Денеска, почитувани читатели, ќе читате една басна посветена на најавените собраниски избори во Македонија. Басната, како и секоја басна, е преполна со симболи и алузии. Не мора да се мачите за да препознаете зад кое животно се крие симболиката на трите најголеми партии во државата. Лавот е амблем на грбот на ВМРО, двоглавиот орел е на знамето на Албанците, (ДУИ и другите), зајакот како синоним на Социјалдемократскиот сојуз, кој сѐ уште го носи белегот на Зоран Заев, доскорешен партиски претседател. За кои симболи ќе се определите останува на вас. Јас во тоа не се мешам.
Прво за лавот, кралот на животните, втора најголема мачка по тигарот. Симбол на моќта, на највисоката власт, на Сонцето и на златото, реинкарнација на силата, на мудроста и правдата, на врвот на хиерархијата во неговата заедница. Силен и храбар, уништувач на злото и на незнаењето. Од лошите му се припишуваат претераната горделивост и сигурност во себе што прават да биде симбол на татко, на господар, но и на владетел заслепен од сопствената моќ и силина. Од таквата горделива заслепеност станува тиранин верувајќи дека е заштитник што може да побудува и восхит и одбивност.
Лавот како месојад, со својот облик, силно тело, густа грива, сугерира авторитет и непобедлива сила, ненадминливо и нескротливо настојување да ги достигне замислените височини, понекогаш идентификувајќи се со божество. Се верува дека тој гледа сѐ, дека има контрола врз целата околина и сѐ што е живо и мрда во неа, дека има очи и напред и назад, кои се отворени и дење и ноќе. Со неговото рикање што се шири низ просторот и времето ја протресува и буди околината и покажува колку е голема неговата сила, колку е моќен неговиот збор, колку треба да се почитува неговиот закон, потпрен на истата сила. Тој однос го прифаќаат и другите животни зашто имаат интерес, особено хиените, кои го добиваат најголемиот дел од пленот што лавот го усмртил.
Други особини: Неговата сила на моменти не може да се контролира, не се предава дури и кога е фатен во мрежа. Жесток и гневен карактер, но со неверојатен инстинкт за опасноста што му се приближува, со ретка способност да ги брише сопствените траги кога е гонет од непријателите или ловците. Симбол на лакомост, на изопачени нагони, на тежнеење за деспотска власт со живиот свет во околината. Истовремено е и симбол на правдата. Во некои верувања е заштитник од штетни влијанија, тој ги брка демоните, им носи здравје и напредок на семејствата, на селата и заедниците. Конечно, лавот сам по себе е симбол на обновувањето, на враќањето од темнината кон светлината.
Ако лавот е поврзан со Сонцето, зајакот е со Месечината. Во некои стари религии се верува дека зајакот го создал светот. Преку него се изразува симболиката на плодноста и размножувањето, на водите и на бујната вегетација, на постојаното возобновување на животот во сите негови форми. Див или питом, го има речиси во сите митологии, верувања и народни преданија. Зајакот е таинствено животинче, дење спие, а ноќе скока. Може нечујно, одненадеж, да се појави како сенка, да го направи тоа што треба да го направи и да исчезне, да не се појави по вторпат. Нештата што може да ги направи зајакот изгледаат наивни, но последиците од тоа може да бидат несогледливи.
Зајакот е јунак и маченик, кротко, слабо и безопасно животно, но кое се бори и е готово да го жртвува својот детинест карактер за идниот развој на светот. Симболички се поврзува со пубертетот во кој веќе не важат оправдувањата за детските игри, туку ги даваат првите плодови на младоста, кога се собира искуството како да дојде до храна и да се одбрани од предаторите. Со големите уши може да го слушне и регистрира секој природен и човечки шум, оддалеку да го насети непријателот. Иако спаѓа во групата на ситен дивеч, во одредени периоди е под заштита, не смее да се лови, прогонува и вознемирува.
Ова плашливо тревопасно диво животно од фамилијата глодачи, освен што е прославено по брзината кога бега, е поврзано со симболите за изобилие, бујност и масовно размножување. Од друга страна, во себе носи доза неумереност, расипништво, похота, претерување. Во некои ситуации покажува невообичаена способност да го уништи она што сам го започнал, она што на почетокот изгледало добро, позитивно и ветувачко, да го сврти против себе, да заврши лошо, му бега она што сакал да го контролира или изгради. Кога го бркаат, кога бега, постојано ја менува насоката, се движи цикцак, со што се обидува да ја залаже трагата пред предаторот и гонителот. Во тие „ловечки игри“ на почетокот изгледа недофатлив и несовладлив, но колку подолго трае ловот толку неговите шанси да преживее се помали, иако има голем број вицеви за тоа што ѝ прави малиот зајак дури и на големата мечка. И тоа успешно.
Ако лавот е крал меѓу животните на земјата, орелот е крал меѓу птиците на небото, небескиот жив господар. Гласник на небескиот оган, посредник меѓу Земјата и небото, единствено живо суштество што може да се загледа директно во Сонцето без да си ги изгори очите. Симбол на сите богови на небото, на кралското достоинство, на авторитет и сила, на воздигнување во височина, на изострениот вид и строгиот поглед. На храброста, упорноста и нестрашливоста на воинот. Господар на молњите и грмотевицата. Птица заштитник: исконски симбол за таткото и сите облици на татковството за заштита на своето семејство, својот пород. Фигурата на орелот означува владеење, стремеж кон врвовите, брз лет, подвижност, итрост, мајсторство во наоѓањето закрепнувачка храна.
Не постои митска или историска слика на некоја цивилизација каде што орелот не се вбројува до големите херои, односно до боговите. Уште од Ацтеките, па преку западниот фолклор, сѐ до Балканот, раскажани се голем број приказни за спротивставеноста меѓу орелот и лавот, за нивните борбени пресметки, каде што орелот, речиси секогаш излегува како победник, што симболизира победа на духот и интелектот над физичката сила.
Симбол на неумоливата и ненаситна волја. Секогаш сака да биде победник, тој е оној што упорно опсадува, што жртвата не ја остава на мира макар и по цена на пролевање сопствена крв. Следен од моментните страсти и емоции станува агресивен, немилосрден, понекогаш дури и непресметлив на сопствена штета. Вечно незадоволен од своите дела, спектакуларен во својот инает при обидите да ја победи гравитацијата на земјата. Некои зоолози, пак, тврдат дека низ легендите, неосновано се преувеличуваат неговите вредности, како и прекумерната изопачена моќ.