Гоце Делчев (4 февруари 1872 г., Кукуш – 4 мај 1903 г., Баница)

Јунакот од бронза

Споменикот на јунакот
го посетивте,
но дали се сетивте
со него да разговарате,
некаков совет да побарате?
Тој ве познава,
не треба да се срамите.
Беше учител, знаете и самите.
За Македонија и за слободата –
го даде животот војводата!
И, пред да загине,
ги виде во соништата,
училиштата,
фабриките, патиштата,
и видоа неговите очи,
во бронза излеани –
земја полна со деца
радосни, насмеани!

Димитар Алачки
(од книгата „
Таинствен сликар“)


Се бориме под Гоцево знаме!

Дувка ветер и шумолат гранки,
пуплат дрвја, цутат сливи ранки,
орач в ниви бисер семе сее,
бисер сее мила песна пее:
„Мина горо млад Делчев војвода!“

Жетвар жнее, в поле клас се рони,
сонце пече, зрее жито златно,
бујна песна низ полето ѕвони:
„Дејди Јано, дејди мила душо,
дал навезе Гоцевото знаме!“

Шумно лисје низ гора се стели
в честа гора гори силен пламен,
а крај оган седат борци млади,
ечи песна од јуначки гради:
„Се бориме под Гоцево знаме!“

Ванчо Николески
(Од книгата „Поеми“)
(Од книгата „На Македонија
со љубов“)


Песните за Гоце

Ако има некој војвода,
за кого се пее до часот
доцен,
тогаш од сите војводи,
меѓу првите е Гоце.
Ако има некој војвода,
чие име се изговара кроце
и со невидена почит –
тогаш тоа е Гоце.
Песните за Гоце топло
ликот му го сликаат,
и со топли чувства –
како извори бликаат.

Саво Костадиновски
(Од книгата
„На Македонија
со љубов“)