Во 1927 година во Софија се одржала средба на Кукушкото братство, на која била предвидена изложба на слики од Никола Гугушев. Овој сликар во 1920 година формирал книжевен клуб „Гоце Делчев“, кој бил забранет од бугарското министерство за правда. За време на изложбата, посетителите го поттикнале Гугушев да наслика портрет на Гоце. Во 50-тите години на 20 век, Гугушев изработил уште едно масло на панел од истата скица и ѝ го подарил на Тина, сестрата на Гоце. Тоа подоцна преминало во сопственост на внуката на Гоце, Нина Андонова, но по нејзината смрт во 2006 година заталкало по арт-дилери низ Бугарија, а денес се наоѓа во приватна колекција на Влатко Милошевски
Влатко Милошевски, по професија инженер по електротехника, кој живее во Холандија, на македонската јавност ѝ е познат по извонредниот лексикон на странски сликари што биле инспирирани во творештвото од престојот во Македонија, за кој своевремено пишуваше и „Нова Македонија“.
Во меѓувреме, комуникацијата со Милошевски продолжи и тој со гордост нѐ информира дека поседува портрет на Гоце Делчев во комитска облека, масло на картон, нацртано во 1953 година од сликарот Никола Гугушев. Станува збор за портрет што е купен во Бугарија, кој бил во сопственост на потомците на Тина Андонова, сестра на Гоце Делчев. Влатко Милошевски вели дека би било убаво сликата да се врати во Македонија, како што и последната желба на Гоце била да почива во слободна Македонија.
Како беше откриен портретот на Гоце Делчев
Во април 2018 година на гигантската мрежа за е-трговија Ибеј (eBay) се појавил оглас за продажба на портрет на Гоце Делчев во комитска облека со оружје, масло на картон, нацртано во 1953 година од сликарот Никола Гугушев. Милошевски го видел огласот и на продавачот од Бугарија му дал многу ниска понуда, која на негово изненадување била прифатена. Стапил во контакт со продавачот за да ги договори наплатата и транспортот, но повторно бил изненаден кога му било посочено дека продавачот поседува уште четири портрети на Гоце Делчев, исто така масла на платно, нацртани во периодот 1930-1955 година. Во разговорот со Влатко Милошевски, продавачот нагласил дека во Софија никој не ги купува портретите на Гоце, младите ги добиле во наследство од баба си и дедо си, ама не им се допаѓаат, а не го ни знаат.
Според Милошевски, во тој период македонско-бугарските односи биле релативно нормални, немало кавги и спорови околу Гоце Делчев. Разговорот бил најнормален и му било понудено да ги купи сите портрети на Гоце наеднаш. Милошевски ја одбил понудата затоа што во домот немал место за толку многу слики, а од друга страна не знаел што би им правел на толку многу портрети на Гоце Делчев. Влатко Милошевски го купил само тој од 1953 година, нацртан од Никола Гугушев.
Кој е сликарот Никола Гугушев и каква е неговата врска со Гоце Делчев?
Во потрагата по повеќе информации за сликарот и за историјата на сликата, Милошевски го пронашол написот „Мојот расказ за Гоцевиот род“, објавен во 1983 година во Софија, Бугарија, напишан од внуката на Гоце, госпоѓата Нина Андонова. Нејзината баба Тина Андонова (1874 – 1955) му била сестра на Гоце Делчев. Во споменатиот расказ Нина Андонова посведочува дека сликата била во сопственост на нејзините родители, а таа и брат ѝ како деца си играле комити крај сликата, инспирирани од пиштолот и камата на Гоце. Исто така таа посведочува дека секојпат кога нејзината баба Тина ќе ја погледнела сликата, започнувала да плаче. Дури на возрасни години на госпоѓата Андонова ѝ станало јасно зошто плачела баба ѝ на секој поглед кон сликата – плачела по своите прерано починати браќа Гоце, Милан, Димитар и Христо, плачела за целото семејство Делчеви, кое го следела лоша судбина.
Во домот на нејзините родители покрај сликата на Гоце стоело старо бакарно тенџере, кое било спомен на родното место во Кукуш. Кога за време на Балканските војни, грчката војска го запалила Кукуш, настанал општ погром, а единственото нешто што семејството Делчеви успеало да го земе од својот дом во Кукуш било тоа старо бакарно тенџере. Во Кукуш до куќата на Делчеви била и куќата на Гугушеви. Од оваа кукушка фамилија е познат Петар (Туше) Гугушев, член на Македонската револуционерна организација (МРО), кој лично бил покрстен во револуционерната организација од страна на Гоце Делчев во 1895 година. Тогаш во организацијата била примена и сестрата на Делчев, Руша Делчева, која била меѓу првите жени членови на организацијата. Влатко Милошевски верува дека Туше Гугушев е брат на сликарот Никола Гугушев.
Како настанала сликата?
Во 1927 година во Софија се одржала средба на Кукушкото братство, на која била предвидена изложба на слики на Никола Гугушев. Овој сликар во 1920 година формирал книжевен клуб „Гоце Делчев“, кој бил забранет од бугарското министерство за правда. За време на изложбата, посетителите го поттикнале Гугушев да наслика портрет на Гоце. Предизвикот бил прифатен и за 30 минути била направена скица, а од неа масло на платно од овој портрет, кое му го подарил на Христо – братот на Гоце Делчев.
Во 50-тите години на 20 век, Гугушев изработил уште едно масло на панел од истата скица, кое ѝ го подарил на Тина, сестрата на Гоце. Тоа подоцна преминало во сопственост на внуката на Гоце, Нина Андонова, но кое по нејзината смрт во 2006 година заталкало по арт-дилери низ Бугарија, а денес се наоѓа во приватна колекција на Влатко Милошевски.Д. Ст.
Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година
Автори на „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година“ се Влатко Милошевски и Зоран Андонов. Во Лексиконот, на речиси 400 страници, се претставени биографиите на 246 странски сликари и 590 фотографии од нивните дела создадени во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година.
– Овие ликовни дела, акварели, бакрорези, цртежи, графики, илустрации, се инспирирани од луѓето, градовите, пејзажите, обичаите или од историските настани што се случиле во Македонија, во втората половина на 19 и првата половина на 20 век – велат авторите.
Академик Љупчо Коцарев на промоцијата на ова вредно книжевно дело кажа дека уметничкото творештво собрано во лексиконот има непроценлива вредност за иднината на Македонија.
– Оваа книга зборува за уметничкото творештво видено низ очите на странците што во периодот 1850-1950 година биле на овие простори и сведочат за македонскиот непокор, за творештвото македонско. Затоа јас упорно тврдам дека за иднината на Македонија се потребни две работи – науката и уметноста. Науката за да можеме да имаме подобар економски раст и развој, а уметноста за да не бидеме заборавени – рече по тој повод Коцарев.