Интересно совпаѓање на изјавите на Вашингтон и Кремљ: Коинциденција или координација?
- Ова не е само „интересно совпаѓање“ туку пример како геополитичките наративи може да се преклопат од различни мотиви, сигнал дека евентуалното враќање на Трамп би донело силен притисок врз Украина, јасна линија на поделба меѓу американскиот суверенизам и европскиот либерално-милитаристички пристап кон војната
Доналд Трамп кажа дека Украина, а не Русија, кочи можен мировен договор, наспроти европските сојузници на Киев, кои сметаат дека Владимир Путин не е многу заинтересиран за завршување на војната. Тој вели дека Путин е подготвен да стави крај на речиси четиригодишната војна, но Володимир Зеленски бил повоздржан. Одговарајќи на прашање за рускиот претседател Владимир Путин, Трамп за новинската агенција „Ројтерс“ претходно изјави: „Мислам дека тој е подготвен да постигне договор“. Тој додаде: „Мислам дека Украина е помалку подготвена да постигне договор“. На прашањето зошто конфликтот сè уште не е решен, Трамп одговори со еден збор: „Зеленски“.
– Мислам дека Путин е подготвен да склучи договор. Мислам дека Украина е помалку подготвена – рече Трамп, додавајќи дека Зеленски е виновен што преговорите предводени од САД досега не ја решија војната.
Трамп и во минатото изразуваше фрустрираност од Зеленски и на моменти беше посклон кон барањата на Путин, за што беше критикуван од Киев, европските сојузници, па дури и од некои републикански конгресмени. Во последно време преговорите се фокусираа на обезбедување безбедносни гаранции за Украина, која беше притискана да се откаже од целиот регион Донбас. Трамп најави дека би можел да се сретне со Зеленски следната недела на Светскиот економски форум во Давос.
Од друга страна, исклучително интересно е што Москва ги поддржа изјавите на Доналд Трамп, кој во интервју за „Ројтерс“ одговорноста за продолжувањето на конфликтот му ја припиша на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Имено, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија се согласува со оцената на Трамп.
– Тука можеме да се согласиме, навистина е така – рече Песков.
Тој истакна дека претседателот Путин и руската страна ја задржуваат својата отвореност. Песков најави и дека Москва би ги пречекала пратеникот на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, откако ќе се договори датумот на нивната посета.
Зошто изјавите на Вашингтон и на Москва „се совпаѓаат“?
Совпаѓањето меѓу Трамп и Кремљ не е случајно. Трамп одамна има поинаков пристап кон војната во Украина од европските сојузници и често тежината на одговорноста ја става врз Киев, а не врз Москва. Кремљ, логично, ја користи секоја таква изјава за да ја зајакне сопствената наративна позиција дека Русија е „отворена за мир“, а Украина е таа што одбива компромис. Според нашите соговорници, треба да се земе предвид и политичкиот контекст во САД.
Трамп зборува и за домашна публика. Со тврдењето дека Зеленски го кочи мирот, тој се претставува како лидер што „може да ја запре војната“, ја оправдува идејата за притисок врз Украина (територијални отстапки, помалку помош), се дистанцира од политиката на Бајден и ЕУ. Ова е дел од неговата предизборна реторика, а не нужно опис на реалната состојба на преговорите.
Брисел и Киев реагираат критички
Европските сојузници сметаат дека „Русија зборува за мир, но не отстапува од клучните барања (територии, влијание)“. Брисел цело време е на ставот дека „мир под услови на Москва би значел наградување на агресијата“ и дека „притисокот врз Украина без цврсти безбедносни гаранции е ризичен преседан“.
Имено, барањето кон Украина да се откаже од целиот Донбас е клучната точка на судир. За Киев тоа е политички речиси невозможно, уставно и суверено прашање, ризик за идни нови конфликти. Но очигледно Вашингтон не се согласува со ваквите ставови, кои ги третира како „наследство на неолибералните, милитаристички аспирации на Европа, односно на либералните елити од Брисел“.
Според нашите соговорници, совпаѓањето на ставовите на Вашингтон и Москва не е само „интересно совпаѓање“, туку пример како геополитичките наративи можат да се преклопат од различни мотиви, сигнал дека евентуалното враќање на Трамп би донело силен притисок врз Украина, јасна линија на поделба меѓу американската доктрина што се практикува по доаѓањето на Трамп за претседател, која е спротивна на европскиот либерално-милитаристички концепт и пристап кон војната во Украина. Р.С.

































