Албанија

Настапите на швајцарските фудбалери Гранит Џака и Џердан Шаќири продолжуваат да се коментираат насекаде низ балканските земји и пошироко по победата на Швајцарија над Србија во петокот, која ја чинеше елиминација од Мундијалот
За големата поддршка што ја доби двојката фудбалери со потекло од Косово деновиве зборуваше и премиерот на Република Албанија, Еди Рама. Тој рече дека станува збор за двајца албански фудбалери, кои ги следи со големи симпатии, но дека, според него, нивните имиња се користат „за некакви политички балкански игри“, пишува „Косово пост“.
– Јас не сум премиер на Швајцарија, јас сум премиер на Албанија и нема причина зашто да ги издвојам од целата швајцарска репрезентација токму двајцата швајцарски државјани што имаат албанска националност, кои се Албанци, и иако ги гледаме со љубов и без сомнение со големи симпатии, за тој натпревар треба да се пофалат сите. Тие две фигури се искористуваат за политика и на начин недостоинствен, за волја на вистината. Тоа е репрезентација на друга држава, а јас со таков потег би го разгорел пламенот на национализам, извинете за изразот, но тоа е смешно, а национализмот е секогаш смешен колку што е и опасен. Не е потребно, воопшто не гледам потреба за тоа и ми се чини дека кој и да го направил ова, не постапил како што треба. Навистина жално ми беше што двајца играчи што се пристојни граѓани мора да бидат разделени од нивниот тим, бидејќи тие и затоа играат за тој тим, за успехот на таа земја, а не за нивната националност да се користи како за игра на балкански војни – нагласи Рама во разговорот со новинарите.
Инаку, во победата на Швајцарија со резултат 3 – 2 придонесе Џердан Шаќири со постигнат гол, додека Гранит Џака беше најдобар играч на теренот.
Претходно, претседателката на Косово, Вјоса Османи, на својот твитер-профил по натпреварот објави слика од двајцата играчи на Швајцарија.