Високите температури не претставуваат ризик само од топлотен удар туку и од труење со сонце. Да, таа состојба е реална и многу сериозна. Најчесто е предизвикана од изложување на ултравиолетово зрачење, кое предизвикува воспаление на кожата, па всушност тоа е лаички назив за многу тешки изгореници од сонце. За разлика од малите изгореници, труењето со сонце обично бара третман за да се спречат компликации како што се оштетување на кожата, топлотен удар и рак.
Еден од најчестите симптоми е оток на лицето, што е најчеста алергиска реакција на сонце. Другите симптоми вклучуваат црвенило и плускавци на кожата, болка и пецкање, отоци, главоболка, треска, гадење, вртоглавица и дехидрација.
Труењето со сонце можете да го спречите така што ќе се тргнете од сонце или ќе останете во сенка, особено помеѓу 11 и 15 часот. Носете капа и лесна облека од материјали што дишат и редовно нанесувајте крем за сончање. Избегнувајте вежбање или активности што ве загреваат. Јадете ладна храна и освежувајте се со пијалаци, но држете се настрана од алкохол, кофеин и топли пијалаци. Туширајте се со ладна вода, затворете ги прозорците прекуден, но отворете ги навечер, кога температурата на воздухот паѓа.