Враќање на средновековната медицина
Неколку долги месеци во 1990-тите години, Роналд Шерман патувал низ цела Јужна Калифорнија фаќајќи муви. Како квалификуван лекар што добил стипендија за заразни болести, Шерман бил љубопитен за потенцијалниот нов, но и многу стар начин за чистење на раните. Во медицинското училиште, тој напишал труд за историјата на терапијата со ларви, следејќи како тие помогнале во лекувањето на војниците во Наполеоновите војни, Американската граѓанска војна и Првата светска војна. Сега Шерман сакаше да ги тестира црвите во модерна средина. Никој не одгледувал и продавал такви видови муви што му биле потребни на докторот – па отишол и сам ги ловел, пишува „Гардијан“.
Откако ги собрал примероците, Шерман почнал да работи. Откако ги лекувал своите први пациенти, тој бил импресиониран од резултатите, но сепак се борел да ги објави своите првични научни трудови. Во писмото за отфрлање од едно списание пишувало: „Објавувањето на статијата може да се толкува како одобрување терапија што е античка“. Сепак, денес, Шерман вели дека истото списание веројатно има две или три статии за терапија со ларви секоја година!
Се верува дека старите абориџински племиња ги користеле ларвите за лекување на ранетите, а некои академици тврдат дека практиката датира од почетокот на цивилизацијата. Стотици години подоцна, овие суперинсекти сега се користат за борба против супербактерии. Во ера на зголемена отпорност на антибиотици, ларвите се алтернатива на модерната медицина, бидејќи помагаат во борбата против инфекциите со консумирање мртво ткиво и бактерии.
Помеѓу 2007 и 2019 година, бројот на пациенти на Националната здравствена служба (NHS) во Велика Британија третирани со ларви се зголеми за 47 отсто.
Во меѓувреме постои фарма во Велс што им обезбедува 60.000 медицински пијавици на НХС и другите даватели на здравствени услуги секоја година.
Додека повеќето од нас замислуваат дека пијавицата паднала во немилост по средниот век, пијавиците биле постојани здравствени помошници со векови. Паразитите ослободуваат хемикалии што ја разредуваат крвта и го инхибираат згрутчувањето, што значи дека можат да спречат смрт на ткивото со подобрување на циркулацијата на крвта во областите каде што таа е забавена. На тој начин тие можат да ги спасат екстремитетите од ампутација по непријатни несреќи.
Во употреба е и медот, кој Старите Египќани го користеле за лекување рани пред илјадници години. Иако Националната здравствена служба понекогаш ги користи медицинските облоги од мед, во септември 2022 година научниците од Универзитетот во Манчестер тврдеа дека лепливите материи треба да се сметаат како алтернатива на антимикробните лекови.
– Едно е сигурно, растечката глобална отпорност на антибиотици го поттикнува развојот на нови терапии како алтернатива за борба против инфекциите и мислиме дека медот има улога во тоа – вели постдокторскиот истражувач Џоел Јупанки Милс.
Во време кога роботите можат да вршат замена на колк, а црниот дроб може да се поправа со клетки одгледувани во лабораторија, зошто древните практики се враќаат во употреба?
– Постои табу што им стои на патот на луѓето што ја користат оваа техника. Но многу практичари, откако ќе го испробаат својот прв случај, дури и ако тоа е последното средство, тие гледаат што може да направи. Истражувањата покажаа дека ларвите ја намалуваат површината на раната и промовираат побрзо заздравување од конвенционалните облоги – вели Шерман за терапијата со ларви.
Следејќи ги работата на Шерман и истовремената работа на британскиот доктор Стив Томас, НХС прифати употреба на терапија со ларви во 2004 година. Во 2005 година, велшкиот „НХС траст“, каде што работеше Томас, беше претворен во приватна компанија „ЗуБајотик“, сега „БајоМонд“ – стерилна фабрика за производство на ларви во Велс, која моментално им е дом на 24.000 муви.
Вики Филипс, менаџерка за клиничка поддршка во „БајоМонд“, ги едуцира лекарите за придобивките од терапијата со ларви.
– Ларвите ќе јадат само мртво ткиво – објаснува таа.
Ларвите на „БајоМонд“ се испорачуваат во асептични мрежи од полиестер, познати како „бајобегс“, секоја направена по нарачка, имајќи го предвид пациентот. Ларвите се пакуваат наутро и се испраќаат попладне во изолирани кутии.
– Секогаш им кажувам на пациентите и на лекарите дека ова се најчистите мали црви што некогаш ќе ги сретнат. Мислам дека има само еден поштенски код на кој не сме испратиле во цела Велика Британија – вели таа.
„БајоМонд“ е единствениот снабдувач на медицински црви на НХС, а во просек 9.000 „бајобегс“ се испраќаат до давателите на здравствени услуги во Велика Британија секоја година. Ќесите доаѓаат во пет различни големини и секоја се користи за четиридневен циклус на третман, по што црвите се отстрануваат како медицински отпад.
Пациентите се изненадени, но и воодушевени
Розалин Томас е педијатар во здравствениот одбор на универзитетот „Свонси Беј“ што користи црви на своите пациенти веќе 26 години. Таа е специјализирана за нега на стапалата на дијабетичари и откри дека терапијата со црви е најбрзиот начин за чистење на раните. Според неа, тоа е алтернатива на инвазивната и скапа операција и е помалку нарушувачка за пациентите, кои често можат да си одат дома по третманот.
– За 26 години имав само една пациентка на која ѝ беа потребни околу три недели за да се согласи, но на крајот се согласи. Не можам да се сетам дека некој целосно одбил третман – вели таа.
Во средниот век пијавиците се користеле за пуштање крв, бидејќи се верувало дека ги балансираат четирите телесни течности, но очигледно ова не е она што се работи денес на хирудотерапија. Сепак, присуството на ларви и пијавици во современите болници може да направи многумина да се запрашаат дали има нешто друго што би можеле да научиме од нашите предци. Кристина Ли е една од основачите на тимот „Еншент бајотикс“ на Универзитетот во Нотингем. Оваа истражувачка група, основана во 2013 година, се состои од научници што ја истражуваат ефикасноста на одамна заборавените лекови.
– Она што е навистина сосема ново е соработката помеѓу научниците и луѓето во уметноста – вели Ли, професор по англиски јазик, која ги истражува англосаксонските концепти за здравје и болест.
Ли нагласува дека работата на тимот „Еншент бајотикс“ не се однесува на алтернативна медицина или приготвување лосиони и напивки за да ги пробате сами дома. Наместо тоа, станува збор за барање лекови засновани на наука, кои би можеле да го поттикнат модерното откривање лекови.
– Бев многу, многу критична. Мислев дека ова не е нешто што функционира – вели Ли за нејзината првична реакција на тестирањето на древните лекови.
Сепак, кога таа и нејзините колеги тестирале англосаксонски третман за инфекции на очите, стар 1.000 години, биле воодушевени од резултатите. Откако измешал алиум (лук, кромид и праз) со вино и жолчка од желудникот на крава (oxgall), тимот ја тестирал смесата на вештачки рани, а подоцна рецептот го испратил во САД за тестирање на глувци. Во 2015 година тие објавија дека лекот што Ли го превела од медицинскиот учебник „Балдс личбук“ од 10 век, убива 90 отсто од бактеријата МРСА во раните. Тимот на „Еншент бајотикс“ верува дека тоа не било само една состојка што го направила мелемот толку моќен, туку комбинацијата што имала ефект.
По откритието, тимот доби финансирање од Британското здружение за дијабетичари за да го тестира својот мелем на човечки клетки, но и покрај раниот успех, на групата не ѝ било секогаш лесно да обезбеди финансирање.
– Има одреден отпор. Ние сè уште работиме на тоа – вели Ли.
За конечниот резултат од работата на тимот, Ли вели дека постои голем проблем со отпорноста на антибиотици, но се надева дека ќе се најде помош.
Стив Томас, сега 74-годишен лекар што помогна да се донесат ларвите во НХС, вели дека ако Едвард Џенер се обиде денес да добие одобрение за својата работа за кравји и големи сипаници, нема да добие!
– Секој производ дизајниран за медицинска употреба мора да помине низ ригорозна програма за тестирање на безбедноста и процес на регулаторни работи пред да биде одобрен за човечка употреба. Ако е успешно, тоа води до клинички студии. Тие одземаат неверојатно многу време и многу се скапи, а со мали исклучоци, речиси секогаш се финансирани од индустријата. Ниту една компанија нема да инвестира толку пари за да ја заврши оваа работа на производ што не може да го патентира – пишува тој.