Рангирање на квалитетот на универзитетите во Република Македонија

АКРЕДИТАЦИЈАТА И ЕВАЛУАЦИЈАТА КАКО ПРОЦЕС ЗА КВАЛИТЕТНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ (3)

Авторот на анализата, која во наредните денови ќе ја пренесуваме на страниците на „Нова Македонија“, во неколку продолженија се осврнува на предизвиците на акредитацијата како потврдување на студиските програми и евалуацијата како процена, вреднување и признавање на високообразовната установа и на студиските програми за вршење високообразовна дејност и одржување на квалитетот на високото
образование. Анализата елаборира аргументи преку кои авторот тврди дека
„акредитацијата е клучен сегмент на високообразовниот систем на секоја земја“…

Квалитетот, рангирањето на високообразовните институции во Република Македонија се спроведуваше задолжително на секои две години. Последното такво рангирање е направено во академската 2013-2014 година, по барање на Министерството за образование и наука, а го изврши шангајскиот универзитет „Џио Тонг“ (Shanghai Jiao Tong university) од Народна Република Кина. Рангирањето е објавено во 2014 година.
Во рангирањето се вклучени 20 високообразовни установи запишани во регистарот на високообразовни установи. Притоа, користени се индикатори за академските перформанси и конкурентноста, кои се однесуваат на клучните аспекти од работењето на овие високообразовни институции, како што се настава и учење, истражување и социјална димензија: вкупен број на запишани студенти, број на странски студенти (запишани студенти), број на студенти (запишани студенти) што добиле академски стипендии од Министерството за образование и наука, вкупен број на додипломци (запишани студенти), вкупен број на студенти запишани во прва година, број на запишани студенти во прва година што полагале државна матура, просечна оценка на студентите запишани во прва година што полагале државна матура, број на наставен кадар со титула доктор на науки или друга повисока академска титула (звање), број на наставен кадар што има една или повеќе години работно искуство надвор од земјата, вкупно приходи во институцијата, годишна потрошувачка на библиотечни ресурси, годишна потрошувачка на ИТ-инфраструктура и опрема, број на студенти на додипломски студии што се стекнале со диплома, број на студенти на додипломски студии што дипломирале во предвидениот рок, број на студенти на додипломски студии што се стекнале со диплома што имаат престој на студии во странство/практично искуство три или повеќе месеци, број на студенти на додипломски студии што се стекнале со диплома со која може да работат, но се невработени по дипломирањето, број на студенти на додипломски студии што се стекнале со диплома во поле што води до регулирани професии, број на студенти што се стекнале со диплома и кои ги положиле тестовите за професионална квалификација во времето на дипломирање, број на докторирани, вкупно приходи за истражувања, приходи за истражување што се добиени од владини фондови и меѓувладини организации, приходи за истражување што се добиени од компании и јавни корпорации, број на објавени трудови во рецензирани списанија, број на трудови индексирани во „Веб оф сајенс“ (Web of Science), број на издадени книги и број на издадени патенти.
Од извршеното рангирање, рејтингот на високообразовните институции во Република Македонија е следен: 1. Универзитет „Свети Кирил и Методиј“- Скопје; 2. Универзитет „Гоце Делчев“-Штип; 3. Универзитет на Југоисточна Европа-Тетово; 4. Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“-Охрид; 5. Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола; 6. Универзитет „Американ колеџ“-Скопје; 7. Меѓународен балкански универзитет-Скопје; 8. Универзитет ФОН-Скопје; 9. Државен универзитет во Тетово; 10. Европски универзитет-Скопје; 11. Приватна висока школа за новинарство и односи со јавност-Скопје; 12. Приватна висока стручна школа „Еуроколеџ“-Куманово; 13. Приватна висока стручна школа „Бизнис економија“-Скопје; 14. Универзитет за туризам и менаџмент-Скопје; 15. Меѓународен универзитет Струга; 16. Меѓународен славјански универзитет „Г.Р. Державин“-Свети Николе и Битола; 17. МИТ универзитет-Скопје; 18. Приватна висока стручна школа „Бизнис академија Смилевски“-Скопје; 19. Универзитет за аудиовизуелни уметности – Европска филмска академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк; 20. Универзитет „Евробалкан“ – Скопје (според податоци на МОН на Р Македонија, 2014).

Рангирањето на високообразовните институции во Република Македонија се спроведе и во академската 2015-2016 година, по барање на Министерството за образование и наука, а го изврши шангајскиот универзитет „Џио Тонг“ (Shanghai Jiao Tong university) од Народна Република Кина. Во рангирањето се вклучени 19 високообразовни установи запишани во регистарот на високообразовни установи. Притоа, користени се 21 индикатор за академските перформанси и конкурентноста, кои се однесуваат на клучните аспекти од работењето на овие високообразовни институции, како што се настава и учење, истражување и социјални услуги.
И во ова рангирање на прво место е Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. За другите рангирани универзитети по листата не би сакал да се изјаснувам, но моите согледувања и познавања од инспекциската практика ми даваат за право за поопсежно преиспитување, односно анализа на вредноста на секој универзитет. Со право има доста реакции од страна на некои универзитети во врска за квалитетот-рангот на листата, а нивните објаснувања се дека: „треба листата да се преиспита и коригира врз основа на објективизирани критериуми во однапред позната методологија на сите учесници во рангирањето во функција на целосно транспарентен и објективен процес и обезбедена непристрасност и контрола на квалитетот“.
Во Република Македонија досега не е направено, а има неминовна потреба за рангирање на квалитетот на факултетите по студиски програми по универзитети во јавните и приватните универзитети, поконкретно вршење рејтинг на квалитетот по студиски програми (правни, економски, медицински, природно-математички, стоматолошки, фармацевтски, информатички, уметнички, спортски и слично) од природно-математички науки, техничко-технолошки науки, медицински науки и здравство, биотехнички науки, општествени науки и хуманистички науки. Зошто е потребно? Потребно е пред сѐ да се согледа квалитетот на јавните и приватните факултети – насоки или студиски програми, можност идните кандидати студенти да се определат и да извршат избор за нивното натамошно образование и да се запознаат со квалитетот на акредитираните студиски програми – потребни на пазарот на трудот по завршување на студиите, за додипломски, постдипломски и докторски студии, условите за работа, наставата, наставниот кадар и слично.
Моите анализи укажуваат (од практиката – за некои универзитети) дека постојат универзитети што не ги исполнуваат основните критериуми, во согласност со нормативите, а добиле акредитација од Одборот за акредитација и „евалуација“, дури и за трет циклус акредитирани студиски програми. Некои универзитети имаат само по неколку редовно вработени професори, а имаат пет или повеќе факултети и многу студиски програми за кои им се дадени акредитации, а некои добиени акредитирани студиски програми дури се во мирување.

Некои државни односно јавни и приватни универзитети немаат просторни услови, немаат лаборатории, немаат можност за изведување настава и вежби по групи, немаат нагледни средства, немаат наставници имаат само запишани студенти.
Ваквиот пропуст драстично го намалува квалитетот на високото образование во Република Македонија. За ваквиот пропуст една наша пријателска земја како што е Република Турција преку својот Совет за високо образование (YOK) – највисок орган за образование, не им ги признава дипломите што ги добиле на некои универзитети во Република Македонија.
Република Турција го укина Договорот број 98/11600, потпишан во 1998 година меѓу Р Турција и Р Македонија за признавање на дипломите за средно, високо образование, магистерски и докторски студии и по 11 февруари 2017 година нема да ги признава дипломите стекнати во Република Македонија.
Самиот овој факт и дадена „образовна шлаканица“ од страна на Р Турција доволно укажуваат и упатуваат на преиспитување и зголемување на квалитетот на студиските програми чии дипломи Р Турција ги нострифицира, како и преиспитување на Одборот за издадените акредитации по универзитети, како и зошто Министерството за образование и наука во понатамошната постапка издава решение за почеток со работа, кога не ги исполнуваат условите во согласност со Законот за високо образование-Уредбите за нормативи и стандарди за основање високообразовни установи и за вршење високообразовна дејност. Ваквата состојба, слободно можам да кажам, е одраз на, како што истакнав, нефункционирање на Одборот за евалуација, кој нормативно постои, но не и во практиката, односно не функционира, каде што го согледувам и најголемиот пропуст за обезбедување, оценување и реализацијата на квалитетот во високото образование.
Од тие причини потребно е на ниво на држава да профункционира Одборот за евалуација (не функционира, а треба во согласност со Законот за високо образование), кој ќе има надлежност да го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручната работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи и врз таа основа ќе му предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или одземе акредитацијата или како што наведувам во мојата книга: „По стапките на реформските процеси на образованието во Р Македонија“ да се формираат НЕЗАВИСНИ АГЕНЦИИ од компетентни лица од теоријата и практиката, афирмирани професори од универзитетите, кои ќе ги вреднуваат и акредитираат студиските планови и програми на факултетите. За нивната работа ќе треба да дадат отчет пред Владата на Република Македонија, како и пред Собранието на Република Македонија.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

крај