Македонците, без разлика на местото на раѓање, живеење или работење, се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како заеднички именител и обединувачки елемент на македонскиот национален супстрат има обврска да се грижи за сите Македонци. И обратно! Македонците од Бугарија, Србија, Грција и од Албанија, како и многубројната македонска дијаспора од Европа, Америка и од Австралија, имаат право и обврска да ги следат, да се грижат и да ги искажат своите ставови за состојбите и случувањата во нивната матична држава и да вложат напори за развојните политики што ја засегаат целата македонска нација. „Нова Македонија“ конципира еден мини-проект за да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава, во врска со нивната информираност за политичките, економските, безбедносните и други состојби внатре во Македонија, и од една пообјективна дистанца однадвор да ги презентира за македонската јавност нивните размислувања и реакции. „Нова Македонија“ во неколку наврати ќе објави интервјуа со претставници на Македонците надвор од Македонија, во соседството и со македонската дијаспора, во кои ќе бидат опфатени повеќе теми за тоа како тие надвор ги чувствуваат општествените движења во Македонија, но и што може да направат тие за да се унапреди функционалноста на Македонија како матична држава на целиот македонски народ.
Интервју со Иљчо Китанов, претседател на Македонскиот национален совет – Швајцарија
Иљчо Китанов, претседател на Македонскиот национален совет – Швајцарија, е еден од најактивните Македонци на македонската дијаспора во Швајцарија. Пошироката македонска јавност во Република Македонија за првпат се запозна со него кога во својство на претседател на Македонскиот национален совет – Швајцарија беше еден на организаторите на иселеничката вечер што се одржа на 4 август во комплексот Лебедово Езеро. На оваа средба, Китанов ја упати пораката дека е време Македонците да се обединат и заедно да чекорат напред. Со Китанов разговаравме за тоа како Македонците од Швајцарија гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија, како македонската дијаспора размислува за начините за надминување на актуелните предизвици и каква би била нивната поддршка.
Од ваша перспектива, однадвор и од Западна Европа, пообјективно гледано, што сметате дека е еден од најголемите проблеми со кои се соочува Македонија како држава?
– Искрено, најмногу нè загрижуваат великоалбанскиот радикализам, шовинизам и иредентизам. Во суштина албанскиот политички фактор во Македонија, но и во еден поширок контекст, има своја политика и кауза, кауза што е поставена на радикални принципи, кои постепено се остваруваат. Мора да заврши оваа великоалбанска тенденција, затоа што ја доведува во прашање егзистенцијата на македонската држава. Од друга страна, прашање е дали албанскиот народ сака да живее во заедничка држава со Македонците. Доколку внимателно анализираме и ги земеме предвид сите изблици на великоалбанскиот национализам во Македонија, може да се заклучи дека голем дел од Албанците не сакаат соживот со припадниците на македонскиот народ. Таков впечаток имаме ние во Швајцарија. Недозволиво е манифестирање на великоалбанската симболика, како што беше веењето на знамето на кое беше претставена велика Албанија.
Каков е вашиот став за функционалноста на македонските институции и правниот систем во Македонија?
– Доколку направиме споредба помеѓу Македонија и Швајцарија, многу лесно може да се забележи дека законите во македонската држава се спроведуваат селективно и не важат за сите македонски граѓани без разлика на нивната етничка припадност. При последната моја посета на Македонија бев сведок на една апсурдност. Имено, при прошетката на Скопје, поточно на старата скопска чаршија, можев да забележам дека сите објекти работеа, со исклучок на еден, кој беше во фаза на затворање. Го прашав сопственикот зошто затвора. Добив одговор дека е 23 часот и дека е истечено работното време. Меѓутоа го запрашав зошто и другите дуќани и ресторани не затвораат? Ми одговори дека е Македонец и има притисок. Ова е многу јасен пример дека законите во Република Македонија за едни важат, а за други не. Вакво нешто не може никогаш да се забележи во Швајцарија, ниту пак во некоја друга западноевропска држава. Законите треба да важат еднакво за сите без разлика на етничката или политичката припадност. Истовремено може да се забележи дека државните институции во Република Македонија не си ја вршат работата. При мојата посета на Македонија увидов дека припадниците на албанската заедница го користат албанското државно знаме. Тука нема ништо противречно, меѓутоа секоја заедница покрај сопственото национално знаме треба да го истакне и знамето на државата во која живее. Институциите мора да поработат на регулативата, но и на претенциите од ваквите појави. Во Швајцарија секоја заедница го користи своето знаме, но се користи заедно со швајцарското државното знаме, како што италијанската заедница истовремено ги истакнува знамињата на Италија и на Швајцарија.
Како гледате на широките најопшти национални интереси за Македонија, а како на партиските?
– Треба прецизно да дефинираме што е патриотизмот? Дали е тоа партијата или националните и државните интереси? Јас имам своја политичка определба, но таа определба не може да биде над националните и државните интереси. Треба само да ги погледнеме Албанците. Сите имаат политичка и партиска припадност, меѓутоа сите ги ставаат албанските национални интереси пред партиските интереси. Сметам дека доколку Македонија сака да биде успешна приказна, сите македонски политички чинители треба најпрво да ги постават државните и националните, а потоа партиските интереси. Мора од некаде да почнеме, имаме луѓе во Македонија што се вистински патриоти, кои ќе можат да ги променат нештата во Македонија. На овие луѓе им треба поддршка и треба да им се даде.
Како гледате на македонските евроинтеграции како процес, а како на преговорите со Европската Унија?
– Преговорите со Европската Унија и евентуалното членство на Македонија во оваа заедница се позитивен чин. Но тоа не значи дека треба да преговараме за македонскиот идентитет или за македонските национални особености како што се јазикот, историјата, културата итн. Мојот став е дека не смее да има преговарање со македонскиот идентитет, а за ова прашање треба да се слушне и ставот на сите Македонци, вклучувајќи и на македонската дијаспора, затоа што Македонија е матична држава на целиот македонски народ. Сите отстапки во однос на македонскиот идентитет ќе се одразат и врз македонската дијаспора.
Дали македонската дијаспора може да ѝ помогне на Македонија?
– Краткиот одговор е да. Има многу области во кои македонската дијаспора може да одигра позитивна улога. Во овој момент, дијаспората може да биде амбасадорот на Македонија во светот. Конкретно македонската дијаспора во Швајцарија може да биде врската помеѓу Македонија и Швајцарија. Зошто Швајцарија да не знае за Македонија? Зошто Швајцарија или Европа да не биде информирана за проблемите со кои се соочува македонското општество, како што се изблиците на великоалбанскиот радикализам или бугарските уцени што пристигнуваат од Софија. Од друга страна, мора да ја промовираме македонската држава. Во оваа конотација, во организација на Македонскиот национален совет – Швајцарија неколку странски дипломати ќе ја посетат Македонија.
Што би го посоветувале македонскиот народ?
– Македонија е татковина на сите Македонци без разлика каде се родени и живеат. Сите ние, македонската дијаспора и Македонците од Република Македонија, мора заеднички да работиме за просперитет на Македонија, затоа што таа е матична држава на целиот македонски народ. Таква порака испративме и на иселеничката вечер што беше организирана од страна на Македонскиот национален совет – Швајцарија, односно дека е крајно време да се обединат Македонци секаде во светот, во дијаспората и во Република Македонија. Македонската дијаспора има голем капацитет и потенцијал со кои може да помогне и да поддржи голем број процеси во македонската држава од политички или економски аспект.