Игор Станоески, музичар и ликовен уметник

Последните неколку години како да му дадоа печат на целиот креативен ангажман на младиот македонски музичар и ликовен уметник Игор Станоески. Активен е на повеќе полиња, а најново од него е дуетот што го сними со Пијан Славеј (Бранислав Николов) за песната „Мисли од свила“. Како што вели, тоа е најава за нов албум, а во тек е реализацијата и на неколку други проекти.

„Мисли од свила“ е посвета на вашиот татко Петар Станоески, новинар и музичар, кој, за жал, веќе не е со нас. Кога се роди првата „свилена“ мисла во вашата глава?
– Навистина можам да кажам дека сум целосно задоволен од карактерот на звукот, изведбата и продукцијата. Инаку, станува збор за негова музичка тема што остана како идеја да се метка во нашите глави, а на некои од старите касети стои во форма на демо без текст. Всушност, текстот го напишав во еден здив, претпоставувам некогаш самите идеи се толку силни што човек може само да ги следи. Бранислав беше мој прв и единствен избор за соработка, како што впрочем песната сама наложи.

Фото: приватна архива

Дали е тоа можеби најава за проектот, на кој меѓу другото работите, ставање носач на звук на песните од татко ви?
– Да, песната „Мисли од свила“ е најава за авторскиот албум што му е посветен на мојот татко и се состои од заеднички теми, негови и неколку целосно мои, испреплетени во дизајн на гитарски оригинален звук, креиран со децении од две генерации. Албумот се вика „Unforgetable You“ и наскоро ќе биде објавен на стриминг-платформите.

Фото: приватна архива

Континуирано објавувате кавери на познати музички теми заедно со вашата партнерка Рената Симоновска. Дали наскоро и овој проект ќе финишира со носач на звук или концерт?
– Паралелно објавуваме песна по песна од заедничкиот албум „Vintage Tales“ со Рената, има уште неколку преостанати песни што ќе бидат објавени во наредниов период. Винилот е најпосакуваната завршница на секој албум, како и концертен настап, но јас сум среќен и со дигитална промоција ако стигнам да можам да правам музика со некој што го сакам. Замислите за големи концерти и проекции знаат да ја саботираат причината за неговото постоење.

На кој принцип избирате која песна ќе ја преработите?
– Изборот на песна воопшто не е лесен, во смисла на збир на специфики што треба да се опфатат во целиот процес. Мојот пристап е создавање нова димензија и претстава на песната, почнувајќи од карактерот, звукот, атмосферата, изведбата… Да не го запоставам фактот дека и обработката си има свој животен пат, ѝ треба реално време во кое ќе се протега од идеја до завршен производ.

Фото: приватна архива

Активен сте и со живи настапи, дали, според вас, коментарите за флуидот со публиката и размената на енергии се само голи фрази или се точни?
– Живите настапи, особено клупските, се од витално значење, особено за музичарите што се занимаваат со модерните форми од рок до џез. Публиката мотивира, а кога е блиску како на клупските бини, флуидот е реален исто како пивото што го држиш в рака.

По образование сте дипломиран ликовен уметник, колку музика има во вашите слики и обратно – бои во вашата музика?
-Дипломирав како скулптор, а последниве десет години се занимавам претежно со модерно сликарство. Има некои прелевања во последниве години што ги забележувам, меѓутоа се наоѓаат во аналогиска смисла на ликовна атмосфера пренесена во музиката и обратно. Креативноста секогаш лесно го пронаоѓа патот, прашањето е дали е отворен и колкава конзистентност има таа отвореност. Планирам и изложба, имам нова серија слики, од кои повеќето се доведени до завршната фаза. Последната серија се дела што се надоврзуваат на серијалот „Криза“, во стилски опус што почнува да зазема поголем замав од првично предвиденото. Се надевам дека во текот на есента ќе го реализирам планот за изложба со пристоен каталог, добар простор и светло, како и, најбитното, со убави гости.

Фото: приватна архива

Настапувате под псевдонимот Иги Мен, а голем број ваши песни се на англиски јазик. Дали веќе се пробивате и надвор од нашата земја?
– Надвор од земјата настапувам во клубови, на фестивали каде што се изведува блуз-музика, секако тоа е дефиниран пазар, каде што се работи според правила и прописи, затоа што музиката е професија таму. Јас сум многу задоволен од фактот што надвор од Македонија без поголема тешкотија можам секогаш да добијам добра свирка.

Дали музичките соработки му даваат поттик на вашето творештво, како на пример со Рико Санчез?
– Соработките ме освежуваат и креативно ме прочистуваат. Секогаш прифаќам, а најчесто сум и иницијатор. Соработките отвораат нови естетски хоризонти и, според мене, тоа е еден од најздравите начини да се држи уметникот креативно „фит“. Конкретно со Бубе имаме повеќе идеи, кои се надевам во иднина ќе ги оствариме, по иницијалната каписла, песната „Por Un Amor“, која е достапна на сите платформи.

Што ви е приоритет во наредниот период, а што желба во зародок?
– Во текот на претстојнава година, освен проектите што ги споменав, се подготвува концертен настап на „Скопскиот блуз и соул-фестивал“, како и нови песни, соработки и оригинална македонска музика.