Да се употребат името и делото на свети Павле како аргумент плус во рамките на расправите со Грција во врска со името на државата и како уште еден обид да се докаже некому и некаде дека Македонија е библиска земја и дека Македонците се библиски народ, беше приод, кој уште од почетокот не профункционира и не носи некој ефект во одбрана на името, а уште помалку на идентитетот и националната определба. Апостолот си има свое високо место во црквата, но името и делото на самиот Павле, во случајот со името на државата, не можат да бидат добар пример за одбраната, зашто покажуваат нешто сосема друго, односно изразуваат став дека промената на името носи историски промени и големи вредности
Во телевизиски дебати и во пишувани текстови околу прашањето за името Македонија некои од оние што се противат на промената често се повикуваат на Библијата и на апостолот Павле. Во изминатата деценија забележливо беше што во некои нови книги, научни и лаички расправи, во телевизиски или радиоемисии, далеку позасилено се истакнуваа неговиот период и значење, повеќе одошто заслугите на словенските браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум Охридски.
Сето тоа се прави за да се употреби како аргумент плус во рамките на расправите со Грција во врска со името на државата и како уште еден обид да се докаже некому и некаде дека Македонија е библиска земја и дека Македонците се библиски народ. Се покажа дека таквиот приод уште од почетокот не профункционира и не носи некој ефект во одбрана на името, а уште помалку на идентитетот и националната определба. Апостолот си има свое високо место во црквата, но името и делото на самиот Павле, во случајот со името на државата, не можат да бидат добар пример за одбраната, зашто покажуваат нешто сосема друго, односно изразуваат став дека промената на името носи историски промени и големи вредности. Во согласност со фактите, појавата на Павле и неговиот ангажман одат во прилог на оние што ја прифаќаат спогодбата со Грција и го оправдуваат менувањето на името на државата. Читајќи го текстот ќе се разбере зошто е така.
Воопшто не е спорно дека во Библијата апостолот Павле се врзува со Македонците и со Македонија. Не се знае дали некој Македонец имал видение, но факт е дека во Библијата дословно пишува оти некој со тоа топонимско (географско) име го повикал Павле да појде и да ѝ помогне на Македонија. Во Новиот завет, во делата на апостолите читаме: „Преку ноќта, имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше – Премини во Македонија и помогни ни“. По тој сон Павле отиде во градот Филипи, дел од Македонија, тогаш римска колонија, провинција под власта на Рим. Таму ја сретнал жената по име Лидија, која се покрсти заедно со нејзините домашни. Оттаму Лидија се смета за првото покрстено лице во верата на Исус Христос на територијата на Европа, односно за првата европска христијанка.
Оттаму и дотука не треба да нѐ чуди воздигнувањето на името и делата на апостолот Павле во нашето совремие. Свети Павле и без македонските вреднувања е високорангиран човек не само во христијанството, туку воопшто во човечката цивилизација. Тој се наредува меѓу петте-шесте луѓе што го променија светот, односно придонеле животот на човештвото да изгледа ваков каков што е. Овој светец на христијанството се смета за најголем евангелист и мисионер на сите времиња и за ненадминат теолог, кој ги постави не само теоретските темели на Исусовата вера туку и темелите на организацијата на црквата како дом на бога. Неговото влијание врз христијанското богословие се манифестира потрајно и со подалечен дострел од она на сите христијански хроничари и мислители, оттогаш па сѐ до денес.
Но, интересно е како успеа овој мал маж да го направи сето тоа? Општо познато е дека тоа го постигна откако си ги смени името, идентитетот, верата и занаетот. Апостолот Павле е историски и вистински доказ што може да направи човек ако нешто промени во одреден момент од својот живот. Животописот и чудесијата на Павле сами по себе ги демантираат сите оние што тврдат дека во историјата не постои пример дека ако некој си го смени името ќе го снемало од Земјината топка. Животот и делото на светецот го потврдуваат токму спротивното.
Речиси и да нема човек што го читал Светото писмо, а да не знае дека Павле во младоста бил непознат Евреин, чиј занает бил да прави шатори, вредно и важно занимање во тоа време. Роден во Тарс, денешна Турција, тогаш Римско Царство, (4-5 – 64-5 година од новата ера) бил запишан како римски граѓанин од еврејско потекло. Неговото јудејско име било Саул, попознато како Савле што би значело измолен од бога. При почетоците на христијанството во Ерусалим Савле бил лут противник на новото учење и сурово ги гонел Исусовите следбеници.
Но, се случил голем пресврт. При едно патување од Ерусалим за Дамаск каде што требало да апси и да лишува од живот новоисусовци, силна светлина му удрила во очите и ослепел. Три дена ниту гледал, ниту јадел, ниту пиел, бил на големи маки. Во слепилото како визија му се појавил Исус, го прекорил за бруталноста и го упатил на место каде што ќе го излечат. Откако Савле повторно прогледал ја сменил еврејската вера, се покрстил, го сменил името, од Савле станал Павле, го избришал своето минато и оттогаш до крајот на животот станал најревносниот христијанин и најголемиот распространувач на христијанската вера. Тој е човекот познат низ светот под името апостол Павле што во превод од латински би дошло повеќе како прекар – мал низок, мало маже.
Не сум сигурен дали поради примерот на светиот апостол Павле, или поради некој друг канон донесен на некој од вселенските собори, секој поп што сака да стане владика, е должен да си ги смени роденото име и презиме, да се прости од семејството и да го заборави минатото. Така прават сите владици во православието, така прават и македонските владици, монаси и монахињи. А познато е, исто така, и кај католиците дека секој што ќе стане папа мора да си одбере црковно име по кое ќе биде запишан во историјата и по кое ќе го паметат генерациите.
Има уште еден пресвртен настан поврзан со него, кој не само што го промени тогашниот свет туку го одреди животот на идни милијарди луѓе на чии основи се градел, и денес се гради, половина свет, речиси целата бела раса, како и добар дел од црната. Вториот цивилизациски пресврт е со направениот компромис за нововерците, за кој жестоко се залагал.
При првата мисија, Павле и неговите придружници се судриле со голем проблем. Кога ги убедувале луѓето што не биле Евреи да се покрстат, тие како главно го поставувале прашањето дали мажите, ако ја прифатат новата вера, ќе мора и да се обрежат како што тоа морале да го прават Евреите. Бидејќи одбивањето да се прави тоа било главната причина за неуспешноста во покрстувањето, а за да поправи состојбата, Павле бил одреден проблемот да го постави пред водачите на новата црква да се заземе став што да се прави понатаму. Што би се рекло со денешен политички јазик: била поставена дилемата дали обрежувањето да важи задолжително „ерга омнес“, што значи за сите, или ќе биде доброволно и селективно.
По жестока расправија меѓу учесниците бил постигнат компромис проследен со неколку услови што требало да се исполнат. Имено, било решено обрежувањето да не биде услов за покрстување и за премин во христијанството. За новокрстените биле одредени само неколку ограничувања: да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумираат крв, да не се јадат удавени животни, да се чуваат од блуд и да не им прават на другите ништо што ним не им е угодно. По оваа историска одлука ширењето на христијанството масовно се интензивира. Тој компромис, мерено и со денешни мерила, силно влијаел за епохалниот пресврт во развојот на човештвото.
Не само според теолошките туку и според световните толкувања, Павле е главниот фактор за претворањето на христијанството од мала еврејска секта во меѓународна религија од неверојатни размери со над две милијарди верници. Неговите мисии, неговите посланија од Новиот завет и неговата улога во афирмирањето, толкувањето, разработката и спроведувањето на идеите на Исус Христос меѓу луѓето, го ставаат на пиедесталот на христијанските дејци и мислители. Многумина хроничари го истакнуваат неговиот брилијантен ум и го наредуваат меѓу петте највлијателни личности од постанокот на светот, листа, на која освен Исус се наоѓаат Мухамед, Буда, и Конфуциј.
Малку се знае дека апостол Павле е заштитник на писателите, новинарите, портпаролите, владиците, мисионерите. Во народните верувања спомнувањето на неговото име штити од змиски отров.