Занаетчиство на високо ниво, кое ги комбинира дизајнот арт деко и мотоциклите

Мотоциклот „хендерсон стримлајн КЈ“ од 1930 година може да се смета за „ролс ројс“ на мотоциклите поради својата естетика, елеганција и префинетост, кои ги инкорпорираат силниот декоративен и уметнички стил и влијание од 1920-тите и 1930-тите години наречени арт деко.
Во првите децении на 20 век, „хендерсон“ бил еден од поголемите брендови на производители на мотоцикли познати на американската сцена.
Биле познати по употреба на четиритактни мотори со воздушно ладење и главно биле произведувани меѓу 1912 и 1931 година. Компанијата се појавила во златната ера на мотоциклизмот, а нејзини основачи се браќата Вилијам и Том Хендерсон. Во тоа време, фирмата „Хендерсон“ произведувала еден од најбрзите мотоцикли, па затоа на полициските оддели тие им биле најомилени возила. За жал, како што се случило со другите компании, така и „Хендерсон“ престанала да работи за време на Големата депресија во Америка.

Мотоциклот „хендерсон стримлајнер“ од 1930 година рачно бил изменет од страна на Орли Реј Кортни, затоа и го добил називот „хендерсон стримлајн КЈ“. Иако е непознат надвор од класичните кругови на мотоцикли, Кортни бил извонреден занаетчија и обликувач на метални лимови. Тој за време на својот живот дизајнирал два значајни мотори. И двата ги има купено колекционерот за мотоцикли Френк Вествал од Сиракуза.

– Овој изум се однесува на стримлајн-формата на мотоциклите, која има цел да обезбеди воздушен проток до моторот и поголема удобност при возењето. На овој начин моторот ќе биде поладен од вообичаено во сегашните тела и форми на мотоциклите. Овој мотоцикл е опремен со таканаречени уреди за дејствување на коленото, кои му даваат подобар квалитет на возењето на мотоциклот – се наведува во патентираниот документ на „Хендерсон стримлајн КЈ“.

На прв поглед ова прекрасно парче машинерија не личи на мотоцикл туку на мини-автомобил. Мотоциклот има аеродинамичен облик на тело и решетка за вентилација. Моторот е со воздушно ладење и со големина од 1.300 кубни сантиметри со четири цилиндри, способен да го движи мотоциклот со брзина од 160 километри на час. Тоа е доста импресивно, со оглед на ерата кога овој мотоцикл бил произведен.

Големата сјајна предна решетка нуди чувство на елеганција, уникатно за луксузните автомобили во тоа време. Истото чувство се задржува кога се забележуваат заоблените облици на каросеријата. Дизајнерите велат дека овие облици навестуваат брзина и движење. Според повеќето критичари и дизајнери, овој мотоцикл претставува парче уметност.

[email protected]