Архитектурата на Западот пред нови предизвици: декаданса или ренесанса?
Владимир Путин се чини дека го постигна невозможното, а тоа е вистинско европско единство. Воената операција на рускиот претседател во Украина ги обедини Европа и трансатлантската сфера како што не се памети од падот на Берлинскиот ѕид, бидејќи дури и неговите поранешни сојузници на континентот не сакаа да го поддржат. Од Софија до Стокхолм, во изминатиот период исчезнаа внатрешните поделби на Европа за тоа како да се реагира на акцијата на Путин, бидејќи се сфатија историските димензии на конфликтот, што се најголемиот предизвик за безбедносната архитектура на Западот во последните децении.
Додека сликите од руските тенкови кои минуваа преку украинската граница и семејствата што се криеја во станиците на подземната железница ги исполнија медиумите, загриженоста во националните престолнини за локалното влијание на построгите санкции, како што е блокирањето на руските банки во системот СВИФТ, го отвори патот за заедничката решителност да се направи сè што е потребно за да се спречат намерите на Путин. Дури и најверните сојузници на Путин не му дадоа поддршка, од чешкиот претседател Милош Земан до унгарскиот Виктор Орбан и француската националистичка лидерка Марин Ле Пен. Понатаму, Европа не само што се согласи да воведе огромни финансиски санкции за Русија и за рускиот претседател, туку и повеќето земји, вклучително и неутралните како Австрија и Шведска, го затворија својот воздушен простор за руските авиони. Европската Унија (ЕУ) дури одлучи да го забрани емитувањето на содржините на рускиот радиодифузер „Русија денес“.
Промена на германските ставови
Најдраматичната промена, сепак, се случи во Германија чии лидери со години водеа бесплоден „дијалог“ со Путин, и покрај гласните предупредувања од сојузниците кои инсистираа на тоа дека не може да му се верува. По одлуката на Германија на неодредено време да го суспендира гасоводот „Северен тек 2“, Берлин потпадна на притисокот од сојузниците и се согласи да заземе построг став кон Русија. Германија се откажа од својот отпор кон блокирањето на Русија во СВИФТ и објави дека исто така се откажува од долгогодишното одбивање да испрати оружје во Украина.
Канцеларот Олаф Шолц, означувајќи ја можеби најдраматичната политичка промена во поновата германска историја, го наведе целосниот пресврт на ставот на земјата за одбранбените трошоци со најавата за фонд од 100 милијарди евра за ново вооружување, за кое рече дека ќе му овозможи на Берлин да ги исполни своите обврски кон НАТО на долг рок. По долгогодишно одолжување на исполнување на целите во трошоците за одбраната, Берлин се обврза да го надмине она што го бараа неговите сојузници кога станува збор за инвестирање во германската армија. За време на специјалната седница на германскиот парламент, Шолц јасно ја искажа тежината на настаните што ја поттикнаа промената, нарекувајќи ја руската акција „пресвртница во историјата на континентот“.
До неодамна, некои германски лидери сè уште ја минимизираа заканата од рускиот потег, отфрлајќи ги постојаните предупредувања од Вашингтон и другите области како хистерија. Високи германски дипломати дури избегнаа средба со Андриј Мелник, украинскиот амбасадор во Германија, кој со месеци се обидуваше да го убеди Берлин да се откаже од забраната за извоз на оружје во неговата земја. Аналена Баербок, чија Зелена партија е вкоренета во пацифизмот, не криеше како настаните во Украина во последните денови ја принудија да се соочи со непријатната реалност.
Дали европската стратегиска автономија е реалност?
Воената операција на Путин во Украина служи како проверка на реалноста и на други фронтови. Тоа е особено точно за амбициите за таканаречена стратегиска автономија на ЕУ, идејата дека Европа може да се одвои од САД за безбедносни прашања. Во секој случај, украинската криза ќе ја направи Европа уште позависна од безбедносниот чадор на САД, реалност што исто така ќе го принуди Вашингтон да ја преиспита својата тековна стратегиска промена за да се фокусира повеќе на заканите за кои гледа дека произлегуваат од Далечниот Исток.
Дури и кога настаните во Украина го принудуваат Западот да ги преиспита сопствените стратегиски и политички стари традиции, човекот кој сето тоа го поттикна најверојатно ќе го доживее најтешкото будење. Путин јасно веруваше дека може да предизвика јаз во Европа со потегот во Украина, како што беше успешен на други фронтови низ годините. Но, овој пат, наместо да раздели и да владее, рускиот лидер ненамерно го создаде најголемиот предизвик за него, а тоа е единството на континентот.