Воената опција на САД кон Иран како повод
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран „нема планови за егзекуции“, но, сепак, ја релативизира воената опција, велејќи дека неговата администрација ќе почека и ќе види како ќе се развива ситуацијата. Пред неколку дена тој му се закани на Техеран дека ќе изведе воена акција врз Иран ако се реализираат најавените егзекуции на уапсените демонстранти, кои претходно две недели протестираа против режимот на ајатолахот Хамнеи. Но кога новинарите директно го прашаа Трамп дали во моментот е на маса воена интервенција врз Иран, тој одговори „не“. Сепак, и покрај сѐ, на американски службеници им е советувано да ја напуштат американската воена база во Катар како мерка на претпазливост, а шест воени авиони стратотанкери КЦ 135С полетаа од базата Ал Удеид од Катар. Повеќе земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран. Дали е на повидок е нова воена интервенција на САД во Иран?
Оптимизам од Вашингтон: Трамп експлицитно изјави дека воена интервенција
„во моментов не е на маса“
Според упатени дипломатски извори, од САД ниту официјално ниту неофицијално нема (претекување) информација дека постои некаков „план за напад врз Иран“ Згора на тоа, Трамп експлицитно изјави дека воена интервенција „во моментов не е на маса“. Сепак, врз основа на повеќедецениско искуство, некои од нашите соговорници презентираат свои мислења и сондажи за тоа каков тип на опции обично се разгледуваат и како тие концептуално би се разликувале од претходни ограничени акции – без да се зборува за конкретни цели, рокови или тактики.
1. Клучна разлика: „казнена акција“ наспроти „стратегија на притисок“
Претходните американски воени дејства во тој регион (или поддржаните акции) најчесто беа ограничени по обем, симболични или одвраќачки и насочени кон конкретен инцидент (одмазда) или како конкретен сигнал. Во сегашниот контекст, доколку воопшто би се размислувало за сила, концептот би бил поинаков, не како брз напад, туку како дел од поширока стратегија на притисок и одвраќање.
– Без навлегување во оперативни детали, САД традиционално ги разгледуваат следниве невоени и воени слоеви, по редослед. Прво, тоа е политичко-дипломатски притисок што содржи меѓународна изолација, координација со сојузници, предупредувања и поставувања услови. Тоа е моментално доминирачкиот облик. Второ, се размислува паралелно на мерки на економски и институционален притисок со активирање строги санкции, финансиска изолација и притисок врз елитите заради промена на однесувањето. Но ова не вклучува „режимска промена со сила“. Натаму, мерките на САД содржат веќе разработени невидливи и индиректни средства, кои чекаат активација, како што се кибер-притисок, разузнавачки активности, зајакнување на регионалното одвраќање.
2. Ограничената воена опција, доколку се активира, навидум би изгледала слично со досегашните, но различно концептуално
Според аналитичари со повеќедецениско искуство, кога би се разгледувала „опцијата со употреба на сила“, концептот не би личел на „класичен напад врз Иран“, туку кратка контролирана демонстрација на моќ со јасна политичка порака, со цел да се спречи понатамошна ескалација. Имено, не би станувало збор за „инвазија или долготрајна војна“. Според соговорниците, сегашниот момент е различен и затоа бара нов приод за постигнување нови цели, поврзани со промена на тамошните режимски политики или, уште порадикално, со „промена на режимот во Иран“.
– Зошто сегашниот момент е „поинаков“? Затоа што станува збор за внатрешни случувања во Иран, што го прави секое надворешно мешање политички ризично. Регионалната безбедност е исклучително чувствителна и Трамп се обидува да избегне директна војна со непредвидливи последици. Затоа и гледаме евакуации како превентивна мерка, пренасочување летови, воена подготвеност без директна акција. Затоа, во овој момент, не постои индикација дека САД планираат конкретен напад врз Иран. Ако воопшто се размислува за воена опција, таа би била ограничена, внимателно калибрирана и дел од поширока стратегија, а не самостојна акција – велат нашите соговорници.
Поаѓајќи од ставот на нашите соговорници, преовладува мирнодопската опција на решавање на „иранскиот јазол“. Но, опсервирајќи ги динамичните односи во целиот свет, а особено на Блискиот Исток, деновиве ќе добиеме конкретен одговор на прашањето од насловот. Р.С.
Препознавање на индикаторите за војна или мир во врска со случајот „Иран“
Што ќе натежне на Т-вагата за Иран: тежината на тасот за ескалација или на тасот за деескалација
Во меѓународното право и дипломатската пракса, ваквите кризни ситуации како иранската, ретко одат директно кон војна. Тие најчесто се движат низ препознатливи фази на ескалација и деескалација, со препознатливи индикатори за едната или другата опција и со јасни „сопирачки“ механизми.
За тоа дали се препознаваат индикатори за војна или мир, наши соговорници, дипломати од кариера, истакнуваат неколку фундаментални елементи, кои ги издвојуваат за на читателите на „Нова Македонија“ да им доближат како вообичаено функционира системот.
Правна рамка: Што е дозволено, а што не е
Иако сме сведоци на сѐ почесто излегување од меѓународноправната рамка за начините на расплет на кризните ситуации, нашите соговорници, дипломати од кариера и легалисти, најпрвин ја издвојуваат над сѐ Повелбата на ОН, како основа за излез од ќор-сокакот на кој било конфликт.
– Имено, според членот 2(4) од Повелбата на ОН, забранета е употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на држава. Сепак има дозволени исклучоци и употреба на сила е правно дозволена само во случај на самоодбрана (членот 51) – по оружен напад, потоа со одлука на Советот за безбедност на ОН и во ограничени случаи по покана од легитимна влада. Така, внатрешните репресии, протести или егзекуции не се автоматска правна основа за воена интервенција.
Како досега и во практиката вообичаено се препознаваат индикаторите за започнување на ескалацијата?
Според соговорниците, едноставно е да се препознае индикаторот за политичка и вербална ескалација преку остри изјави, јавни закани, дипломатски демарши… Сите овие се форми на притисок и се без правна последица. Натаму, индикатор на ескалација се препознава и во одредени симболични и превентивни мерки, како што се евакуации, пренасочување летови, подигање борбена готовност. Ови мерки се правно дозволени затоа што се одбранбени и превентивни.
Но сериозни индикатори на ескалација што не се видливи и индиректни и се наоѓаат во т.н. сива зона се различните кибер-операции, разузнавачки активности, поддршка и координација, со елементи на кооперативност и заедничка операбилност со регионални партнери. Овие активности често не се јавно видливи.
Од друга страна, индикатори на деескалација се препознатливи во вклучувањето на дипломатските механизми со посредници (во случајов тоа може да бидат Швајцарија, Оман, Катар), потоа со заднински канали и тајни разговори, што е најчест и најефикасен метод.
Изјавите во кои се наведува дека „сите опции се на маса“ и дека „се остава простор за повлекување“, иако двосмислени, нашите соговорници дипломати ги ставаат на контото на деескалацијата, заради создавање впечаток за спасување на политичкиот углед без конфликт, по што следува контролирано смирување, повлекување на сили, пауза во реториката и одредени симболични гестови. Меѓународните мултилатерални институции се во истиот контекст на деескалација, како што се дебатите во Советот за безбедност и резолуции (дури и без обврзувачка сила), и служат како вентил за спуштање на притисокот.
Двата клучни сѐ уште непрепознатливи индикатори на деескалација всушност, според соговорниците, не се правните ограничувања за да се оправда нападот над Иран, туку регионалниот ризик (широка ескалација), вклучувајќи ги и економските последици – глобални пазари, енергија… Р.С.
Ревидирање на политиките на Иран или пад на целокупниот режим на Хамнеи
САД формално ниту можат ниту реално планираат директно „да го соборат“ режимот на Али Хамнеи со отворена сила, затоа што тоа би било правно проблематично, воено ризично и политички контрапродуктивно. Затоа во пракса се користи сосема поинаков модел од „закана – напад – смена на власт“.
Што навистина сакаат САД?
Според американски дипломатски брифери, официјалната цел на САД не е експлицитно „соборување на режимот“, иако тоа најчесто се перципира така во јавноста. Имено, целта на Вашингтон засега е промена на однесувањето на режимот на Хамнеи, ограничување на репресијата, спречување регионална ескалација, слабеење на идеолошката и безбедносната моќ на теократската држава… Сепак, изворот потврдува дека режимска промена е посакуван исход, но не јавно декларирана цел, затоа што е спротивна на Повелбата на ОН, мобилизира внатрешна поддршка за режимот на Хамнеи, а и го легитимира внатрешното насилство во Иран.
Историски и структурно, Иран е голема држава (повеќе од 80 милиони жители), со силна национална кохезија, со безбедносен апарат дизајниран за внатрешна репресија, со идеологија што преживува под надворешен притисок. Надворешен воен напад речиси секогаш го зајакнува тамошниот режим, бидејќи опозицијата се дискредитира како „странски инструмент“, протестите се задушуваат под изговор за национална безбедност, а елитите се обединуваат околу врховниот водач. Примерите Ирак, Либија и Авганистан се негативни преседани што САД не сакаат да ги повторат.
Затоа, според соговорникот, овој пат Вашингтон со голема веројатност нема да оди кон моделот „напад, па пад на режимот“, туку ќе оди по моделот „надворешен притисок во пакет со внатрешна ерозија на режимот“. Тој модел би бил во насока на подолгорочно слабеење на државната моќ, санкции што ја погодуваат елитата, не населението, кон финансиска изолација и ограничување на безбедносните структури. Накусо, режимот во Иран да стане скап за одржување. Во исто време тој модел предвидува делегитимација, не уништување, преку документирање тамошни репресии, меѓународна правна стигматизација, изолација на лидерите, а не на населението, со цел режимот да го изгуби моралниот и политички кредибилитет. Р.С.
Земјите од Персискиот Залив лобираат во САД за Трамп да не го нападне Иран
Поголеми бенефити за САД од мир отколку од војна
Според државната турска агенција „Анадолу“ (АА), „клучните арапски држави околу Персискиот Залив вклучија механизми по приватни линии да лобираат во САД за да се воздржат од започнување воен напад врз Иран“, плашејќи се дека тоа ќе предизвика неконтролирани економски и политички превирања низ Блискиот Исток. Според извештаите на турската АА, Саудиска Арабија, заедно со Оман и Катар, ги интензивира неформалните дипломатски контакти со администрацијата на Трамп откако Белата куќа испрати еден вид сигнали дека се подготвуваат за потенцијална акција против Техеран.
Големи влогови,
никакви добивки
Во центарот на грижата на земјите од Персискиот Залив е Ормускиот Теснец (морски премин низ кој секојдневно поминува околу 20 отсто од светската нафта). Според извештаите, претставници на Заливот ги предупредиле своите американски колеги дека секоја воена кампања за дестабилизација на иранскиот режим речиси сигурно ќе ги наруши овие витални енергетски резерви, предизвикувајќи глобален економски шок. Тие исто така се плашат од сериозни домашни последици, економска штета и директна иранска одмазда врз нивните територии.
На заливските земји режимот
на Хамнеи не им е драг, но уште
помалку им е драга евентуална
регионална војна
Според извештаите, саудиските претставници му пренеле на Техеран дека Ријад нема да се вклучи во никакви непријателства ниту ќе им даде пристап на САД до нивниот воздушен простор за напади. Овој претпазлив став одразува основна преференција за стабилност пред промена на режимот. Како што забележа поранешниот американски амбасадор Мајкл Ратни, лидерите на Заливот „не го сакаат иранскиот режим, но тие исто така имаат голема аверзија кон нестабилноста“, особено додека Саудиска Арабија го спроведува својот амбициозен план за економска диверзификација „Визија 2030“.
Непредвидливоста
на постхаменејскиот Иран
Надвор од непосредните ризици од војна, лидерите на Заливот се длабоко загрижени за непредвидливите последици од колапсот на иранската држава. Не постои јасна стабилна алтернатива на сегашната теократија; владата би можела да се урне, потенцијално да падне во рацете на уште потврдокорни елементи, како што е Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), или да западне во долготраен граѓански конфликт што ќе се прелее преку границите. Посакуваниот исход за Заливот не е насилно соборување, туку внатрешна реформа во Иран што ја намалува неговата регионална асертивност, а воедно одржува функционална држава. Оваа дипломатија со висок ризик се одвива додека Иран влегува во третата недела од широко распространети антивладини протести, при што групите за човекови права известуваат за стотици и илјадници притворени жртви. Додека американскиот претседател Доналд Трамп јавно ги охрабрува демонстрантите, изјавувајќи дека „помошта доаѓа“, итни апели од земјите од Заливот зад сцената го истакнуваат огромниот јаз помеѓу реториката на Вашингтон и сложените, ризични пресметки на соседите на Иран, за кои војната претставува егзистенцијална економска и безбедносна закана.
Американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на американско-израелски и арапски извори, пишува дека Трамп „ја одложува одлуката за напад врз Иран додека Белата куќа се консултира интерно и со сојузниците за времето на таквата операција и дали таа значително ќе го дестабилизира режимот“. По терминот „сојузниците на Трамп“, „Аксиос“ пренесе информација дека и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху директно разговарал со Трамп. Израелскиот премиер „го замолил Трамп да почека за да му даде на Израел повеќе време да се подготви за евентуална иранска одмазда“. Р.С.
Трамп го стопираше ударот врз Иран, што следува понатаму?
Сè повеќе се наметнува заклучокот дека Трамп (и Нетанјаху) моментално применуваат тактика на исцрпување и чекање. Наместо директен удар, стратегијата се потпира на претпоставката дека внатрешните притисоци во Иран ќе достигнат точка на вриење, било преку продолжување на протестите, било преку евентуални поделби во рамките на државните и безбедносните структури.
Идеалното сценарио за Вашингтон (и Тел Авив) би било внатрешен преврат или воен удар, кој би овозможил промена на власта без директна надворешна интервенција. Меѓутоа, засега нема јасни докази дека иранските воени структури се подготвени да се свртат против постојниот поредок.
Иран остана на работ, но сè уште не е турнат преку него
Тековната ситуација не укажува на деескалација, туку на привремено задржување. Иран остана на работ, но сè уште не е турнат преку него. Ако протестите ослабат и режимот ја консолидира контролата, притисокот од Вашингтон веројатно повторно ќе се засили, бидејќи неуспехот на обидот за смена на режимот преку надворешен притисок за САД претставува стратешки пораз.
Во таа смисла, одложувањето на ударот не треба да се толкува како повлекување, туку како прегрупирање и потрага по поповолен момент. Сценариото на надворешна интервенција и понатаму останува на маса, но само ако процената покаже дека последиците би биле подносливи, а исходот политички одлучувачки.
Засега, судирот влегува во фаза на напнато чекање.
Иран не е Сирија
Познатиот турски геополитички аналитичар Гунгор Јавузаслан ги предупреди САД и сојузниците да не се мешаат во тековните настани во Техеран, бидејќи „Иран не е Сирија“. Според зборовите на турскиот експерт и новинар, „релативниот мир што моментално го доживува Блискиот Исток е на жешко столче“.
– Иран не е Сирија. Иран има околу 90 милиони жители. Има голем домашен потенцијал, значајна геополитичка тежина и сложена општествена структура. Дестабилизацијата на Иран би довела до регионална катастрофа – рече аналитичарот.
Јавузаслан додаде дека интересот на Турција е обединет Иран, бидејќи очекува силен сојузник во регионот на Блискиот Исток.
– Иран е наш сосед. Турција, ниту преку претседателот ниту преку каква било државна политика, не тежнее кон промена на режимот во Иран или кон каква било надворешна интервенција во внатрешните работи на државата. Ние стоиме покрај иранскиот народ и иранската нација. Не сакаме поделен Иран – објасни експертот.
Во овој момент експертот призна дека го критикува актуелниот ирански режим поради кршење на човековите, културните и националните права.
– Меѓутоа, тоа не значи дека треба да дојде до странска интервенција, бидејќи таквата интервенција ќе предизвика хаос и во Иран и во целиот околен регион – нагласи тој. Р.С.

































