Ревија на современ италијански филм под називот „Синема мејд ин Итали“ се одржува до четврток во „Синеплекс“. Настанот, кој во нашава земја се одржува за првпат, е организиран од „Синесита“, Италијанскиот институт за култура од Белград, Амбасадата на Италија во Скопје и „Синеплекс“.
Програмата вклучува четири филма од најновата италијанска продукција, кои беа прикажани на последното издание на Филмскиот фестивал во Венеција:
„Убаво лето“ (2023) во режија на Лаура Лукети, „Како овци меѓу волците“ (2023) во режија на Лида Патитучи, „Мими – принцот на ноќта“ (2023) во режија на Брандо де Сика и „Адаџо“ (2023) во режија на Стефано Солима.
Филмовите се титлувани на македонски јазик, а проекциите започнуваат во 20 часот. Сите приходи од продажбата на билетите со симболична цена од 120 денари, како и од донациите на посетителите, ќе бидат наменети на здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје.
Филмската ревија е дел од богатата програма на настани организирани од Амбасадата на Италија во Скопје, по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Македонија.