Зошто не се случи „антибирократска револуција“ и во Македонија? В недела Црногорците одлучуваат дали ќе продолжи политичката кариера на Мило Ѓукановиќ, последниот лидер на просторите на поранешна Југославија чие владеење се одвива и пред и по распадот на некогашната федерација. Доколку победи на изборите, а и доколку го послужи здравјето, Ѓукановиќ може да го надмине и времетраењето на владеењето на Јосип Броз-Тито, доживотниот југословенски претседател. Но, вистинска инспирација за оваа колумна ми е улогата на поединецот во политиката, како и умешноста на приспособување на политичките лидери кон „ветриштата на историјата“.
Многумина треба да бидат потсетени дека Мило Ѓукановиќ дојде на историската сцена како резултат на извозот на „антибирократската револуција“ од Белград, а и како еден од „тројката млади црногорски лидери“, поддржани од Милошевиќ, кои требаше да расчистат со „фотелјашите“ тогаш олицетворени во Марко Орландиќ, Видое Жарковиќ и Миљан Радовиќ. Постојат многу конфликтни теории околу подемот на Слободан Милошевиќ, но неспорно е дека во тој период, 1989 година, веќе се согледуваа клучните аспекти на неговата цел, како и на механизмите за нејзино постигнување. Слободан Милошевиќ тогаш немаше агенда за „голема Србија“, туку едноставно тој сакаше да се устоличи како „нов Тито“, неприкосновен лидер на Југославија. Клучен инструмент во подемот кон таа цел му беа косовските Срби и Црногорци што крстосуваа низ тогашна Југославија на познатите „митинзи за солидарност“. Покрај тоа, нему многу му користеше и своевидниот хаос со владеењето во Југославија по смртта на Тито. Политичкиот систем на СФРЈ беше можен и функционален единствено со улогата на Јосип Броз, како неутрален арбитар во разните внатрешни судири, меѓунационални, секторски, бирократски, професионални и така натаму. Без Тито системот немаше свое тежиште, немаше личност или тело што можеше да носи конечни и неотповикливи одлуки. Исто така, како и во секој реалсоцијалистички систем, единствената партија, Сојузот на комунистите, беше центарот на моќта. Без Тито, републичките и покраинските сојузи на комунистите полека стекнуваа сè повеќе и повеќе моќ, на сметка на југословенскиот центар, кој бледнееше.
Слободан Милошевиќ тогаш правилно анализирал дека партијата е непопуларна, како и дека југословенското геронтократско раководство нема поддршка од населението, особено поради сè подлабоката економска криза. Меѓутоа во 1987 година тој првично успева да победи во Градскиот комитет на СК на Белград (пресметката со Драгиша Павловиќ), потоа и во ЦК на СК на Србија (веќе фамозната „Осма седница“ и смената на Иван Стамболиќ), но за да владее со Југославија му треба да ги промени и преостанатите седум раководства на СК во сите републики и покраини. Веќе во следната 1988 година нештата се загреваат, па прво паѓа раководството на комунистите во Војводина, кои се обвинети за „автономистички“ тенденции и се прави обид за смена на црногорските комунисти. Уплашени за можните последици од овие настани за иднината на Југославија, раководствата на другите републики се обидуваат да го спречат Милошевиќ во неговите намери, па се свикува 17-та седница на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Партискиот врв одлучува да побара одговорност од Душан Чкребиќ, тогаш сојузник на Милошевиќ. Во драматичната седница, која јавно се пренесува на телевизијата и на радиото, македонскиот политичар Васил Тупурковски обвинува за „непринципиелна коалиција“ и го спасува српското раководство предводено од Слободан Милошевиќ. Испратениот сигнал до целата југословенска јавност е дека српското раководство не е осамено и дека може да смета на македонска поддршка.
Меѓутоа, дали навистина тогаш Слободан Милошевиќ има поддршка во Македонија и колку е длабока таа поддршка? Не треба да се има никаков сомнеж дека неговата политика на „цврста рака кон Албанците“ има поддршка и кај Македонците, како кај комунистичкото раководство, така и помеѓу населението. Не случајно во таа 1988 година Златниот венец на „Струшките вечери на поезијата“ го добива Десанка Максимовиќ, а Слободан Милошевиќ лично доаѓа во Струга за да присуствува на доделувањето на ова признание за големата српска поетеса. Заострувањето на политиката кон Албанците на Косово си има одблесоци и во Македонија, па тие години се случува цела серија потези што ги влошуваат меѓуетничките односи помеѓу Македонците и Албанците. Анкетите, пак, покажуваат дека српскиот лидер има огромна поддршка и популарност помеѓу Македонците.
Меѓутоа, во Македонија, за разлика од Црна Гора, во следната 1989 година не се случува извоз на „антибирократската револуција“. Оваа епизода не е доволно истражена во македонската историографија, во македонската политичка наука и во македонската публицистика.
Мило Ѓукановиќ, Светозар Маровиќ и Момир Булатовиќ доаѓаат на власт во јануари 1989 година, на крилјата на „антибирократската револуција“. Оваа млада тројка цврсто ја врзува Црна Гора во орбитата на Белград и на Слободан Милошевиќ, а истовремено прави чистка на сите кадри во политиката, стопанството и во општеството. Дури и некои освоени слободи или делумната професионализација во многу области на живеењето во Црна Гора претрпува сериозен удар и се враќа неколку чекори наназад, како резултат на успехот на „антибирократската револуција“ во Црна Гора.
Не се точни тврдењата дека немало обид за извоз на „јогурт-револуцијата“ и во Македонија. Радио-телевизија Белград и Нови Сад, како и изданијата на „Политика“, тогаш веќе започнаа да прават прилози против тогашното раководство на македонските комунисти, а беше направен и обид за организирање „митинг на солидарноста“ со косовските Срби и Црногорци во Скопје (кој на крајот заврши со некаква трибина во Собранието на Град Скопје, сега сала на Советот на Град Скопје). Исто така, тогашниот (и последен) шеф на сојузната партија Милан Панчевски, иако македонски кадар, дејствува како составен дел на тимот на Слободан Милошевиќ. Значи, веќе се разработувал теренот за подготовка и на македонска епизода на „антибирократската револуција“.
Неуспехот на Слободан Милошевиќ за иницирање „јогурт-револуција“ во Македонија треба да се бара прво во отпорот на македонското комунистичко раководство против овие тенденции. Искуството од Војводина и Црна Гора јасно укажува каде би се движеле нештата доколку се дозволи прелевање на „јогуртот“ и во Македонија. Понатаму, иако иницијално Милошевиќ ги осудува и ги игнорира Меморандумот на САНУ и подемот на српскиот национализам, сепак, тој најпрагматично избира да го злоупотреби овој сентимент во своја корист. Веројатно тука доаѓа до пресвртна точка кај Македонците. Имено, и покрај искреното македонско-српско пријателство, кај Македонците постои изострено „шесто сетило“, кое веднаш реагира на пројавата на секој великосрпски хегемонизам и негирање на македонскиот идентитет. Слободан Милошевиќ и неговата екипа не увидоа дека Македонците остро реагираат кога некој им одрекнува дека се посебен народ, со свој јазик и идентитет, а околу нив веќе беснееја најодвратните српски шовинисти. Всушност, Слободан Милошевиќ го потцени македонскиот народ и затоа ги изгуби симпатиите, што им овозможи на македонските комунисти да пронајдат платформа за своја одбрана од налетот на „антибирократската револуција“. Може да се замисли и алтернативно сценарио, каде што Милошевиќ од 1987, 1988 и 1989 година ќе ги скротеше црнилата на српските хегемонисти насочени против Македонците, па дури и ќе пронајдеше начин уште тогаш да дојде до признавање на автокефалноста на МПЦ од СПЦ, а и други симболи и постапки што афирмативно ќе дејствуваа за македонскиот идентитет. Тогаш веројатно и југословенскиот расплет ќе беше многу поинаков, а и македонскиот од во историјата. Но, Милошевиќ избра поинаков пат…
В недела Црна Гора одлучува дали ќе му даде уште една шанса на Мило Ѓукановиќ и уште нови пет години власт. За наша среќа, во Македонија не дојде до извоз на „антибирократска револуција“, па ние не заглавивме со некој наш Мило Ѓукановиќ, но за наша несреќа влеговме во далеку поголеми проблеми, кои секако не ѝ ги посакуваме на пријателска Црна Гора.
Автор: Ивица Боцевски