БАЛКАНСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ЗА ДЕЦА ВО „КОЛИБРИ“: ВИД ВИЦКО ВУКЕЛИЌ, РЕПУБЛИКА СРПСКА, БиХ
Денеска ви претставуваме еден автор што како и сите добри поети за деца има големо, детско срце. Се вика Вид Вицко Вукелиќ и ни доаѓа од Република Српска. Тој е роден на Видовден (28.6) 1971 година во Бања Лука. Објавил седум книги за деца и три сликовница. Многу негови песни се музички обработени и наградувани на детските музички фестивали. Ги напишал химната за Ѓурѓовденскиот фестивал во родниот град, химната на домот за незгрижени деца „Раса Врањешевиќ“ во Бања Лука и химната на основното училиште „Јован Јовановиќ-Змај“. Исто така, тој е постојан соработник и член на редакцијата на списанието за деца „Јежурко“.
Добитник е на неколку престижни награди за творештвото за најмладите читатели и е еден од најтиражните поети за деца на овие простори. Член е на Здружението на писателите на Република Српска.
– Велат дека децата се раѓаат како мали мудреци и кога ќе влезат во светот на возрасните вложуваат голем труд за да ја зачуваат златната нишка на детството. Бидејќи сме среќни само онолку колку што сме го задржале детето во себе, со моите книги сакам да го разбудам она најубавото кај читателот и да го вратам во безгрижните мигови на детството – вели поетот Вид Вицко Вукелиќ.
Ф.Д.
Дедовата круша
Дедо посадил круша.
Било одамна тоа,
уште пред моето раѓање.
Иако е стара, таа не се дава.
Коренот го нурнала длабоко,
гранките ги дигнала високо,
до ѕвездите, каде што сега е дедо.
Ми кажуваше тато,
дедо знаел да падне често,
но секогаш со насмевка
почнувал од нула.
Иако не сум бил роден,
кога тој си заминал,
додека седам под крошната
го препознавам неговиот глас
и го чувствувам мирисот
од чадот на неговото луле.
И, еве, по многу години
седам под крошната со синот,
кој го носи името на прадедо ми
и разговараме машки муабети.
Стеблото остарело
и јас полека стареам,
гушкајќи го син ми
со поглед барам место,
каде да посадам нова круша.
Вид Вицко Вукелиќ
Препев од српски на македонски: Филип Димкоски