Со пригодна програма и пред полна сала во Центарот за култура, децата од кичевските градинки го одбележаа 18 Март, Светскиот ден на рециклирањето. Тие изведоа три музичко-сценски перформанси, а повозрасната група на деца се претстави со модна ревија на која децата беа облечени во костими од рециклирани материјали.
На почетокот на програмата, директорот на детските градинки Садик Ахмети ги поздрави многубројните присутни.
– По иницијатива на нашите вработени и дечињата од детските градинки, а со цел да имаме почиста и поздрава човекова околина, за Светскиот ден на рециклирањето подготвивме костими за дечињата изработени од рециклирани материјали, хартија, најлон и пластика.Во изработката на овие модели учествуваа нашите вработени, родителите на овие деца, како и самите дечиња. Во оваа програма учествуваа над 100 деца, од кои децата на возраст од три и четири години изведоа музичко-сценски перформанси, додека модната ревија им припадна на децата од најстарата група на пет и шест години – истакна директорот Ахмети.
Вработените во градинките беа презадоволни од изгледот на рециклираните костими во кои беа облечени и тие самите.
– По заедничка иницијатива на децата, родителите и вработените, а за Денот на рециклирањето, ги облековме дечињата од градинката во рециклирани модели. Сметаме дека и на овој начин им всадивме во дечињата навики да ја чуваат природата и самите да почнат да рециклираат за да имаат чиста и здрава животна средина – истакна Маја Андоноска, вработена во детските градинки.
З.А.