија (37,7 отсто).