Сигурни чекори на црковната дипломатија кон целосна афирмација на автокефалноста на МПЦ-ОА

Во врска со признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, г.г. Стефан рече дека благодарение на разбирањето на неговата светост патријархот г.г. Порфириј и членовите на Синодот, како и членовите на Архијерејскиот собор на Српската православна црква, донесена е одлука да се признае автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Некои аспекти од интервјуто на архиепископот на МПЦ-ОА, господин господин Стефан, за српската телевизија Храм

Во неодамнешното интервју за српската телевизија Храм, неговото блаженство господин господин Стефан говореше за односите помеѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Српската православна црква, како и за доделувањето на томосот и добрите односи помеѓу двете цркви. Меѓу другото, г.г. Стефан говореше и за повеќе актуелни теми, кои се поврзани со МПЦ-ОА и македонскиот народ, како и за добрите односи помеѓу македонскиот и српскиот народ, како и за помошта на српската држава и српскиот народ кон Македонија и Македонците. Ова е второ интервју на архиепископот Стефан за српски медиуми откако минатата МПЦ-ОА прво беше вратена во канонско единство од Вселенската патријаршија, а подоцна СПЦ издаде и томос. Архиепископот на нашата МПЦ-ОА, господин господин Стефан, во изминатиов период даде и интервју за грчките медиуми, во кое исто така говореше за МПЦ-ОА и за други актуелни прашања.

За признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ

Во однос на признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан рече дека по пет децении се случило она што како народ сме го посакувале одамна.
– Вам многу ви е добро познато дека Охридската архиепископија е укината со одлука на Високата порта во 1767 година, една година по укинувањето на Пеќската патријаршија. Од таа година, па сѐ до минатата 2022 година како народ го очекувавме ова, а сите поколенија посакувале славниот охридски престол повторно да биде она што бил – рече г.г. Стефан.
– И конечно, минатата година се случи она што навистина сите го посакувавме и го очекувавме – нагласи македонскиот архиепископ.
Во контекст на признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, г.г. Стефан рече дека благодарение на разбирањето на неговата светост патријархот г.г. Порфириј и членовите на Синодот, како и членовите на Архијерејскиот собор на Српската православна црква, донесена е одлука да се признае автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

За односите помеѓу двете цркви во минатото

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, исто така, говореше и за односите помеѓу двете цркви во минатото, нагласувајќи дека во еден период, кој траел повеќе децении, двете страни имале неколку неофицијални средби, но конечно минатата пролет се одржале три средби помеѓу членовите на Синодот на МПЦ и членовите на Синодот на СПЦ во манастирот Ѓунис.
Објаснувајќи ги разговорите помеѓу двете страни, г.г. Стефан посочи дека она што се разговарало, а било и побарано од страна на МПЦ-ОА, се потврдило на мајското заседание на Архијерејскиот собор на СПЦ. Во конотација на добрите односи помеѓу двете цркви, македонскиот архиепископ исто така зборуваше и за богослужението на 19 мај во Светосавскиот храм, а потоа и за богослужението за празникот на светите браќа Кирил и Методиј во соборниот храм во Скопје. Потоа на 5 јуни во соборниот храм во Белград посветен на Архангелот Михаил, на светата литургија ни беше доделен томос, со кој СПЦ ја призна МПЦ, и од тој ден сите досегашни средби отворија нова страница за МПЦ кога се во прашање СПЦ и нивните меѓусебни односи, рече архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
– Конечно се случи она што, она што јас лично така го доживувам, а што го очекуваше верниот народот во Македонија, а и верниот народот во Србија, што беше потврдено со многубројно присуство на луѓе во храмовите во Белград и во Скопје. Тоа се виде и при посетата на неговата светост во Охрид и Осоговскиот манастир. Затоа 2022 година ќе биде година што ќе има свое посебно место во историјата на македонскиот православен народ и МПЦ – нагласи г.г. Стефан.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, исто така, говореше и за местото и улогата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во македонското општество. Според него, во времето во кое живее како поглавар и како човек што се родил и растел на овие простори, црквата е нераскинлива од животот на овој народ.
Сведоштво за тоа се многубројните храмови и големата побожност на овој народ и она што може да се каже е дека она што го правиме во границите на можностите е за да го зачуваме сето она што сме го наследиле од нашите постари. Храмовите што се стари и се трудиме да ги обновиме и заштитиме, а во границите на можностите да изградиме и нови храмови. Само во Скопје се градат десетици нови храмови, бидејќи народот има потреба да има во своја близината храм, Скопје има сѐ повеќе жители, затоа особено во централното подрачје има потреба од уште повеќе нови храмови, рече архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
– И тука во татковината, но и меѓу иселените Македонци по светот, можам да кажам дека нашиот народ не може без Црква, не може без Бога – нагласи г.г. Стефан.

За односот со македонската дијаспора

Во однос на македонската дијаспора, македонскиот архиепископ рече дека ја посетил македонската епархија во Канада и во САД, а неодамна бил и во Шведска, каде што Македонците одбележуваат голем број годишнини, потсетувајќи се на своите почетоци, на идните погледи, до каде стигнале и како понатаму. Во една реченица, нашиот народ ја сака својата црква и ја чува својата црква, рече г.г. Стефан.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан говореше и за односот помеѓу медиумите и Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во оваа конотација, тој рече дека би било добро и во Македонија, по примерот на СПЦ и српската држава, да има медиуми што ќе имаат простор за верата, црквата, молитвата и богослужбата. Така што јас верувам дека ќе дојде и кај нас тоа време, преку медиумите да ги понудиме вистината Христовата и сето она што нѐ учи нашата црква, рече г.г. Стефан.
Тој говореше и за потребата од добри односи помеѓу соседните балкански народи. Ако сме христијански народи, христијански да постапуваме, денес навистина имаме потреба како никогаш порано за добар збор кон соседите, од добро однесување кон другите. Денес е потребно како народи да замислиме до каде сме стигнале, рече г.г. Стефан.
– Она што би сакал да му го посакам на српскиот братски народ е да продолжи да гради пријателство со сите околу себе, па и со македонскиот народ. Ние сме благодарни и за последната подадена рака на помош, кога како народ имавме потреба, како што беше потребата во текот на пандемијата на ковид, а и за многу други нешта – нагласи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Д.Ст.