Едукативни работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ за ученици и наставници
Едукативната програма на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој постои 57 години, официјално започна во саботата. Шеснаесетмина основци и средношколци, како и четворица наставници од четири училишта од Прилеп, присуствуваа на првата работилница посветена на актерската игра.
Во текот на следниот месец, учесниците ќе се собираат еднаш неделно во просториите на театарот „Војдан Чернодрински“ и ќе го истражуваат актерството преку правење етиди, вежби и игри со задачи со актери од прилепскиот ансамбл.
Работилницата ја водеше режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски, а беше наменета за наставници и ученици од прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“.
Како и првата, и следните работилници ќе се одвиваат во репетиционата сала на народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот ќе биде врз истражување и проучување на театарската уметност и нејзините сфери: актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката.
– Овој концепт и воведувањето на едукативната програма не само што го прават фестивалот поотворен од кога било туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што нѐ чека сите по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, кои повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар – вели режисерот Андоновски.
Тој дополнува дека во работилниците ќе се вклучат и неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учениците и наставниците еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни.
Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, кој, наедно, е и автор во фокусот на 57. издание на фестивалот.
Директорката на фестивалот Ана Стојаноска посочува дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта.
– До почетокот на февруари ќе има и презентација на сработеното – дополнува Стојаноска.