Откако помина неколку незаборавни дена во небото на американските политички височини, претседателот на Владата Христијан Мицкоски се спушти на македонската земја, судирајќи се со суровата реалност што царува во неа. Од светот на фантазијата атерираше на терен полн со дупки, проблеми и неизвесности.
Фасциниран од почеста да биде гостин при инаугурацијата на Доналд Трамп, новиот претседател на САД, восхитен од ретката привилегија да биде нејзин директен сведок, одушевен од помпезноста и гламурот што ги гледаше околу него, македонскиот премиер се врати на својата грутка земја, на своето место, каде што сѐ е поинаку отколку во далечната Америка. Не му се случи нему некое ново персонално научно откритие или сознание, но едно е кога нешто се чита или гледа на филмови или телевизија, друго е кога ќе се види со свои очи. Не е баш угодно од толкава моќна и богата држава да се вратиш во својата ем мала ем сиромашна.
И што го пречека?
Денеска, 31 јануари, е првиот „црн петок“ во шестмесечното владеење на коалицијата (ВМРО-ДПМНЕ, Влен, Знам), но не оној петок за шопинг туку обратно – петок против шопингот. Може да игра мајтап некој, да не ја сфаќа сериозно граѓанската акција за бојкот на маркетите и високите цени во нив. Најавена под таговното име, умешно составено од игра на зборови – „Попусто попусти кога цените се исти“, акцијата не ќе да биде само протест против трговците. Во еден дел тоа е и незадоволство на граѓаните од власта, која не може ефикасно да ги контролира или дисциплинира, и покрај неколкуте обиди да го стори тоа.
Еден факт, кој навидум изгледа безначајно, треба се потенцира: ова е прв ваков настан што може да го носи атрибутот – историски. Не, не е претерување и не е шега кажаната реченица. Навистина не е оригинална акција, зашто е копија на она што го почнаа хрватските граѓани, но е историска по својата појавност. Вакво нешто се случува за првпат во скромната економско-политичка историја на Република Македонија (сега Северна), од комунизмот, преку социјализмот, до денешниот капитализам.
Може да се рече дека оваа иницијатива е првата широка социјална побуна против либерално-капиталистичкиот систем и безмилосните газди што ја најавнаа Македонија. Побуна што, за жал, не ја покажува храброста на народот туку е израз на неговата разочараност и немоќ да направи што било во своја корист.
Без разлика каков ефект ќе има повикот за бојкот на трговците денеска, освен што ним им се покажува жолт картон, се препознава и првата народна јавна опомена кон премиерот Мицкоски и Владата, кои, и покрај ветувањата и напорите, не најдоа ефикасен начин што би го запрел разбеснетиот галоп на цените во продавниците, во маркетите, во моловите.
Народното антитрговско „востание“ не би требало да се толкува како зародок на некаква нова шарена револуција, но никулците на незадоволството и неволјите на власта понекогаш се јавуваат неочекувано, од нигде никаде, гледано на прв поглед. Можеби утре-другиден ќе се појави некоја политичка партија од опозицијата како поттикнувач и организатор, но во овој момент насочувањето на прстот кон некого секако дека ќе води во погрешна насока. Засега храната, цените на храната што скокаат безмалку секое утро, се во прашање.
Ниту еден купувач не се чувствува пријатно кога со еден есап оди на пазар, а друг на касата му излегува. И не се чувствува гордо, зашто за да си горд прво треба да си нахранет со физичка храна, не само со духовна, да те хранат со колачи, а ти да немаш за леб. Статистичарите ќе пресметаат дека некој производ поскапел 3 или 5 отсто, но таа статистика е само една шарена опсесија. Реалната статистика е онаа што ќе ви ја каже касиерката. Ако пред некое време за неколку производи сте платиле 500 денари, сега за истиот асортиман плаќате илјада денари. Значи – поскапувањето е сто отсто. Артиклите се исти, цените различни, а парата не вреди.
Не би требало да има сомневање дека претседателот на Владата нема увид во социјалната состојба на оние со чии животи владее, ниту ги затвора очите пред она што му се случува секојдневно во државата. Не е случајно што Мицкоски одреагира предвремено, пред да се разгори огнот и рашири пламенот на незадоволството. Не случајно брзо-брзо изјави дека го разбира повикот за бојкот на маркетите како отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Всушност се приклучува на бојкотот и застанува на страната на побунетите, но истовремено се обидува вешто да симне дел од одговорноста што ја носи токму за проблемите што бојкотирачите ги поставуваат на дневен ред.
Оцените на премиерот дека ова се времиња на чесност, на фер игра и солидарност и ветувањата дека „заедно ќе изградиме систем што ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина што сакаат да се богатат на маката на граѓаните!“ убаво звучат само ако не се политичко демагошки убаво срочени фрази за да се смири револтот. Тој самиот уште во изборната кампања на свој грб јавно си го натовари ветувањето дека ќе води борба против криминалот, корупцијата, сиромаштијата. Дека, конечно, од сегашна несреќна Македонија ќе направи вистинска, организирана, одговорна и дисциплинирана држава. Белки не беа тоа ветувања вадени од празна кошница.
Најавите дека Владата ќе води беспоштедна битка против шпекулантите што на разни начини, изигрувајќи ги законите, генерираат огромни профити на грбот на граѓаните несомнено дека ќе бидат дочекувани со надеж дека ќе биде така. И трговците нема да бидат мирни иако ќе бараат нови начини да се извлечат недопрени, како што секогаш се извлекувале. Знаат тие многу марифети, користат неверојатни трикови, убаво паметат на која партија колку пари ѝ дале, кого го поддржале финансиски во изборни кампањи, кога му се нашле некому во неволна ситуација.
Трговец не е професија, трговец е карактер, тој е жив ѓавол, не само сега туку отсекогаш, не само овде туку насекаде во светот. Оттаму и борбата на Мицкоски со нив може да се изјалови. Ако веќе почнал да војува со нив, мора тој да ги совлада шпекулантите, во спротивно тие ќе го совладаат него.