Стефче Стојковски, инструменталист на народни инструменти
Предавам на странски универзитети, тука не. Сум држел предавања во Бостон, Санта Барбара, Беркли, Болоња… каде што поттикнувам странци да ја изучуваат и да ја свират македонската традиционална музика со мои аранжмани, постановки. Сето мое акумулирано знаење би им го пренел на младите овде, но нема навестувања за такво нешто, вели Стојковски
Познатиот македонски инструменталист на народни инструменти Стефче Стојковски (46), кој веќе триесетина години ја промовира македонската традиционална музика низ целиот свет, и летово имаше настапи во повеќе земји, а ја посети и далечната Австралија, каде што одржа низа концерти, работилници, се сретна со нашинците што живеат таму.
Годинава тој прославува јубилеј, 20-годишно постоење на оркестарот што го носи неговото име, ансамблот за народни песни и игри „Стефче Стојковски“. Овој јубилеј ќе биде одбележан со концерти и со издавање на книгата „Дваесет години заедно“, со забележани 20 ора за да можат да ги користат фолклорните друштва и училишта.
Што ве поттикнува да истраете во вашата мисија?
– Љубов кон своето, кон тоа што значи битие и постоење. Народната музика има универзален јазик и таа е нашата традиција што нѐ одржала со векови, симбол на нашиот ентитет и културен идентитет.
Задоволни ли сте од неодамнешната турнеја низ Австралија? Има ли интерес за македонскиот фолклор меѓу новите генерации Македонци?
– Ова ми е вторпат по 23 години како одам во Австралија. Паузата е голема, не само поради далечината, туку и затоа што сѐ почесто овие гостувања се гледаат повеќе од економска страна отколку како промоција, афирмација, развој и одржување на македонската културна заедница и од таа гледна точка доаѓа до нејзино растурање и делење. Овој пат, ги посетивме градовите Мелбурн, Сиднеј, Џилонг, Аделаид и Перт, имавме неколку настапи, а јас одржав и работилница за народни инструменти во едно училиште. Бев со пејачите Наум Петрески, Милован Секуловски и Оливера Коцева, а во оркестарот, освен мене, беа и Душко Божиновски и Џевад Рамадановски, и двајца колеги од таму. Искрено, очекував поголема посетеност, единствено на охридската вечер имаше околу 600 луѓе, на другите настапи значително помалку. Постарите генерации уште имаат силни чувства за татковината, но, за жал, во некои семејства сѐ помалку се зборува македонскиот јазик, не дека не го познаваат и не го разбираат, туку многу полесно им е на младите да проговорат на англиски отколку на македонски. Затоа мора родителите да посветат поголемо внимание мајчиниот јазик да не се заборави. Тоа не е случај секаде, но е сѐ поприсутно меѓу нашинците. А за зачувување на интересот за фолклорот сѐ се сведува на ентузијасти, кои го одржуваат македонскиот фолклор во странство. Луѓе што се трудат да го зачуваат идентитетот, нашиот автентичен македонски звук.
Често патувате по светот, но во Грција не сте биле 20 години бидејќи ви е забранет влезот?
– Да, во Грција не можам да одам до 2027 година! По последната посета од пред 20 години, многупати сум вратен од граница. Во 1995 година требаше да одржам неколку концерти заедно со Ферус Мустафов, но него не го пуштија, а мене ми ги зедоа инструментите, кои подоцна илегално ги пренесе еден мој братучед. Така, со кавалџијата Ангеле Димовски, по долго затишје од 80 години бевме првите што ги охрабривме Македонците во Егејска Македонија да пеат и да играат на македонска народна музика.
А одите ли во Бугарија и во Албанија?
– Во Бугарија одам редовно, а реализирав и проект насловен „Пирин Планина“. Снимив пет цедиња со мелос од Пиринска Македонија. Педесетина песни се ставени на цеде, но има уште многу што не се ставени на носач на звук. И во Албанија одам често во Мала Преспа. И годинава свиревме во Пустец на празникот Света Марена (Огнена Марија), а јас редовно им помагам на нашинците со совети, искуство, па и со некои донации.
Дали беше успешен семинарот на традиционална музика и игри „Стефче Стојковски“, кој го организиравте и ова лето во Скопје и во Охрид?
– Од дете, од 14 години сум дел од овие семинари, а веќе една деценија организирам вакви настани во Скопје и во Охрид. Претежно станува збор за странци, годинава ги имаше од Шведска, Германија и од Велика Британија, дојдоа со желба да се запознаат со нашите изворни инструменти. Посетивме и повеќе знаменитости и културно-историски споменици, Матка, „Св. Наум“, Вевчани… Семинарот обично трае 10 дена, но овој пат беше намален на седум дена, бидејќи заминав за Келн, Германија, каде што на 9, 10 и 11 август бев предавач, а освен тоа ги учев странците да играат традиционални игри. Потоа продолжив три дена во Хрватска, па во Словенија и во Унгарија. Со неколку настапи ја одбележиме 20-годишнината на оркестарот „Стефче Стојковски“, низ кој досега поминале шеесетина члена.
Велите дека и покрај вашето знаење и искуство досега никој не ве ангажирал да им го пренесете тоа на помладите?
– Предавам на странски универзитети, тука не. Сум држел предавања во Бостон, Санта Барбара, Беркли, Болоња… каде што поттикнувам странци да ја изучуваат и да ја свират македонската традиционална музика со мои аранжмани, постановки. Сето мое акумулирано знаење би им го пренел на младите овде, но нема навестувања за такво нешто. Се најавуваше департизација на културата и сметав дека работите ќе се сменат, но ништо од тоа. Во 2017 г. конкурирав со два проекта и со 5 каде што бев вклучен индиректно и сите ми ги одбија. Понудив и проект за работилници со деца од предучилишна возраст и тоа не беше прифатено. Образложението беше дека „проектот имал едукативен, а не сценско-уметнички карактер“. А мојата идеја беше од најмала возраст децата да се запознаат со традицијата за да ја засакаат и да ја прифатат.
Имате ли покани за настапи во земјава?
– Повеќе настапувам во странство отколку дома. Никој никаде не ме викнал да настапам последниве 10 години, односно настапив само во Вевчани, за скромен хонорар на фолклорниот фестивал „Преображение“. Ниту во Долнени последниве 15 години не ме викнале, иако порано бев член на фестивалскиот совет и се залагав за подобрување на условите за учесниците (немаше бина, тоалети, тушеви….), па и по цена на откажување од хонорарот.
Познат сте по успешните соработки. Што е најново на тој план?
– Да, како што е познато свирам на гајда во втората верзија на „Велигден“ на Џина Папас-Џокси, а од поновите проекти ќе го споменам моето учество во реализацијата на песната „Није љубав то“ на Марија Шерифовиќ, што веќе има петнаесет милиони прегледи на Јутјуб. Неодамна ми се јави Дарко Димитров нешто да отсвирам, па се надевам дека и оваа соработка ќе биде успешна.