Точно е дека вештачката интелигенција има потенцијал да го поттикне глобалниот раст и да ја зголеми продуктивноста, но економијата се соочува со сè поголеми предизвици, како што се зголемените трошоци за развој и обврските во однос на користењето енергија. Во меѓувреме инвеститорите си го поставуваат прашањето дали инвестициите во вештачка интелигенција би можеле да доведат до значајни приноси
Брзото темпо на технолошки напредок во изминатава година, особено во делот на вештачката интелигенција, ни даде повеќе причини да бидеме оптимисти. Сепак, како што ја „газиме“ оваа 2025 година, се забележуваат одредени знаци дека „залетот“ на вештачката интелигенција можеби се намалува.
Доминантниот наратив уште од 2023 година е дека револуцијата на вештачката интелигенција ќе ги поттикне продуктивноста и економскиот раст и ќе го отвори патот за неверојатни технолошки откритија. Прајс вотерхаус Куперс (PwC), на пример, проектира дека вештачката интелигенција ќе придонесе со дополнителни 16 трилиони долари во глобалниот БДП во периодот до 2030 година, што претставува зголемување од 14 отсто. Во меѓувреме, студијата спроведена од Ерик Бринјолфсон, Даниел Ли и Линдзи Р. Рејмонд процени дека генеративната вештачка интелигенција би можела да ја зголеми продуктивноста на работниците, во просек, за 14 отсто и за 34 отсто кај новите и нискоквалификувани работници.
Неодамнешните објави на „Гугл“ и „Опен АИ“ се чини дека одат во насока на поддршка на ваквиот наратив и тие даваат увид во идната состојба на нештата, која повеќе не се сведува само на научна фантастика. На пример, квантниот чип „Вилоу“ на „Гугл“, наводно, успеал да заврши репер-пресметување (benchmark computation), што е задача за која на најбрзите суперкомпјутери денес ќе им бидат потребни десет септилиони години (бројката десет проследена со 24 нули), и тоа за помалку од пет минути. Исто така, новиот модел o3 на „Опен АИ“ претставува голем технолошки пробив и ја носи вештачката интелигенција поблиску до точката до која таа ќе може да ги надмине луѓето во која било когнитивна задача. Оваа пресвртница е позната како „вештачка општа интелигенција“.
Постојат, меѓутоа, најмалку три причини зошто бумот на вештачката интелигенција би можел да го загуби својот подем во текот на 2025 година. Прво, инвеститорите сè повеќе си го поставуваат прашањето дали инвестициите поврзани со вештачка интелигенција би можеле да донесат значителен принос, бидејќи голем број компании мака мачат да генерираат приходи што ќе бидат доволни да ги надоместат огромните трошоци за развој што се карактеристични за најсовремените модели.
Обуката на ГПТ-4 од страна на „Опен АИ“ чинела повеќе од сто милиони долари, додека обуката на идните модели најверојатно ќе чини повеќе од една милијарда американски долари, што предизвикува загриженост за финансиската одржливост на ваквите активности.
Инвеститорите, секако, се желни да профитираат од бумот на вештачката интелигенција, при што фирмите што се занимаваат со инвестиции во ризичен капитал инвестираа, во 2024 година, рекордни 97 милијарди долари во стартапи што имаат вештачка интелигенција чие седиште е во САД.
Сепак, се чини дека дури и лидерите во оваа дејност, како што е „Опен АИ“, пребрзо трошат готови пари за да генерираат значајни приноси, што претставува причина за загриженост кај инвеститорите за тоа дека голем дел од нивниот капитал е несоодветно распределен или е потрошен на погрешен начин. Пресметките сугерираат дека инвестицијата од сто милијарди долари во вештачка интелигенција ќе бара најмалку 50 милијарди долари во приходи за да може да се смета дека е остварен прифатлив поврат на капиталот – земајќи ги притоа предвид даноците, капиталните и оперативните расходи. Годишните приходи на целиот сектор, според моите извори, изнесуваат само 12 милијарди долари, при што „Опен АИ“ учествува во оваа бројка со приближно 4 милијарди долари. Во услови на непостоење на „вистинската апликација“ за која клиентите се подготвени да платат значителни суми на пари, голем дел ризичните инвестиции би можеле, на крајот, да немаат никаква вредност и да доведат до пад на инвестициите и трошоците.
Второ, огромните количества на енергија што се потребни за работа и ладење на масивните центри за податоци би можеле да претставуваат пречка за брзиот раст на вештачката интелигенција. Според Меѓународната агенција за енергетика, се очекува до 2026 година центрите за податоци за вештачка интелигенција да трошат 1.000 терават-часа електрична енергија на годишно ниво, со што ќе ја надминат вкупната потрошувачка на електрична енергија и гас во Обединетото Кралство од 2023 година. Консултантската куќа „Гартнер“ проектира дека 40 отсто од постојните центри за податоци до 2027 година ќе бидат „оперативно ограничени“ поради недоволната достапност на енергија.
Трето, се чини дека големите јазични модели се приближуваат до своите апсолутни ограничувања бидејќи компаниите се соочуваат со сè поголеми предизвици како што се недостиг од податоци и грешки што постојано се повторуваат. Големите јазични модели (LLM) најмногу се обучуваат со користење податоци преземени од извори како што се вести, написи, објавени извештаи, објави на социјалните мрежи и академски трудови.
Притоа, имајќи го предвид ограниченото снабдување со висококвалитетни информации, наоѓањето нови збирки на податоци или креирањето нивни синтетички алтернативи станува сè потешка и поскапа работа. Следствено на тоа, овие модели се склони кон тоа да генерираат неточни или измислени одговори (т.н. халуцинации), а компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција наскоро би можеле да се истрошат кога станува збор за свежи податоци.
Компјутерската моќ, исто така, се приближува до своите физички граници. Во 2021 година, ИБМ обелодени чип произведен со технологија од два нанометри (што е приближно на големина на еден нокт) на кој можат да се соберат 50 милијарди транзистори и кој има за 45 отсто подобри перформанси во споредба со неговиот претходник, кој користеше седум нанометри. Иако нема сомнение дека станува збор за импресивен производ, оваа пресвртница отвора и едно важно прашање: Дали индустријата, во своите обиди да креира полупроводници што имаат сè помали димензии, веќе достигна точка во која придобивките што се остваруваат стануваат сè помали?
Доколку продолжат ваквите трендови, актуелната вредност на компаниите со вештачка интелигенција со кои јавно се тргува можеби нема да биде одржлива. Имено, приватните инвестиции веќе покажуваат знаци на опаѓање. Според истражувачката фирма „Прекин“, фирмите што се занимаваат со ризичен капитал обезбедиле 85 милијарди долари во првите три квартали од 2024 година, што претставува огромно намалување во споредба со 136-те милијарди долари што беа обезбедени во истиот период во 2023 година.
Добра вест е тоа дека, доколку денешните гиганти во делот на вештачката интелигенција започнат да го губат здивот, помалите конкуренти се оние што би можеле да ја искористат дадената можност и да ја доведат под знак прашалник нивната доминација.
Од пазарна гледна точка, таквото сценарио би можело да поттикне поголема конкуренција и да ја намали концентрацијата, со што се спречува повторно создавање на околностите во кои таканаречените седум величествени („Алфабет“, „Амазон“, „Епл“, „Мета“, „Мајкрософт“, „Енвидија“ и „Тесла“) доминираа во американската технолошка индустрија.
(Республика.еду.мк)