Од периодот на Св. Климент Охридски, па наваму, во Македонија е создадено огромно ракописно книжевно наследство. Колку точно ракописи се создадени не може со сигурност да се каже, но според Јордан Хаџи Константинов-Џинот, кој објавувал во „Цариградски вестник“, создадени се 150.000 ракописи. Секако, оваа бројка е преголема, но според неа може да се заклучи дека Македонија имала огромно ракописно наследство, кое во текот на 19 и 20 век е разграбано од разни „собирачи“. Македонија континуирано била ограбувана! Oгромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции. Но благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат
Грабежите всушност никогаш не престанале. Нашите најбогати македонски манастири биле систематски ограбувани со векови, почнувајќи од најразлични авантуристи, па преку специјалните одреди и „офицери“ за културно пљачкосување, до таканаречените истражувачи, но и домашни трговци, па дури и монаси, кои за ситни пари продавале скапоцени книги и икони. Кон крајот на 18 век, токму по такви канали, многу македонски ракописи биле однесени во повеќе белградски институции.
Од скопскиот манастир во селото Бањани биле однесени десетина исклучително вредни ракописни книги. Тие ракописи денес се чуваат во Народната библиотека, во Српската академија на науките, во Музејот на СПЦ и други. Од овој манастир, на пример, потекнува ракописот „Октоих“, со 45 листа, кој датира од 15 век, а во Белград бил однесен во виорот на трагичната 1904 година.
Огромен ракописен фонд на книги е однесен од Битолскиот, Прилепскиот и Демирхисарскиот Регион, каде што „оперирале“ повеќемина странски „истражувачи“ и колекционери, како што биле Бугаринот Јордан Иванов, директорот на српската гимназија во Битола, Светозар Томиќ, српскиот владика во Битола, Јосиф Цвијовиќ, и други. Со вакви активности подоцна се занимавале дури и некои офицери на српската војска за време на Првата светска војна. Исто така, постои документ дека еден „сојузнички“ француски офицер зел од разурнатата црква во селото Загоричани, Прилепско, едно ракописно евангелие од 16 век, и подоцна го предал на Националната библиотека во Париз, каде што се чува и денес. Друг ракопис однел друг офицер, овој пат руски. Ракописот е од манастирот во селото Градиште, Прилепско, каде што монахот Спиридон, во 1600 година, напишал обемен и многу вреден Минеј. Таа скапоцена книга денес се чува во Московската државна библиотека, во збирката на Севатјанов. Грабежот на македонските манастири продолжил и во 19 век. Така, од манастирот во селото Орбеле, Дебарско, во 1873 година бил однесен таканаречениот Орбелски триод, пергаментен ракопис од 13 век, а Стефан Верковиќ во 1891 година ѝ го продал на Публичната библиотека во Санкт Петербург, каде што е и денес. Неколку пергаментни ракописи со потекло од дебарскиот крај заминале и во Софиската народна библиотека. Соработник на софиската „трговска врска“, меѓу другите, бил и Васил Икономов. Тој го обезбедил скапоценото четвороевангелие од 13 век. Еден лист од оваа книга, според истражувањето на д-р Ѓорѓи Поп-Атанасов, кооперативниот Икономов во 1892 година испратил до Министерството за просвета во Софија.
Еден ракописен пергаментен октоих од 14 век од дебарскиот крај, на Софиската народна библиотека во 1887 година ѝ подарил Петар Сарафов, татко на македонскиот револуционер Борис Сарафов. Тој скапоцен пергамент, Сарафов го добил од познатиот „трговец со старини“ Стефан Верковиќ, кој бил мошне активен „истражувач“ на македонскиот терен. Така, во 1853 година, одвоил време да го посети, меѓу другите, и манастирот во Зрзе, но, како што вели самиот, во него нашол само една вредна книга. Пред него „работата“ веројатно ја завршил битолскиот професор Лазар Дума, кој ги собрал сите вредни ракописи од Трескавец, Слепче и од Зрзе за потребите на Српското научно друштво од Белград!
Во Москва во Државниот историски музеј, во збирката на Хлудов, се чува пергаментен ракопис од Карпинскиот манастир, познат како Карпинско евангелие и Карпински апостол. „Транспортот“ на овој скапоцен примерок го извршил Александар Гилфердинг, кој во 1868 година престојувал во Карпинскиот манастир. Од истиот манастир потекнува и пергаментниот ракопис „Посен триод“, од 14 век, кој содржи 250 листа. Ракописи од овој манастир има и во Софија, а ниту еден ракопис денес нема во Македонија.
Интересна е и судбината на манастирот „Света Богородица“ во Матејче, кој доживеа тешки денови за време на војната во 2001 година, кога албанските терористи, како што констатираа експертите за реставрација и конзервација, им ги ископале дури и очите на светците од фреските. Според податоци зачувани во записите на патописците, манастирот во Матејче имал една од најбогатите, ако не и најбогата библиотека меѓу македонските манастири. Постојат сведоштва дека во овој манастир се чувале полни ковчези со книги, кои биле разграбени од странски авантуристи, но и од месното муслиманско население. Извесно е дека книжевното богатство од Матејче било однесено далеку од Македонија, но познато е дека голем дел од пергаментните ракописи ги разнеле и локалните муслимани, кои ги чувале во своите домови како амајлии. Жители од тој крај велат дека и ден-денес можат да се најдат вакви пергаментни листови во некои од постарите локални албански семејства. Се разбира, тие не се чуваат како скапоцена културна вредност, туку како амајлии што ги штитат од неволји.
Во овој македонски манастир, во 1885 година, при расчистувањето на кулата во дворот на манастирот, биле пронајдени два ракописа: едниот пишуван на пергамент, а другиот на хартија. Двата ракописа биле однесени во Народната библиотека во Белград. За грабежите на Матејче информира и Јордан Хаџи Константинов-Џинот, тврдејќи дека во 1848 година, кога тој го посетил манастирот, таму имало „десет товари словенски ракописи, кои следните неколку години биле уништени од Арнаути“.
Автор: д-р Марјан Патлиџанковски
Продолжува