Мнозинството Европејци сметаат дека европски пари би требало да добијат само земји што ги почитуваат владеењето на правото и демократските принципи

ИСПИТУВАЊЕ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ

Над три четвртини од Европејците сметаат дека ЕУ треба да дистрибуира средства само во земјите-членки што ги почитуваат владеењето на правото и демократските принципи, според новото истражување нарачано од Европскиот парламент.
Само 12 отсто од вкупно 24.812 испитаници сметаат дека поврзувањето на средствата со владеењето на правото, што, според истражувањето вклучуваат слобода на печатот, независност на правдата, борба против корупцијата и заштита на индивидуалните права, е лоша идеја.
Интересно е дека уделот на луѓе што се согласуваат со условеноста на владеењето на правото е под просекот на ЕУ во четири од шесте земји што гласаа против германскиот компромисен предлог зашто бил премногу попустлив, т.н. штедлива четворка, Австрија, Данска, Холандија и Шведска, придружувана од Белгија и Луксембург. Во споредба со просечниот договор од 77 отсто низ европскиот блок, идејата ужива помала поддршка во Шведска (72 отсто), Холандија (71 отсто), Данска (70 отсто) и во Белгија (70 отсто).
Испитаниците од главните противници на идејата, Унгарија и Полска, во голема мера ја поддржуваат иницијативата, иако е под просечните нивоа на ЕУ. Притоа, 72 отсто од учесниците се согласуваат со поврзување на исплатата на средствата на ЕУ со владеењето на правото и демократските принципи.

– Ако речиси 80 отсто од нивните граѓани сакаат да го условат трошењето на парите што ги плаќаат како данок со придржувањето на владите кон владеењето на правото, тие земји-членки треба да слушаат – вели европратеникот Петри Сарвама од Европската народна партија и еден од преговарачите на Европскиот парламент.
Парламентот неделава имаше уште една рунда политички разговори за условеноста на владеењето на правото со Европскиот совет, претставувајќи ја ЕУ27, но засега има малку надеж за чекор напред. Најголема пречка меѓу двете институции на ЕУ е прашањето како би функционирал идниот механизам за санкции за земјите-членки што ќе ги прекршат правилата.
Предлогот на Германија предвидува земјите-членки да обезбедат квалификувано мнозинство за да спроведат финансиски санкции против друга земја-членка, додека Парламентот предвидува земјата да мора да обезбеди квалификувано мнозинство за да ја блокира одлуката на Европската комисија да го спроведе кратењето на парите на Унијата.
Еден од преговарачите во парламентот, европратеникот Даниел Фројнд, смета дека предлогот на Советот е нереален.
– Во историјата на ЕУ не видовме санкција да биде активирана со помош на квалификувано мнозинство, иако сличен механизам веќе постои, на пример во фискалниот правилник на блокот. Ние нема да попуштиме како парламент, така што ако Советот не се согласи за ова прашање, мислам дека засега нема да го одобриме седумгодишниот буџет – предупреди Фројнд.

Скептиците велат дека европарламентарците наскоро ќе бидат под огромен притисок од своите земји да го поддржат фондот за обновување, бидејќи европската економија е тешко погодена од пандемијата на ковид-19 и има потреба средствата што побрзо да бидат одобрени и дистрибуирани.
Фројнд, сепак, не гледа знаци на притисок врз европратениците, дури и во јужните земји на ЕУ, како Шпанија, кои се економски најпогодени по првиот бран на пандемијата на ковид-19.
– Мислам дека луѓето можеби потценуваат колку е сериозно ова за Парламентот – изјави пратеникот од партијата на Зелените од Германија.
Ќор-сокакот е уште повеќе усложнет од потребата секој национален парламент да го одобри правниот акт што ќе ѝ овозможи на ЕУ да позајмува на пазарите за да плати за економско закрепнување. Понатаму, Унгарија и Полска се закануваат дека ќе одбијат да дадат согласност доколку преговорите за владеење на правото резултираат со незадоволителен исход за нив.
Фројнд смета дека едно можно сценарио е Парламентот и Советот да постигнат компромисен договор што ги задоволува и двете институции, што ќе им овозможи на европратениците да го одобрат долгорочниот буџет. Топката за одобрување на буџетот и на дополнителните 750 милијарди евра потоа би се префрлила на теренот на националните парламенти.

– Мислам дека притисокот во тој момент ќе биде толку голем, дури и врз унгарскиот парламент, што тие ќе го одобрат – смета Фројнд.
По разговорите, германски портпарол рече дека „преговорите се одвиваат конструктивно напред, повторно е постигнат напредок и дека разликите продолжуваат да се намалуваат“.
– Сè уште треба да се стигне до постигнување компромис. Но засега има доза внимателен оптимизам – вели портпаролот.
Од друга страна, Фројнд не е толку голем оптимист.
– Сè уште нема подготвеност од Советот да дејствува во однос на тоа како да се активира и што да опфаќа самиот механизам – нагласи тој неделава.