Целосна трговска војна меѓу САД и Кина, интервенција во Венецуела или судир со Иран. Ова се некои од најмрачните сценарија за наредните месеци, во кои нѐ очекува долго топло геополитичко лето со повеќе трговски, дипломатски, а можеби и воени судири. За да не се случат тие, потребно е светските и регионалните сили заканите да ги заменат со дијалог
Америка не сака војна со Иран, ама е подготвена да одговори на секаков напад. Ваква изјава деновиве даде Џон Болтон, советникот за национална одбрана на американскиот претседател Доналд Трамп. Во истата пригода Болтон објави дека САД го испраќаат носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и бомбардери „б-52“ во Персискиот Залив. Подоцна беше соопштено дека Американците транспортираат и дополнителни ракетни системи „патриот“ во регионот. Весникот „Њујорк тајмс“, пак, објави дека воинствените советници на Трамп сакаат да испратат 120.000 војници на Блискиот Исток, слично како во времето на американската инвазија на Ирак во 2003 година. Администрацијата на САД ги обвинува Иран и неговите сојузници дека „планираат да нападнат американски цели“. Но истите извори од Вашингтон што ја објавија информацијата, според магазинот „Форин полиси“, признаваат оти во моментот, сепак, нема знаци за непосреден ирански напад. Зошто тогаш мириса на војна?
Критичарите на актуелната администрација на САД го обвинуваат Трамп дека уште пред една година ги зголемил тензиите со Иран со обновата на санкциите и со едностраното повлекување на САД од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, иако на тоа се противат сите други потписници (Кина, Русија Британија, Франција, Германија и самиот Иран). Други критичари посочуваат дека неговиот советник, Болтон, е познат по своите воинствени изјави со кои „сака да предизвика употреба на сила“ и дека долго време заговара „промена на режимот“ во Техеран. Истите тие предупредуваат дека администрацијата на Трамп полека ги турка САД кон војна со Иран, притискајќи го Техеран да направи потег што ќе предизвика интервенција. Иранците веќе се заканија дека ќе го блокираат стратегиски важниот Ормутски Теснец, низ кој поминува голем дел од светската нафта, откако САД ја означија иранската револуционерна гарда како терористичка група. Истовремено се заканија и дека ќе се откажат од договорот и ќе рестартираат дел од нуклеарната програма. Уште поголеми тензии најавува и веста за наводна саботажа на четири брода во регионот, меѓу кои и два саудиски танкери што пренесувале нафта за САД. Иранците бараат целосна истрага, но јасно е кон кого е вперен прстот.
Со Иран во моментот владеат т.н. реформатори предводени од претседателот Хасан Рохани, а не конзервативци, како во времето на Махмуд Ахмединеџад, кога тензиите беа многу поголеми и кога многу почесто се слушаа закани за интервенции и за тотално уништување од САД, Иран, но и од Израел и од Саудиска Арабија. Ако администрацијата на САД одбива да разговара со актуелните „реформатори“ во Техеран и ги прогласува за „терористи“, како тогаш во иднина би преговарала со конзервативците, кои уште во почетокот се противеа на нуклеарниот договор. Во таква ситуација се намалуваат шансите за дипломатија, а се зголемува заканата од нова војна на Блискиот Исток.
Но за ситуацијата во регионот не се прашуваат само САД, туку и Русија и Кина. Односите меѓу трите светски сили се далеку од розови. Москва му ги измеша сметките на Вашингтон во Сирија, а потоа и во Венецуела, каде што Американците поддржуваат „промена на режимот“ на Николас Мадуро, застанувајќи зад опозицискиот лидер Хуан Гваидо. Тој бара од САД да интервенираат, но ситуацијата не е толку едноставна, имајќи го предвид тамошното (воено) присуство на Русите и на Кинезите. Слично е и со Северна Кореја, каде што Ким Јонг-ун од „изолиран диктатор“ стана лидер со кого сите сакаат да се сретнат. Покрај неуспешните самити со Трамп, Ким се сретна со лидерите на Кина и на Русија, а сега со него сака да се сретне и јапонскиот премиер.
Двата примера само покажуваат дека за решавањето на регионалните прашања се прашуваат повеќе сили. Таков е и случајот со Иран. Москва му е долгогодишен сојузник на Техеран и таа нагласи дека со разбирање гледа на неговата одлука да се откаже од делови од договорот, како и дека ја продолжува соработката на неговата нуклеарна програма за цивилни цели. Истовремено, Русија повика да профункционира европскиот платен систем за тргување со Иран, за да се заобиколат американските санкции. Зад механизмот стојат европските земји, а го поддржуваат и Кина и Русија.
Вашингтон се обидува да ги затопли односите со Москва, особено откако дома спласна „руската афера“, која како Дамоклов меч висеше над главата на Трамп. Оттука е и неодамнешниот позитивен телефонски разговор меѓу Трамп и Путин, како и најавата за евентуален нов самит (самиот Трамп објави дека ќе се сретне со Путин и со кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот на Г20 во Јапонија во јуни). Трамп веќе го испрати во Русија шефот на дипломатијата на САД, Мајк Помпео, кој вчера разговараше со својот руски колега Сергеј Лавров и со Путин. Едно толкување зошто САД сакаат да ги затоплат односите со Русија е бидејќи Вашингтон се обидува да создаде раздор меѓу Москва и Пекинг, кои досега се покажаа како неразделни сојузници на меѓународната сцена (не случајно пред средбата Помпео – Лавров рускиот министер се сретна со својот кинески колега). САД во моментот водат жестока трговска војна против Кина и неа ја гледаат како главен стратегиски ривал, додека Русија ја сметаат за „помалиот коалициски партнер“ на Пекинг со кого би можеле да ги подобрат односите за да предизвикаат поделби.
Рано е да се прогнозира колку може да биде успешна таквата стратегија на САД, имајќи предвид колку во моментот се спротивставени интересите на Вашингтон и на Москва. Но какви и да се скриените цели (раздор меѓу Русија и Кина или нешто друго), секогаш е подобро нуклеарните сили меѓусебно да разговараат наместо да се закануваат. Нивниот дијалог по правило ги намалува глобалните и регионалните тензии, како што сега би можело да се случи со Иран. Едно е јасно, а тоа е дека нѐ очекува долго топло геополитичко лето, во кое може да бидеме сведоци на повеќе трговски, дипломатски, а можеби и воени судири на неколку фронта. Да се надеваме дека на крајот ќе надвладеат разумот и дијалогот.