Фото: Горан Анастасовски

Во различни области како негов плен се најразлични животни – стаорци, глувци, зајаци. Јаде и мрша од овие видови, како и млади и возрасни лисици, златки и други грабливци, до големи инсекти (најчесто бумбари), па дури и риби. Особено сака ежови и змии и не се плаши од отровноста на поскокот

Големиот ушест був е најголемата ноќна граблива птица од семејството утови што се среќава и во Македонија. Оваа птица е најголем вид меѓу утовите, а наедно и најголем ут во Европа, со должина на телото од 59 до 73 см, распон на крилјата 160-190 см и маса од 2 до 4 кг. Поседува големи пердувести „уши“ на врвот на главата, кои немаат никаква врска со ушните отвори, кои се наоѓаат пониско на главата. Мажјакот и женката не може да се разликуваат по надворешноста, бидејќи се сосема исти по боја и големина. Меѓутоа, мажјакот и женката се разликуваат токму по пердувестите „уши“, кои кај женката се спуштени надолу.
Бувот лови ноќно време, од квечерината до зората. Летот е бесшумен, со меки замавнувања кога прелетува долги растојанија. Бувовите имаат разни техники на лов. Може да го фатат пленот на земја, но и во полн лет. Исто така може да ловат во шума, но повеќе претпочитаат отворени простори. Можат да живеат повеќе од 60 години во заробеништво, а во дивината најмногу околу 20 години. Немаат вистински природни непријатели, па далноводите, сообраќајот и ловот се главните причини за смрт. Територијалното огласување на мажјакот е длабоко и звучно „ху“, кое се повторува во интервали од околу 8 секунди. Женките често се огласуваат со звук што личи на огласувањето на лисицата. Хукањето на мажјаците во текот на мирните летни ноќи се слуша надалеку, дури и на 2-3 километри. Најчесто се огласува во квечерина или взори.

Во различни области негов плен се најразлични животни – стаорци, глувци, зајци. Јаде и мрша од овие видови, како и млади и возрасни лисици, златки и други грабливци, до големи инсекти (најчесто бумбари), па дури и риби. Особено сака ежови и змии и не се плаши од отровноста на поскокот. Напаѓа и црни и степски творови и лилјаци.
Големиот ушест був се среќава само во изолирани места, но генерално на големи пространства од Европа и Азија, без крајниот север, во стари широколисни и иглолисни шуми, степи, полупустини, влажни низини и суви карпести терени.
Брачниот период започнува во февруари. Се гнезди во карпести пукнатини и возвишенија на земјата и ретко во пукнатини од дрвјата. На крајот на март снесува од две до четири јајца во интервал од два до четири дена. Затоа испилените млади (по 35-дневно квачење на јајцата) се со различна возраст. Храната ретко е доволна за сите, особено ако се пет или шест. Во тој случај, најголемите бувчиња ги убиваат и јадат помалите. Младите птици започнуваат да летаат во јули. Младите бувови стануваат полово зрели во втората година од нивниот живот.

Подготвил: Далибор Станковиќ