КОШАРКА
- Многу детали за новата лига уште не се формално финализирани, вклучувајќи го и тоа кога ќе почне да се игра и колку тимови ќе учествуваат во инаугуративната сезона. Меѓу моделите што ги истражуваа НБА и ФИБА е лига со 16 тима, со 12 „трајни“ места и четири достапни преку квалификации, пишува НБА
Комесарот на кошаркарската НБА-лига, Адам Силвер, потврди дека лигата, во партнерство со Светската кошаркарска федерација (ФИБА), напредува со плановите за нова лига во Европа, но не даде никакви формални најави во врска со временските рокови или кои тимови би можеле да се приклучат, пишува НБА-лигата на својата интернет-страница.
– Би рекол само дека продолжуваме да бидеме енормно возбудени за тоа. Се состанувавме со клубови што се заинтересирани да учествуваат во нашата лига. Разговаравме со други потенцијални засегнати страни, вклучувајќи медиумски компании што би сакале да ја покриваат, потенцијални медиумски партнери и традиционални спонзори што сакаат да работат со нас на лигата. Разгледуваме можност за развој на инфраструктурата на арените – рече Силвер за идејата за НБА-Европа, пренесе НБА.
Силвер зборуваше пред натпреварот Мемфис – Орландо во Берлин, првиот од двата меча на НБА во Европа, а двата тима повторно ќе се сретнат во Лондон утре.
Многу детали за новата лига уште не се формално финализирани, вклучувајќи го и тоа кога ќе почне да се игра, работната цел е октомври 2027 година, и колку тимови ќе учествуваат во таа инаугуративна сезона. Меѓу моделите што ги истражуваа НБА и ФИБА е лига со 16 тима, со 12 „трајни“ места, а другите четири достапни преку квалификации.
– Финансирањето потенцијално би дошло, барем во почетокот, од клубовите членки на лигата. Мислам дека слично на секој стартап потфат, учесниците би биле инвеститорите и со текот на времето би се надевале дека ќе бараат поврат… Мислам дека ако успешно ја лансираме оваа нова лига, ќе потрае некое време, мислам, пред да стане одржливо комерцијално претпријатие. Мислам дека сите учесници сфаќаат дека ова не е за оние кои имаат краткорочна перспектива. Она што им го кажуваме на заинтересираните страни е дека треба да имаат многу долгорочна перспектива – рече Силвер, пренесе НБА.
Орландо има тројца германски играчи во својот состав што беа дел од мечот во Берлин, вклучувајќи го и Франц Вагнер, кој разговараше со Силвер за идејата, а истото го направи и Лука Дончиќ, пишува НБА.
– Мислам дека е од клучно значење да ги почитуваме традициите на европската кошарка… Се обидуваме да ја најдеме најдобрата комбинација од старото и новото, традицијата и иновацијата. Искрено, мислам дека тоа е она што НБА го носи на масата. Мислам дека затоа е важно не само ФИБА да биде наш партнер, туку и постојните кошаркарски организации кои ја разбираат културата на европската кошарка, ги разбираат традициите, историјата, што ја прави европската кошарка единствена на толку многу начини – рече Силвер, пренесе НБА. Н.М.

































