На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела

Виртуозниот виолинист Роберт Лакатош (Србија) утревечер, со почеток во 20 часот, ќе настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Искон“. На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела.

„Идеален солист со раскошен самоуверен тон, кој во секој момент настојува да ја импресионира публиката со виртуозност“ (П. Конорс, Бахтрак). Критиката не штеди зборови кога станува збор за изведбата на виолинистот Роберт Лакатош, добитник на првата награда на престижниот Интернационален виолински натпревар во Памплона, Шпанија, во 2015 година. Овој млад уметник претходно ја освои првата награда на натпреварот „Мери Смит“ во Њујорк во 2013 година, како и престижната награда на натпреварот „Андреа Постакини“ во Италија. Тие успеси му ја отворија вратата на неговата интернационална кариера на реномираните музички сцени во светот. Роберт Лакатош настапувал со симфониските оркестри на Малага, Мадрид, Гетинген, Краков, Монтре, Цирих, Истанбул, Љубљана, Нови Сад, како и со Белградската филхармонија. Соработувал со еминентни диригенти на денешнината, како Габриел Фелц, Урош Лајовиц, Џејмс Џад, Мануел Хернандез-Силва, Фабио Мекети, Николас Милтон, Лиор Шамбадал, Антони Вит, Филип Гринберг, Александар Марковиќ и други. Роберт Лакатош е роден во Нови Сад во 1991 година. Израснал во музичко семејство, а ментор му бил неговиот татко Имре Лакатош. Подоцна дипломирал во класата на проф. Дејан Михајловиќ, на Академијата за уметност во Нови Сад. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметност во Цирих, истовремено се усовршува кај врвни уметници, како A. Росенд, Џ. Рахлин, Р. Симовиќ и Р. Коелман. Тие искуства му обезбедуваат траен уметнички квалитет, кој го развива занимавајќи се истовремено со концертни и со педагошки активности. Роберт Лакатош моментално работи како професор по виолина на Академијата за уметност во Нови Сад, како и на Факултетот за музичка уметност во Белград. Од 2018 година е уметнички раководител на камерниот гудачки ансамбл „Роберт Лакатош“, составен од млади музичари, чија цел е да ги промовира младите виртуози на виолина. Добитник е на наградата „Искра на културата“ во 2017 година, признание што Заводот за култура на Војводина им го доделува за современо творештво на млади уметници до 35 години. Роберт свири на виолина „антонио страдивари“ од 1709 година, од приватната колекција на познатиот мајстор Владимир Радосављевиќ.

Диригентот Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер“, која ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага и на симфонискиот оркестар „Навара“ и почесен шеф диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, националниот оркестар на Венецуела, симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде што посветено едуцира млади диригенти.

В.Д.