Земјите во развој се изложени на нова медиумска реалност, промовирана од западните центри на глобално влијание. Имено, суштината на тоа е „секоја информација што е во спротивност со мејнстрим-политиките на влијателните развиени западни земји да може да се квалификува како дезинформација и ширење лажни вести, дури и да се квалификува дека е во спротивност со позитивното право, само затоа што се коси со нечии поставени политики и интереси на одредено подрачје односно држава“! Меѓу главните теми на шестиот медиумски форум на БРИКС беа соработката во борбата против дезинформациите, заштитата на интересите на земјите во развој и почитувањето на новинарските принципи и кодекс при пренесувањето на вистината

Шестиот медиумски форум на БРИКС и соработката во областа на медиумите и јавното мислење

Соработката во борбата против дезинформациите, заштита на интересите на земјите во развој и почитувањето на новинарските принципи во пренесувањето на вистината се политичките и економските процеси што се одвиваат во овој момент, кои беа меѓу главните теми на шестиот медиумски форум на БРИКС, кој се одржа кон крајот на август во Јоханесбург, Јужна Африка. Околу 200 претставници од околу сто медиуми, аналитички центри и меѓународни организации од околу 30 земји одржаа дискусии за патот што треба да се следи во медиумскиот пристап за информирање и известување во пресрет со новите глобални предизвици во светот. На новинарскиот форум, кој се одржа пред самитот на БРИКС, беше предупредено дека во западните медиуми состојбата во некои земји во развој се прикажува во поинакво светло. Второ, се укажа на востановувањето новонаметнати непринципиелни тенденции од страна на западните центри на моќ, во кои „информациите што доаѓаат од информативните гласила и медиуми што не се во согласност со политиките на центрите на моќ (decision makers) на развиените (западни) држави се прогласуваат како ’дезинформации’, неточни, лажни вести, па дури и под закана дека се казниви по внатрешното право на тие држави“.

Пораките од панелот на медиумите

На панелот за медиумите, на кој учествуваа претставници на водечките агенции во земјите-членки на БРИКС, беше разговарано за улогата на медиумите во новите глобални околности, а беше истакната и потребата од зајакнување на размената на информациите во стимулирање на економскиот раст на земјите во развој (и во Африка).
Беше обрнато исклучително внимание на новите западни тенденции на политичкиот маркетинг, информирањето и формулирање на политичката порака, на ставањето во функција на групите од интерес (на Западот) со помош на медиумските алатки, како и психолошките и масовните комуникациски процеси што стојат зад јавното мислење, а кои со новите западни тенденции во целост се искривуваат. Беше констатирано дека е недопустливо „секоја информација што е во спротивност со мејнстрим-политиките на влијателните развиени западни земји да може да се квалификува како дезинформација и ширење лажни вести, дури и да се квалификува дека е во спротивност со позитивното право, само затоа што се коси со нечии поставени политики и интереси на одредено подрачје односно држава“!
Во тој контекст на шестиот медиумски форум на БРИКС беа испратени пораки до сите страни во светот, а особено до земјите во развој дека треба да се направат исклучителни напори медиумите и системите за масовна комуникација да се вратат на своите изворни, професионални принципи на работа и во функција на објективноста, вистината и на граѓаните.
Понатаму, „да се препознаат теориите на масовна комуникација во секојдневниот живот, општествените феномени и медиумските содржини и да го разоткријат процесот на формирање на јавното мислење“, како и јавноста „да стекне знаење и разбирање за основните концепти на јавното мислење, да се „препознаат, толкуваат и расчленат политички пораки, пропаганда и политички маркетинг воопшто“.

Некои дискусии на шестиот медиумски форум на БРИКС

Медиумите на земјите од БРИКС имаат значителни одговорности во оваа ера и уживаат огромен простор за соработка, изјавил Фу Хуа, претседател на новинската агенција „Ксинхуа“.
Дакота Легоете, член на Националниот извршен комитет на Африканскиот национален конгрес, рече дека медиумскиот форум на БРИКС стана важна платформа за зајакнување на гласот на земјите од БРИКС, додека, како што напомена, некои земји се обидуваат да го монополизираат меѓународниот дискурс и да ги вооружат медиумите да напаѓаат други суверени држави.
– Западните медиуми ја прикажуваат Африка како нешто ужасно, каде што војната, гладот и болестите се распространети, додавајќи дека приказните објавени од други медиуми освен од западните биле етикетирани како „дезинформација“ откако ќе се оддалечат од западниот наратив – забележа Елизавета Бродскаја, прва заменичка на главниот уредник на „Раша тудеј“.
Хозе Хуан Санчез, претставник на бразилската „ЦМА груп“, ја истакна важноста на веродостојните и непристрасни информации за вестите.
– Комуникацијата меѓу медиумите на БРИКС е клучна, а земјите-членки треба да бараат одржлив развој во економските, еколошките и социјалните области – рече тој.
Претставниците на медиумите на земјите од БРИКС порачаа да работат заеднички со африканските медиуми за да ја покажат одговорноста за нивната заедничка мисија за создавање силна синергија за зајакнување на јавното мислење, градење консензус меѓу медиумите во пазарните економии во развој и земјите во развој и проширување на влијанието на БРИКС. Генералниот заклучок од овој медиумски самит е дека светот се соочува со радикални промени без преседан во изминатите сто години и се очекува да се слушне посилен глас на земјите од БРИКС, кои би одиграле поважна улога во промовирањето на глобалната мултиполарност, економската глобализација и демократијата во меѓународните односи, а особено во борбата против наметнатото мислење или обликување на јавното мислење по нечиј терк, што е сосема спротивно од објективноста, вистинитоста и принципите и мисијата на медиумите. Р.Н.М.


Само она што ќе го кажат мејнстрим-центрите е вистина и единствена исправна политика, додека сè друго е пропаганда, дезинформација и лажна вест?!

Лажен наратив за лажни вести

По пандемијата на ковид-19, а потоа и со ескалирањето на кризата во руско-украинските односи, на интернет-платформите се проширија дезинформации и лажни вести што беа емитувани со одредена политички мотиви, кои имаа цел да пласираат само една вистина. Во последниот период во земјите во кои се прокламираат слободата на говор и правото на изнесување сопствен став во медиумите може да се забележи наративот, а кој го употребуваат и некои политичари во земјава, со кој сите што искажуваат одредени резерви и стравувања поради последиците од евентуалните уставни измени се нарекуваат „хистерични“ и „антиевропски“ елементи. Произлегува дека „само она што ќе го кажат мејнстрим-центрите е вистина и единствена исправна политика, додека сè друго е пропаганда, дезинформација и лажна вест“!
Имено, секоја информација што е во спротивност со мејнстрим-политиките лесно може да се квалификува како дезинформација и ширење лажни вести само затоа што се коси со нечии поставени политики и интереси на одредено подрачје, па дури и да се квалификува како недозволено поведение или кривично дело?!
Неодамна земјава ја посети специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, кој, коментирајќи ги процесите во земјава околу уставните измени, рече дека е легитимно некој да изнесува свое мислење и да не се согласува со одлуките за уставни измени, но доколку се шират дезинформации и пропаганда, тогаш ќе биде многу тешко да се води нормална политичка дебата за прашања како што е промената на Уставот.
Дополнително прашање е дали на тој начин не се задира во демократијата на една држава, дали не се нарушува нејзиниот суверенитет и, воопшто, дали со таквата информациско-дезинформациска борба не се слабее внатрешното ткиво на земјата. Поаѓајќи од оваа логика, произлегува дека во нашиот случај секое мислење што е спротивно на актуелниот наратив на Брисел околу уставните измени ќе биде оценето како ширење дезинформации, лажни вести, а во полза на пропагандата и влијанијата од трети земји. Ваква категоризација што е информација, а што дезинформација е длабоко задирање во демократијата на една земја, но генерално се коси и со самите новинарски принципи, кои подразбираат за секоја проблематика еднакво да бидат застапени сите гледишта и позиции, без да му се ускратува некому правото јавно да го изнесе сопствениот став. По оваа логика на Рубин, секој може да каже што сака, но ако тоа е спротивно на генералната меѓународна заложба дека Македонија мора да го промени Уставот, тогаш нема зошто тоа да не се смета за дезинформација или лажна вест бидејќи ги попречува „демократските“ процеси на државата.