Во мојата долгогодишна новинарска кариера, телевизиските гледачи повеќепати ги информирав за значајни настани во нашата земја и странство. Овој пат ќе се потсетиме за значајните случувања во далечната 1962 година. Иако минаа полни шест децении, спомените и забелешките во новинарскиот бележник со неколку стари фотографии ме потсетија на првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води, кој се одржа на 5 август 1962 година, во водите на Охридско Езеро, најголемото и најстаро природно езеро во Европа и споменик на природата под заштита на УНЕСКО. Охридскиот пливачки маратон стана успешна традиција, со која се промовираат и афирмираат Охрид и Македонија. Имав чест и големо задоволство како прв новинар телевизиски известувач да добијам специјална пропусница, со право на директно следење на овој прв пливачки маратон. Во специјалното бротче што го обезбеди Републичкиот одбор во Охрид, целиот маратон на релацијата Пештани – Струга – Охрид, во должина од 36 километри, детално го следев со особен интерес и уживање. Таква привилегија имаа и репортери и сниматели на „Филмски новости“ и на „Вардар филм“.
Времето беше многу пријатно, а езерската вода бистра и мирна, со топлина пригодна за пливање на подолги патеки. По неколкучасовно пливање, во Охрид прв пристигна робусниот Абу Хеиф од Египет, втор беше Вилјам де Вренг од Холандија, а трет Дики Бојаџи од Македонија. Во женска конкуренција, најдобра беше неговата сестра, младата вита охриѓанка Атина Бојаџи. Со неа се натпреваруваа четири развиени и поискусни пливачки од странство, меѓутоа, нашата пливачка, иако не беше фаворитка, успеа да победи. Сепак, врв на пливачката кариера оваа великанка на македонскиот спорт постигна на 9 септември 1969 година, кога успеа да го преплива Ла Манш, во должина од околу 40 километри. Тоа за нашата пливачка беше тешко искушение, бидејќи се бореше со немирните солени и ладни води на Атлантски Океан во протокот што го одвојува островот Велика Британија од Франција.
Инаку, ТВ-репортажа за првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води во Охрид се емитуваше во Дневникот на ТВ Белград, на заедничката програма на југословенските ТВ-центри (ЈРТ), но и на РАИ во Рим и на Би-би-си во Лондон. Добрата организација и големиот интерес на љубители на спортот и на туристи за оваа маратонско пливачко натпреварување јасно укажуваа дека ќе има светла иднина. Очекувано, маратонот продолжи да се одржува секоја година (со исклучок на 1963 година, поради скопскиот земјотрес), станувајќи една од најдобри и најпознати традиционални врвни светски спортски манифестации. Тоа значеше не само голема афирмација на Охрид и Македонија во светот туку и на македонскиот спорт, на нашето име, јазик, историја и идентитет. Досега со најмногу, 11, победи кај мажите е бугарскиот пливач Петар Стојчев, а кај жените со 4 победи – Едит ван Дајк од Холандија.
Поради тоа, кон вакви значајни традиции и особено јубилеи треба да имаме поголем респект за нивно одржување, а не згаснување. Затоа добра вест е дека, и покрај извесни дилеми, 60-от, јубилеен Охридски маратон ќе се одржи на 10 или 11 септември, во организација на Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт на Македонија. Се очекува да настапат дваесетина пливачи од нашата земја и од странство.
Значајно за културната историја на Македонија е што во август 1962 година во Охрид, европскиот Ерусалим, познат по големиот број стари цркви и други споменици, започна традиционално одржување на манифестацијата „Охридско лето“. По тој повод, во древниот Охрид имав средба со познатата оперска легенда Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот сопруг Петар-Пјер Тофовиќ, виден македонски неврохирург. Притоа со слики, исечоци од весници, убави критики и изјави се потсетивме на многу успешниот концерт на примадоната Ана одржан на 4 август 1961 година, во црквата „Света Софија“ во Охрид, со што беше означено раѓањето на „Охридско лето“. Тие изразија голема благодарност за мојот телевизиски прилог за тој настан што пред една година беше објавен во Дневникот на ТВ Белград на заедничката програма на југословенските ТВ-центри. Оттогаш, години по ред, на „Охридско музичко лето“ учествуваат голем број познати уметници од повеќе земји. Тоа придонесуваше за значително збогатување на културниот живот во Охрид токму во летниот период, кога има сѐ поголем број туристи. Годинава, на пример, на „Охридско лето“, на оваа светски афирмирана културна манифестација, учествуваа над илјада уметници од 25 земји во светот.
Патем, како незаборавни настани од 1962 година треба да потсетиме дека на 16 ноември во Скопје имаше голема поплава, што беше резултат на вонредно силни дождови. Водите на шарпланинскиот слив и од другите планини што гравитираат кон притоката Треска го преполнија и коритото на реката Вардар. Беа поплавени повеќе населени места и центарот со плоштадот на градот. Водената стихија навлезе и во тогашната зграда на Македонската радио-телевизија, на Марксова 17.
Претходно, истата година, на 8 септември 1962, во Извршниот совет на Македонија (Влада) се одржа прес-конференцијата од која преку новиот ТВ-медиум ја информирав јавноста дека официјално е донесена одлука број 02-20928, со која името на радиодифузната станица Радио Скопје се менува и од тој ден нејзиното авизо стана Радио-телевизија Скопје.
Секако, телевизиското информирање за овие настани од незаборавот е значајно и за историјата на македонското новинарство и пошироко. За сите нас значајно е да не ги забораваме корените од минатото.
(Авторот е доајен на македонското телевизиско новинарство и публицист)